Од излезот од Желино, па до надвозникот за село Добарце, најубавиот природен предел во оваа рурална општина, на планината Сува Гора, се уништува природно богатство, засадено за време на работните акции во поранешна Југославија.
Од Општина Желино велат дека шумата во овој предел се сече согласно урбанистичкиот план од 2012 година, кога земјиштетото од шумско било пренаменето во градежно, за што согласност дала и Агенцијата за просторно планирање.
Борова шума долж автопатот Тетово – Скопје, стара повеќе од половина век, веќе неколку години се сече, а на соголените локации се градат фабрики.
Од излезот од Желино, па до надвозникот за село Добарце, најубавиот природен предел во оваа рурална Општина, на планината Сува Гора, се уништува природно богатство, засадено за време на работните акции во поранешна Југославија.
Од Здружението „Еко герила“ велат дека неколкупати реагирале за, како што го нарекуваат, овој еколошки геноцид, но и покрај тоа никој не презел мерки за да запре сечата. Велат дека шумата е генератор на воздухот во овој предел, но наместо тоа, локацијата почнала да се користи за остварување профит и за бизнис-интереси на одредени поединци.
– Шумата треба да служи како завеса која би го штитела селото од прав и други штетни материи, пред сѐ издувни гасови кои доаѓаат од возилата што се движат по автопатот. Но, таму веќе се гради на големо. Во близина има индустриска зона, а таму речиси и да нема фабрики. Ќе беше многу попаметно во индустриската зона да се градеа фабриките, а не тука да се уништува овој преубав предел – рече Аријанит Џафери од „Еко герила“.
Од Општина Желино велат дека шумата во овој предел се сече согласно урбанистичкиот план на Општината, донесен уште во 2012 година. Тогаш било донесена одлука земјиштетото од шумско да биде пренаменето во градежно. За оваа одлука дала согласност и Агенцијата за просторно планирање. Во целата постапка имало и одреден пропуст, кој веќе е решен, велат од општината.
Не е спорна постапката
– За исечените дрвја од страна на Општина Желино требаше да се исплати надоместок согласно законските прописи. Јавното претпријатие „Македонски шуми“ покрена постапка против Општина Желино за неисплаќање на надоместокот за исечените дрвја. По ова, во 2016 година помеѓу Општина Желино и „Македонски шуми“ беше склучен договор за надоместок за изгубена дрвна маса. Износот кој требаше да го исплати Општината беше поголем од 10 илјади евра и тој е платен во 2016 година, а „Македонски шуми“ доставија потврда до Општина Желино дека ги имаат подмирено сите обврски – истакнаа од Општина Желино.
Од „Еко герила“ велат дека воопшто не е спорно дали постапката за сечата на шумата била законска или не и дали „Македонски шуми“ добило пари за сечата.
– Не се работи за законски процедури. Најважен е фактот дека се сече најубавиот предел во ова место и уште поголема трагедија е што зад оваа одлука стојат државни институции. Тие треба да ги чуваат ваквите места, а не да ги уништуваат заради бизнис-интереси. Се надевам дека барем тоа што останало од шумата ќе се зачува и апелираме како што се донело одлука земјиштето од шумско да стане градежно, така и сега треба да донесат одлука земјиштето повторно да се пренамени и да стане шумско. Во спротивно нема да остане ниту едно дрво – истакнаа од „Еко герила“.
Зоран Димовски
ConversionConversion EmoticonEmoticon