Палмите биле преплатени за 400.000 евра, а штетникот е гратис!


Увозот и садењето на палмите е страшен волунтаризам, ненаменско трошење јавни пари, потенцијална огромна штета по растителниот свет во земјава и се разбира, срам кој треба да остане како поука за во иднина. Сето ова го покажаа сознанијата до кои дојде НОВА, истражувајќи ја оваа малку подзаборавена тема
Палмореди се саделе во Месопотамија, древен  Египет и некои други култури околу медитеранскиот басен, со главна цел да се одбележи некаков триумф. Овој факт што може да се најде на интернет, е единственото логично објаснување ако се бара одговор на прашањето зошто Никола Груевски како примиер во 2013 година одлучил да се посадат неколку стотици палми во Скопје кои само за една година завршија на буниште. Дали владата на Груевски сакала да ни испрати порака за некаков триумф со ваквата одлука која граѓаните ги чини многу не знаеме, но она што успеавме да дознаеме е следното:
Премногу волунтаризaм, индиции за можна корупција и за криминал, ненаменско трошење јавни пари, непочитување на законите и прописите кои патем се со дупки и потенцијално големо загрозување на растителниот свет во Македонија….
„Снимање“ и „прикажување“ на овој нaдреален филм ги чинеше граѓаните неутврдена сума, која стартува со 522 илјади евра. Толку беа платени само според јавната набавка. Филмот се прикажа во 2015 година, а беше реприкажан во 2017 година во првите месеци од зимата, кога беше констатирано дека сите до една од насадените околу 400 палми во Скопје изумреа од студот што континуирано ја беше заковал земјата три недели.
Целaта предисторија околу палмите започнува некаде во 2013 година директно на седница на Владата на РМ, тогаш предводена од Никола Груевски и завршува со нивното насадување главно во Скопје, Гевгелија, Дојран, Преспа и Охрид, додека премиер е сеуште Груевски, некаде во средината на 2015 година.

Скопје не било предвидено за палми во 2013 година

Според документите со кои располага НОВА, во средината на април 2013 година Канцеларијата на Претседателот на Владата (Никола Груевски) за усвојување на седница на Влада што требало да се оддржи на 14.05.2013 предлага заклучок:
Се задолжува ЈП “Македонски шуми„ да достави Акционен план за временски период од 3 години, почнувајќи од 2013 година, за засадување на палми и  леандри покрај Охридското Езеро и Дојранското Езеро на седница на Влада во рок од 2 недели.
Овој заклучок е предложен врз основа на состанок на претседателот на Владата со претставници од МЗЖВ одржан на 08.04.2013 година. Како што може да се види, засадување палми во Скопје во 2013 година не било предвидено!
ЈП Македонски шуми го извршува задолжението од седницата на Влада која се одржала на 14-ти мај и подготвила Акционен план, кој е изготвен во јуни 2013 година. Со овој план во 2013, 2014 и 2015 година било предвидено да се засадат вкупно 5.550 садници oлеандри (Nerium oleander) и 582 садници влакнеста палма (Trachycarpus fortunei).
Не најдовме документ дали биле набавени и засадени палми во 2013 година. Но приказната продолжува во пролет 2014 година и овој пат е вклучено и Скопје. Владата на предлог на Канцеларијата на премиерот, усвојува заклучок со кој го задолжува ЈП Македонски шуми да набави палми за да се насадат за време на акцијата Ден на дрвото 2014 година, високи над 5 метри, во Охрид, Струга, Преспа, Дојран и Гевгелија, а доколку има услови и во Скопје. Ова е заклучок од седница на Влада одржана 20.05.2014, заклучок бр.9 од 60-та точка на расправа на седницата.
По ова, во јули 2014 ЈП Македонски шуми изготвува многу важна „Информација со акционен план со финансиска апликација“. Од оваа Информација може да се забележат неколку работи што ќе ги систематизираме:
·        ЈП Македонски шуми ќе распише тендер за набавка на 1100 палми од типот Trachycarpus fortunei, со величина од 300-400 цм, од странство зашто истите не се произведуваат во РМ.
·        ЈП Македонски шуми е согласно за засадување на палмите покрај езерата во Охрид, Струга, Преспа и Дојран, на локации каде што општините ќе определат.
·        ЈП Македонски шуми предупредува дека засадувањето во Гевгелија покрај автопатот од Богородица до Гевгелија е ризично поради температури што се симнуваат и до -16 степени, како и поради сиромашната почва, а споменатата палма бара богата земја и доста вода. Од тука, јавното претпријатие предлага доколку се опстои на планот, да се извршат соодветни подготовки преку системот на јавни набавки со други претпријатија за да се обезбеди наводнување од системот капка по капка, бунар со акумулационен простор, итн.
·        Засадувањето палми во Скопје од типот Trachycarpus fortunei е доста ризично поради карактеристичната микро клима, т.е. температурната инверзија, поради што студен воздух и ниски температури може да се задржат подолг период.

При изготвувањето на оваа Информација од двајца дипломирани шумарски инженери од ЈП Македонски шуми, уште на почетокот е напомнато дека според нивните сознанија влакнестата палма може да издржи температури до – 12 степени.
Има уште три информации наведени во документот што се важни за целата приказна:
·        ЈП Македонски шуми изрично смета дека при задолжението од Влада за набавка на палми од 500 цм и повисоки, „веројатноста за адаптирање и понатамошно успешно физиолошко развивање е крајно дискутабилно, бидејќи повозрасните садници потешко се адаптираат на изменети почвени и микроклиматски услови, а воедно и транспортот на садниците е еден од ризичните фактори кој понатака ќе ја поремети во целост фенологијата на садницата“.
·        Според сознанијата на ЈП Македонски шуми цените на палмите се следни: за садница од влакнестата палма до 300 цм цената се движи во зависност од побарувачката до 280 евра по парче, а за онаа до 400 цм, 380 евра по парче, па согласно ова вкупната набавка на 1100 садници би била или 308 илјади или 418 илјади евра.
·        ЈП Македонски шуми ја известува Владата дека нема финансиски средства за набавка на палмите па предлага тие да се платат од Буџетот на РМ, т.е преку Министерството за земјоделство.

Од овој документ се гледа дека и за научната оправданост и за финансиските импликации Владата т.е. Никола Груевскибил предупреден и што е уште поинтересно, на Информацијата покрај инженерите кои чесно си ја завршиле својата работа, потпис и печат има ставено и директорот Жарко Караџоски, кој во годините потоа во сите јавни изјави до последен момент ја бранеше целата акција – и увозот и шансите за преживување и цените на палмите.
На нашето прашање како тогаш реагирала Владата и од каде се податоците и за спецификацијата на палмите и за проценетата вредност, Караџовски ни одгoвори:

Да точно е тоа дека ја подготвивме таа Информација и ја доставивме до Владата. Владата ја прими само како документ од информативен карактер и постапи како што постапи, односно го задолжи ЈП Македонски Шуми да набави палми, да ги распредели по општините и да бидат засадени во рамките на акцијата Ден на дрвото.
Податоците во Информацијата ги подготвија нашите стручни соработници. Знаете во Македонија има малку, односно до тогаш нималку искуство поврзани со палмите, па тие информации се резултат на проучувања што можеа нашите вработени да ги најдат во литературaта. Најмногу се работеше во Секторот за одгледување, кој е задолжен за се што е поврзано со шумите. Што се однесува до цените наведени во информацијата за влакнестите палми, тие се направени од некои наши согледувања во тој момент на светскиот пазар од оние места каде што можат да се набават палмите.
Инаку ние бевме должни и да ја предупредиме Владата дека ЈП Македонски шуми нема доволно средства за набавка на палмите, па затоа подоцна тие се покриени со средства од Програмата за рурален развој.

Ненаменско трошење на пари

Видливо е дека и покрај повеќе дубиози што се наведени во Информацијата, а продолжуваат со сомневања и негативни мислења за што сведоштво најдовме во едно мислење од Генералниот колегиум на државни секретари упатено до Комисијата за економски систем и тековна политика, веќе во август и септември Владата го тера својот првично замислен план и го задолжува ЈП Македонски шуми да распише тендер за набавка на палмите и тоа стотици палми со височина од над 5 метри, при што 160 се со височина од 8 метри.
Што се однесува до покривање на финансиската дупка, бидејќи Владата била известена дека ЈП Македонски шуми нема пари за набавка на палмите, од документите што се на располагање може да се види дека Владата го задолжило МЗШВ да ја покрие дупката, а Министерството на 13.09.2014 подготвило процедура со која Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието преку Програмата за рурален развој за 2015 г.(ставка 323), ќе префрли 19 милиони денари, „со што се овозможува покривање на трошоци за садење на палми и создавање на правен основ за „садење на палми покрај природни езера и магистрален пат“, за кои средства како корисници на мерката се предвидени единиците на локална самоуправа и ЈП за државни патишта – се наведува во одговорот што го добивме од владините служби.
Станува збор за „вратоломија“ со која парите се обезбедуваат од Буџетот, но на тој начин што општините каде е предвидено садењето на палмите требале да аплицираат во Програмата за рурален развој за да побараат пари за садењето на палмите, а МЗШВ во истата Програма да вметне „садење на палми покрај природни езера“ . Ова е нацрт записник од седница на Влада одржана на 1-ви август 2014 година во однос на 38-та точка, а е упатена како информација до ЈП Македонски шуми и е потпишана од генералниот секретар на Владата Кирил Божиновски.
Ако се погледне на сајтот на Агенцијата и се видат нивните документи, статут, цели и со што се занимаваат, неможе да се најде дека садење палми во градски средини има некаква врска со рурален развој, а самата ставка 323 по која се префрлени парите гласи: „Зачувување и унапредување на традиционалните вредности во рурални подрачја“. Ова пак, упатува на дискусија дали парите биле наменски потрошени или станува збор за злоупотреба, за што веруваме одговорот би требало да е недвосмислен.

Платени 500 илјади чинеле нешто над 100 илјади

Она што е важно за јавниот интерес, е се разбира,  колку ова „задоволство“ на врвот на политиката во тој период во Македонија, ја чинело државата.
Споредувајќи ги парите кои се споменуваат на почетокот на тендерот и фактурите што им се исплатени од страна на ЈП Македонски шуми на Розен центар, фирмата што ги увезла, заедно со фактурите што се приложени во документите за увоз на царинскиот премин, дојдовме до фантастична разлика од близу 400 илјади евра.
Според информациите на НОВА, сумата платена за палмите во долари на кинеската компанија, имајќи го притоа и предвид и средниот курс на доларот за пролетта и за цела 2015 година, покажуваат дека тие се купени за околу 100 илјади долари, за испорака до Солун. Имајќи предвид трошоците за транспорт, царина и ддв не надминуваат повеќе од неколку десетина илјади долари (царината изнесувала нешто над 10 илјади, а ддв-то 22 илјади евра) целата сума претворена во евра не би требало да изнесува нешто повеќе од околу 130 илјади евра. А, државата исплатила 522 илјади евра.
Тоа пак, значи, дека компанијата направила ептен добра зделка, а процената на ЈП Македонски Шуми за цената на чинење на палмите била нереална и претерана. Од државниот буџет директно за увозот на палмите биле непотребно платени над 500 илјади евра. Во оваа сума не влегуваат парите истрошени за наводнување на палмите преку лето и за нивно греење со грејачи и со најлони за да не замрзнат преку зима.
Детали за парите и фактурите:
·        Нешто над 100 илјади долари е целиот увоз на 1046 садници, според фактурите
·        Курсот на доларот растел од 54 до 58 денари за еден долар во 2015
·        Просек близу периодот кога се увезени е 55 денари за еден долар, што за сума од 100.994 долари е еднакво на околу или 90.319  илјади евра.
·        Договорот за јавна набавка од декември 2014 помеѓу ЈП Македонски Шуми и Розен центар вели дека таа е склучена за набавка на 1000 садници Палми за вкупна вредност од 32.148 милиони денари со пресметан ддв, врз основа на е- аукцијата или 731 илјади евра
·        Единечна садница од палма од 8 м, според фактура од кинезите изнесува 238 долари или 13.328 денари или околи 217 евра, а од Розен е фактурирана до ЈП Македонски шуми за 45.501 денари (околу 740 евра) или со ДДВ 53.692 (околу 873 евра).

Грешки во садење – причина за смрт на палмите уште на почеток

По завршениот тендер кој е заклучен во декември 2014 година и на кој победила фирмата Розен Центар, во мај следната година набавени се и увезени 1046 палми со различна големина на стаблото, испорачани се до подружниците на ЈП Македонски шуми или во ЈП кои се занимаваат со одржување на зеленилото во општините и веќе во средината на  јуни започнато е садењето на палмите. Тука, меѓу документите може да се најде уште еден интересен детаљ. Имено, комисиите што излегле да видат на терен еден месец подоцна како напредуваат палмите, констатирале дека дел од нив не преживеале поради тоа што неколку недели се чувани во несоодветни услови (контејнерите со кои се испорачани), а дел се нестручно засадени и тоа било причина за угинувањето на десетина парчиња уште на самиот старт.
Комисијата на ЈП Македoнски шуми во записник од извршена контрола  на 18.06 2015, а со датум на архива од 9-ти јули 2015 година, во расадникот во Бутел на ЈП Паркови и зеленило, каде што на 2-ри јуни биле предадени палмите наменети за Скопје, меѓу другото констатирала и следното: Вкупно исушени 45 палми!

Меѓу причините, малку парафразирано, се набројани три:
·        Ровот во кој биле засадени палмите бил со длабочина од 120 цм поради што влагата од залевањето на садниците не стигнала до кореновиот систем.
·        Палмите биле утрапени заедно со специјалната фолија со која бил обвиткан бусенот и кореновиот систем, па влагата преку дотокот на вода не можела да допре до жилите на растението.
·        Периодот на чување на палмите од 21.05 и од 28.05 кога се донесени по увозот и утрапени во расадникот, до 18.06 2015  е предолг период на чекање, повеќе од 28 дена и дека за овој период морало да се засадат садниците на местата на кои биле предвидени за постојана локација.
Ова е уште едно сведоштво за неукоста и несериозноста со која е пријдено при реализација на идејата палми во Македонија и во Скопје.

Пронајден штетен микроорганизам!

Истражувајќи ја сторијата околу палмите најдовме многу нови вести, но, секако најзагрижувачката е, дека со увозот на палмите најверојатно е увезен и многу штетен микроорганизам. Ова сознание го добивме при контактите со професорите од Шумарскиот факултет, истражувајќи дали воопшто биле консултирани и дали палмите со оглед дека се неафтохтони растенија, може да нанесат штета на животната средина на кој било начин.
Д-р Кирил Сотировски, редовен професор и декан на Шумарскиот факултет во Скопје, не изненади со сознанието дека во една од палмите, нивен колега пронашол микроорганизам – габа, кој досега не е регистриран во Македонија.


За жал, од проби земени од само неколку примероци почва и коренчиња од палмите, во рамките на научно истражување за докторската теза на мојот соработник, д-р Михајло Ристески, во 2017 г. беше откриено присуство на видот Phytophthora inundata – вели Сотировски.
Тој додава дека „тоа е прв наод за тој вид патоген во Македонија, а лоша вест е што во науката е познат како патоген по голем број растителни видови, како што се див костен, врби, цитруси, морков, магдонос и др“.
На прашањето што тоа конкретно значи и колкава е штетата, професорот, оградувајќи се дека само еден пронајден примерок е малку за да се носат сигурни заклучоци, сепак одговара дека е многу веројатно,  дека патогенот бил увезен со почвата од каде се купени палмите и дека со наводнување, огромна е веројатноста дека тој штетник е веќе проширен на подрачјата каде биле засадувани палмите.
Речиси е сигурно дека на некое од местата на кое биле засадувани палмите, особено со наводнувањето, да постојат услови тој патоген вид не само да преживее, туку со текот на времето и да се пошири во околната почва. Прашање на случај и на време е кога, односно дали, следните генерации на патогениот микроорганизам ќе дојдат во контакт со други растителни видови кои ќе послужат како домаќини. Имајќи ги предвид искуствата со целиот род Phytophthora низ историјата и во светски рамки, тој фитопатоген ќе остане тука засекогаш. Единствено е прашање на време кога ќе почнеме да гледаме некакви последици од деструктивноста – дали после само неколку години, или после неколку децении – вели Сотировски.
Тој не е оптимист ниту во однос на можните мерки што би ги презела државата да се справи со вакви последици.
Државата ќе нема финансиска моќ да се справува доколку се етаблира тој патоген, најмногу бидејќи се работи за почвен микроорганизам, а тоа е уште потенцирано на полошо, бидејќи се работи за отворен простор. Ниту многу помоќни земји не успеале во тоа во минатото, па ни во сегашноста – вели д-р Кирил Сотировски, декан на Шумарскиот факултет од Скопје (целиот разговор со Сотировски можете да го прочитате подолу).
Крајниот резултат од волунтаризмот изнесува едно големо промашување, со оглед на фактот што сите, нешто под 400 палми во Скопје угинаа, а мал број се преживеани во останатите три локации каде беа садени, плус огромната потенцијална опасност од откриениот микроорганизам, т.е. штетник, габата што ја најдоа професорите од Шумарскиот факултет.  Затоа за крај би завршиле со зборовите на деканот на Факултетот, Сотировски:
Интродукцијата на палмите е само еден еклатантен пример за паушалност, несериозност и тврдоглавост од нашето поблиско минато, а такви имаше многу, не само во шумарството. Голема срамота за целата нација е да ни се подбиваат низ светот затоа што со најлони заштитуваме палми, или инсталираме чешмички за нивно наводнување. Ми се чини дека ниту најголемите сатиричари не можеа да смислат таква сторија, а кај нас се случуваше во реалност.     

Тендер и увоз – сомнителни елементи

Тендерот за увоз на Палми за зазеленување на јавни површини е распишан од страна на Јавното претпријатие (ЈП) Македонски шуми при крајот на 2014 година. На тендерот со посебно пропишани услови се јавуваат две компании, едната Гордон Универзал ДОО и втората онаа што го добива тендерот Розен центар ДООЕЛ од с. Стримница, Општина Желино, тетовска семејна компанија со промена на управителот во семејниот круг, според влошката од Централниот регистар. Аукцијата била електронска и на јавното надавање на кое критериум бил цената, победува Розен центар, која почетната цена од над 40 милиони денари ја спушта за половина час на конечни 29 милиони денари и така за само неколку илјади евра помалку од конкурентот, победува. На тој начин, тие законски ги исполнуваат условите и ја добиваат јавната набавка.
Но, има тука еден сомнителен момент. Како еден од условите за учество на тендерот е наведен и податокот дека трговците мора да поседуваат фитосанитарен сертификат или фитосанитарна изјава за производот што треба да го понудат. Розен центар нуди фитосанитарна изјава од комапнија од Софија која според првични проверки на наши колеги од Софија, е исто така мала компанија, со мал обрт.
Неколку експерти со кои контактиравме од областа на растенија ни кажаа дека барањето фитосанитарна изјава е невообичаено, дотолку повеќе што изјавата што ја приложил Розен во документацијата е многу неодредена.

Она што е необично е фактот што бугарската компанија без да наведе детали тврди дека понудата за растенијата што ги има, ги исполнуваат сите услови, вклучувајќи ги и здравствените. Ова пак укажува на две можни работи. Или Розен центар веќе ја имал договорена набавката уште пред јавното наддавање, а спуштањето на цената било резултат на фактот што се појавил неочекувано друг конкурент или пак конкурентот не бил со сериозни намери, најблаго речено, а условот за фитосантирната изјава е даден формално, платена или на пријателска основа, само колку да се задоволи еден од условите на тендерот.
По добивањето на јавната набавка Розен центар со партнер од Кина ја договара зделката за купување и транспорт на палмите.
Според проверката во Царинската управа на увозот е извршена редовна царинска процедура и платени се давачките кон држвата за царина и ддв, но како шумски дрвца, а не декоративни растенија. До ова дошло затоа што според постојната законска и подзаконска регулатива, палмите не постојат во правилниците на МЗВШ, па е искористен друг закон.
Но само ако се погледне еден друг документ, Л И С Т И НА ШТЕТНИ ОРГАНИЗМИ, РАСТЕНИЈА, РАСТИТЕЛНИ ПРОИЗВОДИ И ДРУГИ ОБЈЕКТИ И ПРЕДМЕТИ Сл.В 65/10, посебно Листа IV Дел А, Посебни фитосанитарни барања што мора да се исполнат како услов за увоз или движење на растенија…на целата територија на РМ …со потекло од трети земји и ако се погледнат Точка 37 и посебно 37.1 каде е специфициран и Трахикарпус – от (стр.70 и стр.71), ќе се види колку големо внимание требало да се посвети при увозот од страна на инспекциските власти за да се превенира она што веќе се случило – со палмите да увеземе и штетен микроорганизам!

ИНТЕРВЈУ СО Д-Р КИРИЛ СОТИРОВСКИ, декан на Шумарскиот факултет од Скопје:

ВО ЕДНА ОД ПАЛМИТЕ ПРОНАЈДОВМЕ МНОГУ ШТЕТЕН МИКРООРГАНИЗАМ

Разговарал Т.Блажевски

Дали предлогот за садење палми во Македонија дошол од некоја катедра или институт од Шумарскиот факултет или пак дали официјално било побарано мислење од Факултетот или од научни работници на Факултетот од страна на Владата или некој орган или институција под Владата на РМ во 2014 или 2015 година?
Ниту предлогот за садење палми во Македонија е потекнат од било која катедра или било кој професор/соработник од Шумарскиот факултет, ниту пак на Шумарскиот факултет било доставено официјално барање за мислење во однос на соодветноста на палмите како вид кој би се искористил за урбано зеленило во услови на Македонија. Ние за таа намера дознавме од медиумите.
Палмите што беа увезени во Македонија се Кина, а според документите со кои располагаме се од видот Trachycarpus fortunei, долговлакнести со различна височина и обем на стеблата – од 4 до 8 метарски. Бидејќи Македонија не е медитеранска земја, а бидејќи овој вид наводно може да издржи и континентална клима, но сепак не издржа, дали било неопходно да се побара стручно мислење дали тој вид палми можел да преживее?
Стручно мислење за погодноста на одредени видови дрвја, или растенија, за  услови на Македонија, може да дадат многу експерти кои и не мора да се дел од академската заедница, односно не мора да се научни работници од Шумарскиот факултет во Скопје. За жал, имаме сознанија дека во барем неколку случаи, и од страна на професори од факултетот, и од страна на други шумарски експерти, им е укажувано на одговорните фактори ангажирани околу „проектот“ „кинески палми во Македонија“,  дека тој вид палма нема да издржи продолжени ниски температури, под -15C. Не мора да потенцирам дека во одредени региони на Македонија каде што и беа засадувани палмите, такви услови се случуваат, ако не секоја година, тогаш барем еднаш во неколку години. Слободни сме да коментираме дека решението кое беше смислено, а тоа е заштита на палмите во текот на зимските месеци со покривање со најлони и други материјали е единствен таков пример за зеленило на отворен простор во светот. Тоа значи дека сепак се уважувало мислењето дека палмите се неотпорни на ниски температури, но не се откажувала замислата сепак да се засадат, макар и по цена естетската страна – најлони околу растенија, со месеци??? – да е единствен таков пример во светот, за жал негативен, и достоен за потсмев.
Освен тоа, проблемот не се сведува само на преживувањето, односно угинувањето на палмите. Од нас и од стручната јавност е укажувано дека палмите генерално не се соодветни за Македонија, заради повеќе причини. Најбанален пример за несоодветноста е што сенката која ја создаваат е сосема мала, и во принцип заради тоа не ја извршуваат една од основните улоги кои ги имаат дрворедите и урбаното зеленило воопшто во Македонија, а тоа е да помогнат во намалување на летните горештини. Уште поголем проблем е самото внесување на егзотичен растителен вид, бидејќи тоа претставува ризик во однос на внесување на штетни видови организми – инсекти и друга фауна, и потенцијално патогени микроорганизми – габички, бактерии…

Дали со оглед дека станува збор за неафтохтоно дрво, се можни какви било штетни последици врз еко-системот, врз почвата, подземните води, околните растенија и слично ?
Дури и со валиден и одговорно издаден фитосанитарен цертификат, постои голем ризик при увозот на растителен материјал, во почвата и на самото растение да има присутни организми кои се потенцијални фитопатогени. За жал, од проби земени од само неколку примероци почва и коренчиња од палмите, во рамките на научно истражување за докторската теза на мојот соработник, д-р Михајло Ристески, во 2017 г. беше откриено присуство на видот Phytophthora inundata.

Што значи тоа од практичен аспект? Постои ли некаква поголема опасност од конкретниот вид микроорганизам?
Тоа е прв наод за тој вид патоген во Македонија, а лоша вест е што во науката е познат како патоген по голем број растителни видови  – див костен, врби, цитруси, морков, магдонос и др. Оттаму, сметам дека нема потреба да се коментира повеќе за потенцијалната опасност од внесувањето на овој вид. За жал, морам да потенцирам дека ние колектиравме многу мал број мостри, 2-3 од почвата и коренчињата на една палма, а сепак откривме присуство на тој фитопатоген. Со тој еден наод не може да се закључуваат со сигурност идните случувања. Постојат неколку веројатни сценарија. Најоптимистичкото е дека од сите увезени палми, на само тоа едно растение имало присуство на P. inundata, a ние сме имале среќа (од аспект на истражувачи) па сме ја погодиле баш таа проба. За жал, ова сценарио е многу малку веројатно. Многу поверојатно е дека патогениот микроорганизам е вообичаено присутен во почвата од каде потекнуваат увезените палми, и дека бил присутен во почвата и во кореновиот систем на поголем број палми, значи неколку стотини, или пак на сите. Според тоа сценарио, сега е веќе распространет на многу места во Македонија на кои беа засадувани палмите.

Дали тој патоген ќе преживее, и дали може да се уништи, или барем да се забави неговото распространување?
Речиси е сигурно дека на некое од местата на кое биле засадувани палмите, особено со наводнувањето, да постојат услови тој патоген вид не само да преживее, туку со текот на времето и да се пошири во околната почва. Прашање на случај и на време е кога, односно дали, следните генерации на патогениот микроорганизам ќе дојдат во контакт со други растителни видови кои ќе послужат како домаќини. Имајќи ги предвид искуствата со целиот род Phytophthora низ историјата и во светски рамки, тој фитопатоген ќе остае тука засекогаш. Единствено е прашање на време кога ќе почнеме да гледаме некакви последици од деструктивноста – дали после само неколку години, или после неколку децении. Што се однесува до мерките кои може да се преземат, ни тука не сум оптимист. Државата ќе нема финансиска моќ да се справува доколку се етаблира тој патоген, најмногу бидејќи се работи за почвен микроорганизам, а тоа е уште потенциарно на полошо бидејќи се работи за отворен простор. Ниту многу помоќни земји не успеале во тоа во минатото, па ни во сегашноста.

Која е Вашата препорака после целиот случај со увозот на палмите?
Тоа што на мал број проби регистриравме сосема нов вид фитопатоген ја потенцира важноста од уважувањето на воспоставените стандарди при увозот на растенија и на растителни производи. За жал, овој пример на целосна узурпација на системот, заради задоволување на нечии ниски или бизнис страсти, сеедно, не е изолиран случај. Потенцирам дека ние во нашето истражување баравме Phytophthora видови, но не баравме ништо друго. Јас не би ја исклучил можноста дека со тие палми и со почвата да се внесени и потенцијално штетни видови инсекти, или пак други видови патогени микророганизми. Искрено се надевам дека во блиска иднина ќе бидеме во можност да истражиме и други примероци од палмите и да ја информираме и научната и пошироката јавност за нашите наоди.
Што се однесува до препораката, ќе си дозволам една која не е од мојот професионален домен. Властодршците мора да престанат со волунтаризам и со своеволие, и тоа во сите сфери на општеството. Мора да се почитуваат професионалните мислења и совети, затоа што колективното знаење ни е секако поголемо и помудро од индивидуалните. Интродукцијата на палмите е само еден еклатантен пример за паушалност, несериозност и тврдоглавост од нашето поблиско минато, а такви имаше многу, не само во шумарството. Голема срамота за целата нација е да ни се подбиваат низ светот затоа што со најлони заштитуваме палми, или инсталираме чешмички за нивно наводнување. Ми се чини дека ниту најголемите сатиричари не можеа да смислат таква сторија, а кај нас се случуваше во реалност.

Пишуваат: Теофил Блажевски и Борјан Јовановски
Извор: https://novatv.mk/


Previous
Next Post »

pgallery

[Gallery][pgallery]