Веќе не знам кај да одам. Секое утро одам во подружницата на Шумското, но бадијала. Никој не може да ми каже дали и кога ќе ги добијам дрвата. Поранешниот директор, кој по изборите е сменет, цело време, со месеци, ме мафтосуваше дека прв сум на списокот што ќе ги добијам дрвата, но, за жал, од јануари до ден денешен од Шумското немаат ни абер да ми ги донесат дрвата, што ги платив уште на почетокот на годината. Кога веќе кренав рака од стариот директор и помислив дека со доаѓањето на новиот директор, инаку мој добар познаник, конечно ќе ги добијам дрвата се повторува истата ситуација. Но, на мое разочарување ни сегашниот директор не може да ми даде збор кога ќе ми ги донесат дрвата. Веќе не знам што да правам. Деновиве залади, стегна студот, а јас останав без дрва. Секој ден се прашуваме како ќе се грееме зимава. Не знам каде ми е главата. Затоа дојдов кај вас да ве замолам да го актуализирате проблемот, бидејќи колку што јас знам не сум единствен во Битола што остана досега без дрва. Како мене ги имало многу. Секое утро се собираме пред подружницата, но бадијала, кажувајќи ни ја својата мака нашиот соговорник, М.Д.(74) практично ни ја опиша маката со која се среќаваат голем број битолчани, кои останаа без дрва, иако дрвата ги имаат платено на почетокот на годината.
Во настојувањето да добиеме одговор на прашањата што ни ги постави нашиот соговорник М.Д. се обративме кај првиот човек на битолската подружница на ЈП „Македонски шуми“, Вања Вршковски, но, за жал, како и нашиот соговорник што не може да добие одговор кога ќе ги добие дрвата, така и ние останавме без одговор на овие прашања.
Од првиот човек на подружницата во Битола дури ни беше речено дека поради овој проблем и него буквално не му се оди дури на работа, бидејќи секое утро пред канцеларијата го очекуваат голем број граѓани што му ги поставуваат истите прашања како и ние, кога ќе ги добијат дрвата, а тој не може да им даде одговор.
Поради ваквите маки новиот директор на „Македонски шуми“ - Битола дури сѐ уште не го има вклучено службениот телефон, туку комуницира преку својот приватен мобилен телефон, бидејќи едноставно не знае што да им одговори на луѓето што останаа без дрва.
- Во врска со овој проблем единствено можам да одговорам дека правиме максимални напори да ги снабдиме граѓаните со дрва колку што е тоа можно и дека откако сум јас на чело на оваа подружница нема да има привилегирани во снабдувањето со дрва, туку ќе се оди по ред. А за другите прашања ќе ви одговорам само доколку за тоа ме овластат од генералната дирекција на „Македонски шуми“. Во спротивно јас немам овластување да давам никакви информации - ни рече актуелниот прв човек на подружницата на „Македонски шуми“ во Битола, Вања Вршковски.
Во настојувањето да добиеме одговор на ова прашање, кое деновиве, откако залади сѐ почесто си го поставуваат граѓаните на Битола, кои имаа(т) запишано и платено дрва, преку подрачната единица на „Македонски шуми“ се обративме до генералната дирекција во Скопје, од каде што нѐ советуваа за сите информации да се обратиме до портпаролката на претпријатието Соња Никчевиќ. Но и по разговорот со портпаролката Никчевиќ не добивме одговор. Напротив оттаму нѐ советуваа да не пишуваме за оваа тема за да не сме ги вознемирувале граѓаните што останаа без дрва, туку да се стрпиме и да почекаме за да можат тие да исечат нови кубици дрва и да ги испорачаат до граѓаните.
- Добро е што времето засега е добро и не врне, па можеме сѐ уште да сечеме и да носиме дрва. Се плашам што ќе се случи доколку заврне дожд и не можат сечачите и камионите да влезат во планините - ни одговори портпаролката.
Инаку, неофицијално дознавме дека до ваквата состојба голем број битолчани да останат без дрва најголема причина е неажурноста на претходното раководство, кое навреме не ги распиша тендерите за сечење дрва и тоа што недоволно сериозно си ја сфати својата работна обврска и преокупирано со изборите едноставно заборави на потребите на граѓаните. Иако тие им ги наплатиле на граѓаните дрвата уште на почетокот на годината, неколку месеци, особено во летото, едноставно не сечеле дрва, бидејќи наводно им биле поништени тендерите за сечење. Подоцна, кога беа распишани изборите, според информациите до кои дојдовме, им било забрането да распишуваат тендери за сечење, а се расипало и времето па не можеле да влегуваат во планината. И така во круг.
Во подрачната единица во Битола никој не може да одговори на прашањето колку битолчани отанале без дрва. Но според тоа колку граѓани секое утро чекаат пред службените простории на подружницата, нивниот број е очигледно доста голем. Тие постојано се прашуваат како ќе ја истуркаат оваа зима без дрва.
Наместо одговорните од „Македонски шуми“ да им дадат одговор на луѓето што на почетокот на годината ги платија дрвата, оттаму едноставно молчат и си ја префрлаат вината меѓу себе, новото на старото раководство и ги тераат луѓето да се стрпат и молат бога времето да не се расипе. Но тоа што посебно загрижува е што од „Македонски шуми“ велат дека ваквата состојба не е само во Битола, туку и во другите градови во Македонија. Но благодарение на доброто време и ангажираноста на новите раководства досега над 70 отсто од граѓаните се снабдени со дрва. Што ќе се случи со другите 30 отсто од граѓаните останува да се види. Во меѓувреме ним не им преостанува ништо друго туку да се молат времето да остане вакво какво што е и да не заврне дожд, или не дај боже снег. Во спротивно никој не им гарантира дека ќе им донесе дрва. Некои подружници дури им ги враќаат парите на луѓето.
- Бадијала ми се парите, сега во ноември, кога од никаде не можам да купам дрва - ни вели нашиот соговорник М.Д, кој завршувајќи ја својата приказна не може да се изначуди како можеше порано, кога далеку поголем број битолчани се грееја на дрва, уште во јуни, јули и најдоцна до август сите да бидат снабдени со дрва, а сега, кога голем број од граѓаните се греат на струја, или на парно и палети, бројот на тие што останаа да се греат на дрва да не бидат снабдени со дрва до ноември, а тие да бидат платени уште во јануари.
Извор: /novamakedonija.com.mk/ - 10.11.2017
ConversionConversion EmoticonEmoticon