Дрвото не е загадувач на околината, доколку се користи суво дрво со оптимална влажност од 20 отсто. Доколку влажноста на дрвото е поголема, што е практика во домаќинствата кај нас, и тоа над 40-50 проценти, тогаш при горењето се ослободува големо количество водена пареа, која се врзува со јаглероддиоксидот и во вид на црн чад е загадувач за околината, објаснува шумарскиот инженер Тони Димковски
Грејната сезона е сезона на повисоки сметки и сезона на повисоко ниво на загаденост на воздухот. Затоплувањето на домот со огревни дрва во оваа сезона може да биде и еколошко и поефикасно, покрај тоа што е најевтина опција. Во Македонија голем дел домаќинства ги греат своите домови со огревно дрво. Шумарскиот инженер Тони Димковски вели дека во Македонија домаќинствата користат дабово, буково дрво и во помали количества габер, цер и друго. Според него, затоплувањето со огревни дрва е економски исплатливо, особено ако се набави од подружниците на „Македонски шуми“, каде што цената е реална. Покрај тоа, има неколку практики според кои треба да се водите за да бидат целосно искористени придобивките од огревното дрво.
Во делот на поефикасно користење на огревното дрво, се препорачува домаќинствата да користат убаво исушено дрво, поточно дрво сушено најмалку шест месеци. Според експертските совети, во зимските месеци просечната влажност на воздухот е висока, па, така, дрвото апсорбира повеќе вода и затоа не може да се постигне оптимална влага од околу 20 отсто. Затоа, дрвото е најдобро да се купува во април.
- Суровото дрво содржи до 50 отсто од водата во него и како такво е многу тешко да гори. Ако дрвото е купено во април, тоа е доволно време за до есен да се суши и добие оптимална влажност од околу 20 проценти, што е поволно за ефикасна употреба - смета српски експерт за биомаса, Бранко Главоњиќ, кој е професор на Шумарскиот факултет во Белград.
Доколку го купите дрвото во април, кога го складирате на отворено, за да се постигне правилно сушење потребно е да се покријат само најгорните дрва и да се прицврсти покривката. Димковски истакнува дека локалните македонски продавачи на огревно дрво не го заштитуваат правилно дрвото. Во овие минусни температури, објаснува Димковски, тие воопшто не ги покриваат дрвата. Кај нас во стовариштата има донесени дрва што се наредени, метрени на земја и има дрва што се истоварени на куп и не се наредени.
- Моето мислење е дека во секое стовариште дрвата треба да бидат наредени на земја, односно метрени и складирани во покриени простории. Доколку немаат покриен простор, наредените дрва да бидат покриени со церадно платно, најлон или што било друго за да се заштитат од дожд и од снег и со тоа да се постигне ефектот на помала влажност и повеќе просушено дрво, додека е во самото стовариште - вели Димковски.
Потоа, според препораките, ако дрвата се чуваат во куќата, потребно е да се стават подалеку од ѕидовите на куќата за подобар проток на воздухот. Покрај тоа, важно е дрвата да се свртени кон јужната, односно да се избегне северната страна и дрвата да се наредат на место каде што има повеќе провев. Суровото дрво не го оставајте во подрумите, ниту пак немојте сите наредени дрва да ги виткате со најлон или со друг материјал, оти може да фати мувла.
Покрај тоа, кога дрвото што се чува на отворено, особено во периодот на ниски температури и мразови, ќе се внесе во топла соба, не е препорачливо веднаш да се стави во печка, туку прво да се стави до печката или едноставно во топла просторија. Меѓу другото, се препорачува должината на дрвата да биде неколку сантиметри помала од должината на комората за согорување, и при полнење печки да се обрне внимание кората да биде свртена надолу. Исто така, не треба да се преполнува печката, и на тој начин ќе се постигне оптимален проток на воздух, што го олеснува согорувањето.
- Што се однесува на фреквенцијата на полнење ќе биде најдобро печката што може да содржи до еден килограм суво дрво да биде полнета на 25 до 30 минути, во зависност од карактеристиките на комората за согорување. Од економски аспект, дрвото е најевтино за затоплување на домовите во споредба со другите енергетски производи - објаснува Главоњиќ.
Кога станува збор за еколошкиот аспект на користење огревно дрво, експертите велат дека за време на согорувањето, дрвото емитува 18 пати помала емисија на јаглероддиоксид од јаглен и 7 пати помалку од гас. Покрај тоа, се истакнува дека мокрото дрво загадува повеќе од правилно исушеното дрво.
- Од еколошки аспект, сметам дека дрвото не е загадувач на околината, доколку се користи суво дрво со оптимална влажност од 20 отсто. Доколку влажноста на дрвото е поголема, што е практика во домаќинствата кај нас, и тоа над 40-50 проценти влажност, тогаш при горењето се ослободува големо количество водена пареа, која се врзува со јаглероддиоксидот и во вид на црн чад е загадувач за околината - вели Димковски.
Димковски објаснува дека пелетот не е единственото огревно дрво што е еколошко. Тука спаѓаат и брикетите и сите слични изработки.
- За производство на пелети и на брикети, кај нас се користи претежно биомаса (пилевина). За да се произведат и двете потребно е репроматеријалот, пилевината, да има влажност од 6 до 10 отсто, а со самото производство дел од таа влажност се губи. Испарува 2-3 проценти влажност на готов производ - додава шумарскиот инженер.
Дополнително, еколошките брикети и пелети се изработени од биомаса, пилевина, која има влажност 2-3 отсто, согорувањето е околу 95 проценти и нема никакви хемиски додатоци.
- Нееколошките брикети и пелети се изработени од примеси на дробен материјал од иверици, пилевина од иверици, панел-плочи и друго, материјал што содржи разни лепаци, бои, лакови, прегорено масло и други хемиски додатоци и пилевина што е иструлена - објаснува Димковски.
Според него, загадувачи на воздухот од домаќинствата и деловните објекти се корисниците на ќумур, затоа што ќумурот содржи околу 20 пати повеќе јаглероддиоксид од сувото дрво. Потоа, корисниците на разни видови иверици, панел-плочи, делови од мебел, како и корисници на нафта за домаќинство, разни пластики, гуми, облека и слично. Исто така, Димковски вели дека меѓу загадувачите на воздухот се и деловните објекти и сервиси што користат прегорено масло за греење на просториите во зимската сезона.
Автор: Јасна Атанасова
Извор: /novamakedonija.com.mk/
ConversionConversion EmoticonEmoticon