Ниту студеното време, ниту снегот не беа пречка за 80-на планинар(к)и од Скопје и од други македонски градови денеска да ја реализираат четвртата акција од т.н. планинарски предизвик „12 Врвови“. Тоа беше искачувањето на врвот Гоглин (1.197 мнв) на планината Козјак, во североисточниот дел од Македонија, во организација на Планинарското друштво „Трансверзалец“ од Скопје и Единствена Македонија.
Планинарите со пешачењето започнаа од селото П’клиште, потоа се спуштија до прекрасниот водопад Длабочица од каде што повторно се искачија на планинското било на Козјак и пристигнаа до Гоглин, надвиснат над вештачкото Отошничко Езеро. Таму следуваше заслужениот одмор по неколкучасовното пешачење и ручекот на отворено по што, како и на минатите акции, планинарите засадија повеќе зимзелени дрвца.
Во претходите три месеци во рамките на „12 Врвови“, во декември, беше искачувањето на Попово Гумно, на Китка (1.193 метри), во ноември, на врвот Зајачница на Сува Планина (1.760) и во октомври, на првиот врв, Плавник, на Даутица (2.126 метри). Следната петта акција е планирана за следниот месец, во февруари, искачување на врвот Клепа (1.150 метри) на истоимената планина во централниот дел од Македонија.
Како и првата и втората сезона од „12 Врвови“ има за цел искачување и запознавање со релативно непознатите и помалку искачувани врвови и предели на прекрасните македонски планини. Во првата „едиција“ во 2016/17 година, планинарите (на 12-те акции ги имаше над 800) изодеа над 250 км, а покрај искачувањето на врвовите посетија 18 села и осум езера.
Извор: /www.novamakedonija.com.mk/
ConversionConversion EmoticonEmoticon