ЈП “Македонски шуми“ е формирано со одлука на Владата на Република Македонија со цел стопанисување со нашите државни шуми. Имајќи во предвод што официјално околу 90% од шумите во нашата држава се во државна сопственост, може да се разбере влијанието на ова јавно претпријатие врз шумарството.
Сепак поради одредени одлуки од минатото, во денешно време ова јавно претпријатие е доведено во незавидна позиција, да е потполно зависно од надворешните извршители. Лесно може да испадне дека ЈП “Македонски шуми“ само декларативно стопанисува со шумите, бидејќи целокупниот процес им е отстапен на приватни фирми чиј избор се одвива преку постапки за јавни набавки.
Вакавата ситуација ги прави надворешните извршители до толку моќни, што тие можат да влијаат на исходот на јавнита набавка.
Но да почнеме со ред...
Одлуките од минатото како сениште врз сегашноста на ЈП “Македонски шуми“
Како резултат на постапките на ЈП “Македонски шуми“ во минатото за економски технолошки и структурални промени и издвојувањето на несуштинските делови, Јавното претпријатие одлучува да ги отпушти речиси сите секачи, дотурачи и возачи на камиони, а нивните основни средства да им дозволи да си ги задржат. Поради тоа во денешно време преку 90% од целокупниот прозводен процес во ова Јавно претпријатие го извршуваат надворешни извршители на услуги.
За да ги исполни своите производствени планови ЈП “Македонски шуми“ секоја година врз база на огласи за доделување на договори за јавни набавки, кои се однесуваат за извршување на шумарски услуги од фазите сеча, дотур и превоз со утовар и растовар, ангажира голем број на надворешни извршители.
Надворешни извршители (или економски оператори и тендераши) се всушност мали и средни претпријатија кои за ЈП “Македонски шуми“ извршуваат шумарски услуги од фазите сеча, дотур и превоз со утовар и растовар. Секоја година околу 200 мали средни претпријатија потпишуваат договори за услуги кон јавното претпријатие чија вредност се проценети на околу 1 милијарда денари.
Интересно е што овие надворешни извршители, покрај тоа што се занимаваат со нудење услуги кон ЈП “Македонски шуми“ поголем дел од нив се и препродавачи на огревно дрво, односно добар дел од нив имаат приватни складови за продажба на огревно дрво.
Тоа значи дека успешноста на јавното претпријатие е во директна зависност од капацитетот и способноста на овие надворешни извршители да ги реализираат превземените обврски, од кои дел им се и директни конкуренти на пазарот за огревно дрво.
Дали ќе има дрва многу малку зависи од ЈП “Македонски шуми“
Тоа добро го знаат и надворешните извршители, па не ретко го користат како аргумент да издејствуваат разни отстапки од јавното претпријатие на негова штета. Постојаните финансиски проблеми на јавното претпријатие кои се резултат на слабата реализација токму на надворешните извршители, се одлична прилика за истите тие многу лесно да го уценуваат за да се издејствуваат разни бенефити и да се наметнат како сериозен фактор на пазарот за огревно дрво.
Тие преку разни притисоци, закани и некои други незаконски мерки, имаат силно влијание врз производниот процес, така што не ретко дури и изборот на оддели/пододдели за сеча и видот на сечите се прилагодуваат на нивните желби.
Под нивен притисок се потпишуваат разни договори со кои тие се фаворизираат пред граѓаните, па така во исто време додека приватните складови се полнат со дрва, обврските кон граѓаните се ставаат во втор план. Поради таквата ситуација граѓаните се приморани дрва да набавуваат од препродавачите на огревно дрво, каде воглавном тоа е со далеку повисока цена.
Тоа во дел од поголемите градови низ државата има големо влијание врз повеќе години наназад континуираниот недостаток од огревно дрво во складовите на ЈП “Македонски шуми“, за разлика од приватните складовите на оние кои треба да се сервис на јавното претпријатие. Со тоа се добива впечаток дека во одредени делови од нашата држава надворешните извршители, односно препродавачите ја контролираат трговијата со огревно дрво и неговата цена, додека ЈП “Македонски шуми“ се доведува во ситуација на подредена положба да се бори за гол опстанок.
Работата е до толку е сериозна, што постојат сериозни индиции дека одредени складови на јавното претпријатие се под големо влијание (да не речам контрола) на “надворешни лица“ кои на некој начин се инволвирани во извршувањето услуги од некоја од фазите, односно се нивни директни конкуренти во трговијата со огревно дрво. Ваквата ситуација може да ги доведе граѓаните во непријатни ситуации кои често се жалат на квалитетот или количината на огревното дрво, како и на односот кон нив.
Со ова се нанесува голема штета врз имиџот и довербата на ЈП “Македонски шуми“, што има како резултат помалку уплати за дрва од граѓаните и разни здруженија со кои претпријатието се финансира во т.н. “мртов период“ од годината.
Вработените без авторитет
Вработените од јавното претпријатие на терен често се судруваат со големи проблеми во односот со надворешните извршители. Блискоста на некои надворешни извршители со поединци од врвниот менаџмент и самата процедура на јавните набавки ги прави вработените во подружниците да немаат авторитет врз нив. Па така при одредени спорови на терен, надворешните извршители можно е да се повикуваат на таа блискост со високи структури во хиерархијата и на фактот што нивниот избор не е направен од страна подружницата, туку на Дирекцијата со која и го потпишале Договорот.
Ваквите ситуации на подружниците им создавааат потешкотии да извршат притисок врз надворешните извршители за тие да го исполнат планот. Вработените едноставно се доведени во состојба да бидат “измеќари“ и исполнувачи на желбите на надворешните извршители.
Според таа логика нормално би било ако Дирекцијата ги одбира надворешните извршители и се меша во работата на подружниците, да сноси и одговорност за успешноста или неуспешноста на тие надворешни извршители. Затоа е чудно, зашто за неисполнување на планираното одговорност не се бара од Дирекцијата, туку од подружниците поради што на дел од нив по тој основ безмалку редовно им се крати бодот на плата.
Секоја планина свој газда
Постојат сериозни индиции дека овие надворешни извршители во одредени делови од нашата држава веќе до тој степен се организирани и договорени помеѓу себе, што си ги имаат поделено регионите, па така многу е тешко некој од страна да влезе да работи во нивните региони. Постои можност во “зачувување“ на своите територии да имаат и подршка на лица од внатре, кои би ги обесхрабрувале или саботирале евентуалните конкуренти.
Сепак, доколку случајно некој сепак се обиде и добие работа во регион кој е во сверата на интерес на одреден надворешен извршител, на терен тој може да се соочи со големи проблеми од типот, разни закани по животот на сопствениците и работниците, физичко оневозможување да се стигне до одделот/пододделот, оштетување на основните средства за работа, физички пресметки, опструкции од “нелојални“ вработени во јавното и слично.
Поради тоа надворешни извршители поретко се одлучуваат да си конкурираат еден на друг и да се изложуват на разни ризици, со што воедно си избегнуваат меѓусебни наддавање за цената на услугите. Изостанок на наддавање на нив им овозможува да добијат одреден Договор за извршување на услуги по највисоката можна цена, со што си ја максимализираат финансиската добивка на штета на јавното претпријатие.
Превозот најпроблематичен
Надворешните извршители се свесни за својата позиција и влијание врз јавното претпријатие. Тие на повеќе начини можат да го контролират неговиот производен процес, па доколку јавното претпријатие сака да си го оствари планираното приморано е да се договара и да прави отстапки кон “локалните шерифи“.
Поради скапите и специфични основни средства за работа, се чини дека најголеми притисоци кон јавното претпријатие доаѓаат од превозниците на огревно дрво. Поголемиот дел од нив воедно се и препродавачи на огревно дрво или сопственици на приватни складови за огревно дрво. Тие имаат најголемо влијание не само на снабдувањето и превозот, туку и на дистрибуцијата на огревното дрво.
Добар дел овие надворешни извршители се отидени до таму со својата дрскост и лакомост, што отворено бараат значителен дел од огревното дрво да им се отстапи нив, под закана дека во спротивно би престанале со работа со што би ги оставиле празни складовите на јавното претпријатие.
На пример, оној кој ја добил јавната набавка за превоз на огревно дрво, преку разни изговори од типот дека понудената цена која самиот тој своеволно ја понудил не му е исплатлива, се случува да побара 20-30% од огревното дрво да му се овозможи да му се даде него на времен шумски склад или на пенушка, често по пониски декласирани цени.
Сепак тука не се исклучува и поврзаност со “нелојални“ вработени во јавното, кои свесно или не влегуваат во еден волшебен круг на корупција од кој тешко се излегува. Па така, чудесно некои оддели се забораваат да се стават на тендер или во други оддели случајно се појавувао вишок на огревно дрво – и во двата случаи во количина која одговара на отприлика 20-30% од количината која ја добил надворешниот извршител за превоз.
Евентуалните вакви случаи би оставиле простор за сомнежи дека поединци од врвот на јавното претпријатие би можеле да влијаат врз исоходот на јавниот оглас, што би значело и местење на јавните огласи. Затоа би било интересно да се испита дали оние кои добиле тендер за превоз на огревно дрво, токму тие на волшебен начин преку јавна и транспарентна постапка на која сите имаат подеднакви шанси, имаат добиено право да откупат еквивалент од 20 до 30% од вкупната количина на дрвната маса која ја добиле за превоз на ШКП, на пенушка или покрај пенушка.
Плодна почва за криминал и корупција
На тој начин се создаваат поволни услови за зголемување на криминалот со огревно дрво, бидејќи на заштитата на шумите и се создаваат големи проблеми и тие се потешко можат да одговорат на предизвикот. Шумарството е доведено во ситуација слична на давање на шумите на подконцесија, а јавното претпријатие во многу аспекти е претворено во нем набљудувач на сите случувања.
Сепак тешко е да се поверува дека тоа се прави без знаење барем некој од вработените во ЈП “Македонски шуми“. Така одередени постапки на дел од вработените во Јавното претпријатие наведуваат до сомнежи дека можна е некаква поврзаност со надворешните извршители, па сето тоа да е дел од една добро разработена шема.
Одредени несериозни или во најмала рака сомнителни пропусти во работењето на поединци само дополнително ја јакне моќта на надворешните извршители да наметнат свое влијание врз работењето на јавното претпријатие. Тоа не само што се одразуваат негативно врз финансиската ликвидност на ЈП “Македонски шуми“, туку и на нормални и навремено задоволувањето обврските кон на граѓаните со дрво за огрев.
Ако се следат трагите на парите верувам дека може да се дојде до фрапантни податоци за енормно подобрување на финансиската состојба на одредени поединци за релативно кратко време.
Сепак има и реални проблеми за надворешните извршители
Се разбира дека има и голем број на совесни и исполнителни надворешни извршители, кои во целост и навремено си го реализираат договореното. Сепак тие често се соочуваат со големи проблеми од објективна и субјективна природа при реализирањето на превземените обрски, па така дури се доведува во прашање и нивното нормално функционирање.
Секако дека најтешко им паѓа нередовното исплаќање на сработеното, бидејќи тие како и сите мали бизниси располагаат со ограничени финансиски средства, па за нормално работење потребен е континуитет во протокот на пари. Тука подеднакво се погодени и секачите и дотурачите кои најчесто се од економски најзагрозените слоеви на општеството па секое одложување на плата тешко им паѓа, но исто така и превозниците бидејќи нивните скапи основни средства за работа за да функционираат и да се одржуват имаат потреба од големи финансиски средства. Заеднички проблем за сите се давачките кон државата, бидејќи таа кон нив нема подеднакво толерантен однос како кон јавните претпријатија.
Дополнителни потешкотии им предизвикуваат и ненавремените создавање услови за исполнување услови за работа на надворешните извршители, како ненавремено отварање на сечиштата со шумски патишта, неодржувањето на овие сообраќајаници, нееднаков и некоректен третман, неприсуство на терен на одговорните лица од Јавното поради проблеми со превозните средства и сл.
Потребни промени во “системот“
Се чини дека самиот “систем“ и проблемите наметнати од Дирекцијата ги тера вработените во јавното претпријатие да бидат зависни од надворешните извршители. Лошите одлуки на Дирекцијата, лошиот избор на надворешни извршители, нереално високите цени на тендерите, близина на поединци од јавното со некои надворешни извршители, слабите плати, лошите услови за работа, немањето доволно теренски или товарни возила, постојаните и разни кратења на примањата, разните рестрикции и ограничувања, немањето влијание врз изборот на надворешниот извршител, а со тоа немање авторитет врз нив, ги тера вработените на јавното претпријатие од производството да “дигнат“ раце од се и да станат рамнодушни кон целата ситуација.
Затоа ново/старото раководство на ЈП “Македонски шуми“ конечно треба да покаже решителност, чесност и желба, да се справи со ваквата индиферентна позиција на јавното претпријатие. Тие треба да докажат дека ја владеат ситуацијата и дека имаат капацитет и идеја како да се справат со проблемите кои го уназадуваат шумарството. Одговорните лица во јавното треба да сватат дека пред нив е голема одговорност за иднината на шумарството и дека од нив се очекува да изнајдат решение за истите.
Во спротивно јавното претпријатие ќе остане и понатаму заложник на надворешните извршители и ќе ги влече истите проблеми од година во година. Сето тоа ќе биде на товар на државата која ќе треба да го покрива неговото нерентабилното работење, но цехот ќе го плаќаат и граѓаните со тоа што ќе мора да купуваат премногу скапи дрва, ќе добиваат помалку одколку што платиле или ќе добивааат дрва со лош квалитет.
ConversionConversion EmoticonEmoticon