„Дервен“ е планинарски дом на планината Бабуна, на височина од која има извонреден поглед кон Прилеп и неговата околина, кон планините Мукос и Селечка. Домот е изложен долго време на сонце, но истовремено и на ветрови кои постојано дуваат.
Ова бил исклучително убав планинарски дом, кој кон крајот на минатиот век бил опожарен и од тогаш е надвор од функција. „Дервен“ претставувал еден од малкуте планинарски домови на Балканот кои имаат оригинална, исклучително цврста кружна градба од камен и бетон која и покрај претрпениот пожар опстојува како туристичка атракција.
Местоположба
“Дервен” со својата местоположба и локација е еден од најспецифичните планинарски домови во Македонија. Се наоѓа на планината Бабуна, близу до стариот пат Прилеп – Велес, над планинскиот премин Присад (1098 m).
Од Прилеп е оддалечен околу 18 km. Самата планина Бабуна се протега од Голи Рид (1455 m) на север, до превојот Плетвар (994 m) на југоисток, во должина од 22 km. Највисок врв е Козјак (1747 m) во јужниот дел, над превојот Плетвар.
Поради големата расчленетост на одделни ограноци, Бабуна има различни локални имиња: Борула Планина, Мукос, Злато, Дреновска Планина и др. До планинарскиот дом може да се дојде пеш, но и со теренско возило по макадамскиот пат, на кој има и маркации. Патеката е интересна и атрактивна со поглед на природните убавини на Прилепското Езеро, манастирот Св.Ѓорѓија и едно од најголемите копови за мермер, Сивец, каде има неколку мали вештачки езерца.
Посебен восхит е погледот од планинарскиот дом кон градот Прилеп, кон Селечка Планина и повисоките врвови на Бабуба како што се: Мал Мукос, Маркови Кули и др. Домот има присојна (јужна) експозиција, осончан речиси преку целиот ден, но со силни ветрови во овој гребенест дел.
Пристап до домот
Домот се наоѓа над стариот пат Велес - Прилеп, преку планината Бабуна. Оддалечен е од Прилеп околу 20 km. Може да се дојде пеш или со автомобил. Патот е маркиран со видни маркици. До домот може да се дојде и со приодот од Велес кон Прилеп.
Изградба
Изградбата на домот е започната 1951 година а завршена во 1955 година, со доброволна работа на прилепските планинари и со помош на органите на власта. Во 1955 година предаден е на управување на Планинарското друштво - „Козјак" од Прилеп кое заедно со Планинарскиот сојуз на СРМ и најмногу учествувало во неговата изградба.
Граден е од цврст материјал: камен и малтер со приземје и кат. Има две големи простории во кои се сместени околу 50 кревети. Има кујна и трпезарија опремени со потребната опрема кои може да им служат на посетителите. Има и помошни простории и соба за домарот на домот.
Опожарување
За жал на 01 март 1997 година, домот е опожарен и целосно руиниран. Од тогаш, од него се останати само ѕидини и е оставен на забот на времето, иако во изминативе години имаше неколку иницијативи за обновување.
Традиционалното искачување „Козјак '97“ за првпат е одржано во 1997 година. Името на ова искачување „Козјак '97“ е во спомен за планинарскиот дом Дервен кој изгоре во март истата година. Искачувањето се организира една недела после православниот христијански празник Дуовден (Духовден).
Сместувачки капацитети
Додека бил во функција во трпезаријата и домот по потреба можело да се сместат околу 72 планинанри. Домот бил постојано отворен. Имало домар и домаќинка кои се грижеле за редот и чистотата. Во домот кон крајот на 1980-тите години имало телефон, радио и телевизор. Имало електрично осветлување, водоводна инсталација, умивалници и бања, па слободно може да се каже дека за тоа време нудел одлични услови за престој
Во домот можело да се добие храна, пијалак и други прехрамбени продукти, а можело да се подготвува и сопствена храна. Околината на домот била уредена ливада со планинска трева. Имало и бавча која ја обработувале домарите.
Гостопримливоста и добрата услуга со најразлични оброци, пристап до радио, телевизија, осветлување, водовод и бања од страна на домарите била уште една добра страна во рекреацијата на планинарите.
Атрактивни дестинации
Најатрактивни дестинации од домот биле:
· највисокиот врв на планината Бабуба – Козјак (1747 m) кој е оддалечен околу 5 часа пешачење,
· врвот Мал Мукос, кој е оддалечен околу 2-3 часа,
· Голем Мукос, Студеница, Кадиница и манастирот Степаница (2-3 часа пешачење),
· Mанастирот “Св. Богородица – Трескавец”, “Златоврв” (1422 m) и други.
Инаку, планината Бабуна е исклучително богата со вегетација и жив свет како и разновидни денудациски форми: Маркови Кули, Кукол, Златоврв. Непосредно пак до “Златоврв” (1422 m), на огранокот познат како Злато е манастирот “Св. Богородица – Трескавец”, еден од најстарите и најубавите во нашата држава. Името „Злато“ овој дел од планината го добил поради присуството на минерали во карпите кои при силен сјај од Сонцето блескаат како злато.
Можни излети
· Излет на врвовите Мал Мукос и Голем Мукос, пешачење 2 - 3 часа од домот.
· Излет на Студеница и Кадиница и до манастирот Степаница, пешачење 2 - 3 часа од домот.
Сепак има надеж
Во последните години се работи на изнаоѓање на солидно решение за целосна реконструкција на планинарскиот дом „Дервен“ и повторно добивање на неговата функционалност. Тоа ќе придонесе за враќање на планинарството во Прилепско, за одржување и надгледување на природата, подобра контрола на дивата сеча и криволовството.
ConversionConversion EmoticonEmoticon