Во целиот свет шумарството е угледна стопанска гранка, а шумарите високо позиционирани во општеството. Тие се ценети и почитувани, а нивниот труд и стручност се соодветно вреднувани. Имајќи во предвид дека околу 39% од територијата на нашата држава е под шуми, може да се рече и дека кај нас шумарската струка би требало да е почитувана и ценета.
Така било во нашата држава по втората светска војна кога нашите претходници шумарството го издигале од пепелот на војната и ги поставувале темелите на оваа значајна општествена гранка. Иако тогаш вработените во шумарството се соочувале со големи проблеми од типот на разрушена држава, непостоење механизација и стручен кадар, тие со својата упорност, чесност и желба успеале да го воздигнат шумарството и да создадат нешто за идните генерации.
Шумарите задно дупче во шупелката
Игнорантниот и подценувачки однос на државата кон шумарските инженери најубаво ја објасни академик Ѓорѓи Филиповски во своето обраќање на Шумарскиот факултет во Скопје по повод јубилејот 70 години од формирањето на оваа високостручна научна установа.
Овој скромен господин кој е жива легенда во шумарството и е еден од членовите на Одборот за формирање на Земјоделско-Шумарскиот факултет од 1947 година, објасни дека во тие времиња шумарските инженери биле исклучително ценети, поради што имале големи привилегии во тоа општество. Тие во општеството биле рангирани безмалку како и докторите и имале исклучително високи лични примања.
Тој со едноставен и лесно разбирлив речник, со една реченица најубаво ја долови разликата во третманот на шумарските инженери во тоа време и денес. Како што тој се изрази, во тој период шумарските инженери биле второ или трето дупче на шупелката, а во денешно време сме на крајот од дупките на шупелката, која во примерот е метафора за општеството и државата.
Шумарските инженери потиснати и деградирани
Денеска за жал шумарските инженери се на маргините на државата и општеството и нивните плати се понижувачко ниски. Тие се доведени во ситуација да се борат за гол опстанок и да бидат потиснувани од другите професии. Нивните работни места ги држат дугите професии, па голем број на шумарски инженери се приморани да работата се и сешто само не во својата струка. Тоа е погубно за шумарската фела, бидејќи на пример правник или економист може да се вработи во било која фирма, но шумарскиот инженер има многу мал избор.
Најголем дел од шумарските инженери се апсорбирани од ЈП “Македонски шуми“, но се чини дека тие ниту во својот двор не се ценети и почитувани. Па така, ЈП “Македонски шуми“ како најголем стопанисувач со државните шуми се претвори во претпријатие со кое владеат разни правници, економисти или некои други струки кои немаат многу допирни точки со шумарската наука.
Ваквиот несериозен однос кон шумарските инженери во многу придонесе ова јавно претпријатие да се претвори од “стопанисувач во продавач на дрвото“ како што при една прилика изјави на неговиот претходен генерален директор.
Работните места на шумарските инженери веќе подолг период се узурпираат од другите професии и од лица со сомнителни дипломи, а гласот на шумарите се повеќе е само далечен шум изгубен некаде помеѓу шумите. Па така на пример, иако со Законот за шумите е прецизирано дека јавното претпријатие треба да обезбеди стручно и трајно извршување на работите и мерките на одгледување, заштита и чување на шумите, заштита на биодиверзитетот во шумските екосистеми, како и работи за користење на шумите, односно изработка и одржување на шумски сообраќајници и други објекти кои се во функција на стопанисување со шумите, тоа не се почитува.
За жал и покрај обврската јавното претпријатие да обезбеди стручно извршување на работите и мерките, од различни побуди не ретко се случува лица со несоодветни образованија и без стручни квалификации, да се поставуваат на работни места од кои се бара голема стручност. Како дел од ваквите работни места, каде не ретко нестручни лица се постаувуваат да бидат дури и препоставени на шумарските инженери, би ги нагласиле следниве:
- Генерален директор на ЈП “Македонски шуми“
Долги години помеѓу вработените во ЈП “Македонски шуми“ постоеше незадоволство од тоа на чело на јавното претпријатие да биде човек кој не е од шумарската фела. Поборниците на оваа идеја сметаа дека јавното претпријатие би можело да се оправи само доколку на негово чело застане преставник од шумарската струка, кој што би требало добро да го познава шумарството.
После долги години конечно дојде и тој момент кога така и бидна. Новиот генерален директор е назначен од рамките на вработените во јавното претпријатие и е шумарски инженер. Голем плус за неговиот избор е што доаѓа од подружница која важи за една од подобрите во Македонија и која благодарение на средното шумарско училиште што е лоцирано во тој град се смета дека има многу квалитетен шумарски кадар.
Но домашниот есап и математиката на пазар се две различни работи, па останува да видиме како ќе се покаже на оваа одговорна позиција. Она што од една страна е предност, од друга може да биде и слабост, бидејќи состојбите со шумарството се лоши, па постои опасност да нема реална престава за проблемите во другите подружници.
Сепак изненадува фактот што и после толку време на таа позиција сеуште не успеа во целост да создаде сопствен менаџерски тим, поради што многумина се сомневаат во тоа дали ќе може да одговори на предизвикот. А можеби одлуката да работи со кадри на претходниот генерален директор Жарко Караџоски е некоја стратегија, па затоа се надевам дека неговите резултати ќе го оправдаат тоа. Во секој случај неговото назначување на оваа позиција би можело да се толкува како позитивна работа и да биде сигнал дека конечно шумарските инженери ќе си го добијат своето место во општеството.
- Раководители на шумско стопански единици;
За жал и оваа исклучително значајно работно место за кое се бара голема стручност е тотално девалвирано, со што оние работни позиции кои би требало да бидат мотор и да ги движат напред подружниците се ставени во лер. Не ретко за раководители на шумско стопански единици се поставуват лица без соодветни квалификации, како на пример секачи кои преку ноќ се снабдиле со дипломи од сомнителни извори или со кадри од други несоодветни струки. И после ќе се прашуваме зашто од стопанисувачи се претворивме во продавачи на дрво, па ваквите кадри поим немаат од тоа што значи ОДРЖЛИВО СТОПАНИСУВАЊЕ СО ШУМИТЕ.
За нив под шумарството се подразбира само сечење на дрвата, односно експлоатација и само експолатација. Тие мислат дека продажбата на пенушка или на шумско-камионски пат е суштината на постоење на едно јавно претпријатие од областа на шумарството, а не снабдувањето на сопствените складови со огревно дрво за да се задоволат потребите на граѓаните.
Епа затоа после во одредени градови складовите на јавното ќе бидат празни, а другите градови мака ќе мачат да ги снабдат побарувањата на граѓаните и од тие складови.
- Одговорни за заштита на шумите;
Исто така со поставување на лица со несоодветни квалификации на чело на заштитата, поединци си тераат мајтам со оваа исклучително значителна дејност во шумарството и со тоа неоправдано ги слабеат нејзините капацитети. Затоа се прашувам, како може одговорен за заштита да биде личност која што не знае која е улогата на заштитата во шумарството. Се чини дека ваквите квази стручњаци заштита ја сваќаат дека само е борба со нелегални сечи, а поим да нема што е тоа каламитет или патогена габа, а камоли на терен да препознаат симптоми и појава на Thaumatopoea pityocampa, Euproctis chrysorrhoea или Microsphera penicillata – НЕМА ШАНСИ.
Таквите самоуки стручњаци само може да се чаламат и да се однесуваат како шерифи, а да не знаат ни еден записник или пријава да пополнат. Е заради вакви случаи ни пропаѓаат шумите од болести и пожари, бидејќи тие не знаат ни еден план за заштита да направата, а уште помалку да го спроведат. Не сте ни свесни каков хаос, уништување и помор на шумата може да предизвика еден таков неук заштитар.
- Шефови на расадници;
Не е ништо подобра состојбата и со односот кон шумските расадници. Ова е исто така значителна дисциплина од шумарството која неоправдано се маргинализира. За жал и тука често пати наместо стручњаци од шумарството се сместуваат лица со несоодветни квалификации, па се случуваат големи пропусти при одгледувањето на посадочниот материјал.
Сите треба да сватат дека улогата на расадничарите не е само плевење, наводнување и 'ртење на садниците, туку треба да се познаваат карактеристикете на дрвните видови, болестите и штетници кои ги напаѓаат (особено посадочниот материјал), но и како се школуваат садниците. Од нив исто така се бара да имаат познавање од шумарската генетика и селекцијата на дрвните видови, но тоа се учи на шумарските факултети.
Евентуалната нестручност на расадничарите може да има големо влијание и врз резултатите на пошумувањата, па би рекол и на успешноста на акцијата “Денот на дрвото“, што е во директна зависност од квалитетот на посадочниот материјал и организацијата на нивно вадење, треанспорт и складирање на садниците.
- Планирање во шумарството;
Како врв на уништувањето на шумарството и на шумарската струка е целосното деградирање на планирањето или поточно уредувањето на шумите. Она што би требало да е врв на шумарството каде се трасира иднината, се претвори во депонија во која се сместуваат политички неистомисленици и партиски неподобни вработени кои не се по ќеив на актуелното раководство на јавното претпријатие.
Уредувањето наместо да биде дом на најдобрите и најспособни шумарски инженери, стана место за егзодус на сите непожелни лица од Дирекцијата на јавното претпријатие кои не се од некоја од нешумарските привилегувани струки. Тие се приморани да работат со примања кои заостануваат од другите во Дирекцијата и во теренски услови кои се далеку од пристојни, со што како шумарски инженери директно се погазува нивното достоинство и чест. Но за ова поопширно во друга прилика.
Поради ваквиот однос и девалвирањето на шумарската струка, се чини дека шумарството е сведено на чеканот и испратниците и ништо повеќе. Да чука со чеканот и да пишува испратници секој може лесно да научи, па дири и човек со основно училиште, но шумарството е наука и нешто многу повеќе од тоа. На шумарските факултети се учат по 40-ина предмети и во тоа е предноста на шумарските инженери, бидејќи со тоа тие на факултетот изучуваат голем број на дисциплини и науки кои се тесно поврзани со шумарството.
Се започнува од формирањето на ЈП “Македонски шуми“ и на Дирекцијата
Ваквата состојба на прогон и деградирање на шумарските инженери според многумина започнува со формирањето на јавното претпријатие. За да го остварат овој кадровски хаос во целото јавно претпријатие, правниците донесоа некаква систематизација која неколку пати ја надоградуваа, со што создадова простор за фаворизирање на голем број други струки на сметка на шумарската фела. Покрај тоа ионака лошата состојба предизвикана со неповолната систематизација, нејзиното непочитување на штета на шумарските инженери само дополнително ја влошува состојбата на шумарските стручњаци. Поради тоа многумина на мајтап велат дека ако се соберат сите правници во јавното претпријатие на едно место ќе имаме најјако правно биро во Македонија со најголем број на вработени правници или ако ги собереме сите економисти ќе можеме да отвориме сметководително биро кое ќе биде вистински гигант во областа.
Затоа ваквата состојба со кадровскиот хаос во јавното претпријатие може да се припише како еден голем грев на Дирекцијата, од чија кујна во минатиот период протекоа голем број на погубни одлуки за шумарството. Од тогаш започна централизацијата и политизирањето на шумарството и за неговата иднина започнаа да одлучуваат поединци кои не знаат која е разликата помеѓу метар кубен и метар просторен или уште попросто помеѓу бука и топола.
Можеби некои од нив научиле по нешто од шумарството, но тоа не ги прави струшњаци од шумарството. Како беше онаа мудрата мисла, пази се од оној кој прочитал една книга тој мисли дека се знае. Е токму оваа поговорка најдобро ја отсликува состојбата со кадровата политика во шумарството и потиснувањето на шумарските инжинери од другите струки.
1 comments:
Click here for commentsZatoa mnogu i resavaat da ja napustat Makedonija, vklucuvajki se sebe si. Otkoga vidov kakva idnina bi imala vo Makedonija kako sumarski inzener reshiv da se iselam vo Kanada.
ConversionConversion EmoticonEmoticon