Еве еден интересен текст кој опфаќа еден сегмент од шумарството на нашите простори во минатото. Станува збор за Андон Лазов Јанев - Ќосето, како тој се прогласил за господар во шумата, како ја чувал шумата од експлоатција на Турците и како го користел шумарството за остварување на финансиска корист. Не навлегувам во ликот и делото на Ќосето, туку внимание ми привлече шумарскиот аспект на оваа приказна.
Настапи есента, а по неа дојде и зимата. Ние се врткавме на Kожуф планина. Тука имаше околу 500 луѓе, кои правеа ќумур. Тоа беше во Мариовска Гора. Имаше многу колиби. Работниците се пазареа од Митровден до Ѓурѓовден и беа многу слабо платени. Претприемачи беа двајца бегови. Едниот со седиште во Цариград, а другиот во Солун. Целиот ќумур минуваше преку нив. Kога стигнавме во колибите во Мариовска Гора, беше дојден плаќачот, кој ги собрал сите ќумурџии. Kако што веќе реков, ќумурџиите броеја 500-600 луѓе. Ние и сега бевме со Попето. Што да се прави? Ги собравме ќумурџиите и им го предложивем следното: „Слушајте, досега како сте се пазареле, сте се пазареле, но отсега натаму, од денес до Ѓурѓовден има еден месец. Ќе пресметате и ќе исечете толку дрва и ќе направите толку ќумур колку што може да се направи од исечените дрва. Повеќе нема да се пазарите. Kој ќе го стори тоа, ќе го заковам на буките. Ако ве повикаат да се пазарите, вие ќе кажете, не можам да се пазарам, зашто ни е страв од комитите. Ќе ги кажете и нашите имиња, Михаил Попето и Андон Ќосето.
Kога наближи крајот на месецот, солунскиот бег ги повикал да се пазарат. Ќумурџиите одбиле да да преговараат за цената на ќумурот. Потоа бегот испратил свои луѓе и пазарил во Прилеп 500 секири (се мисли на дрвосечачи, н.з.) и им дал капар од по една лира. Разбрав дека од Прилеп ќе дојдат работници и ги чекам. И еден ден од прилепско јавија дека ќумурџиите тргнале за гевгелиско. Од Градско сакале да се качат до Мариовска Гора и оттаму сакале да тргнат за на планина.
Отидов до Kрива Река и кај еден од говедарниците поставив заседа. Тие влегоа во заседата и ги запрев. Им реков да се вратат од кај што дошле. „Ама зедовме по една лира капар“, ми одговорија тие. Им реков: „Ќе се вратите преку планината без да запирате никаде. Ако застанете, ќе ве заколам сите до еден!“.
Не помина многу време и за ова се разбра и во Солун. Од многу трговци почнав да добивам писма во кои ме молеа да ја ослободам гората зашто цел Солун се снабдувал со ќумур од таа шума. И тоа беше точно. Ама јас намислив таа шума да ја користат локалните селани, а не двајцата бегови. Балкан со илјадници квадратни метри. На првото писмо не одговоривме. На следното, второ писмо, напишавме дека прашањето може да се среди „преку преговори“. „Kој има брада, ќе треба да си обезбеди и чешел!“. „Во шумата, им напишав, јас сум господар“!“.
По тоа Турците организираа три потери од по 60 луѓе. Ги облекоа во жолти комитски алишта, им ставија качкети на главите и ги пуштија да н` гонат. Во сите села поставија аскер, во случај да н` откријат, аскерот да притекне во помош. Скитаа, скитаа и за шест месеци не можеа да направат ништо, не можеа да н` откријат.
Скоро дознавме дека се собрале во Гевгелија Турци и Цигани, и се токмеле да се упатат кон планината Кожув за да собираат дрвја. Беа собрани во голем број за да се чуваат. Но јас им зедов мерка. Едно утро, на изгрејсонце, групата се појави оддалеку. Ги опколивме и ги фативме, и им удривме по еден сатар. Беа околу 30-40 души. Коњи, кучиња, магариња, мулиња, се мина под сатарот. Имаше и 2-3 кучиња и нив ги истепавме.
По извесно време јас заминав во ениџенско, село Ошин, едно влашко село Ливада, кое се наоѓа меѓу Ениџе и Гевгелија...
По едно време бегот посака да преговара. Побара да се види лично се мене. Од с. Серменин, Гевгелиско, ме информираа дека истиот бег дошол во селото и по секоја цена сакал да се сретне со мене, дури го ризикувал и својот живот. Јас одбив и наредив дека оној што ќе се осмели да го донесе бегот кај мене, ќе го убијам. Не поминаа неколку дена и добив писмо од гевгелискиот кајмакам. Во писмото го пишуваше следново: „Kапетан ефенди, ослободи ја шумата ослободи го Балканот, за да прават ќумур. Ако ти требаат облека за другарите ти - ќе ти го дадам пари, ако треба - ќе ти испратам, што сакаш да ти дадам? Зошто го осудуваш целиот град Солун?“.
Бакшишот од Цариград
Писмото беше напишано на француски јазик. Туше од с. Богданци беше мој секретар и знаеше француски. На првото писмо јас не му одговорив. Поминаа неколку дена, и стигна голема молба за одговор. Тогаш јас му испратив писмо со следнава содржина: „Го добив твоето писмо, ти пишувам зашто ме молиш многу и сакаш да слушнеш одговор од мене. Немој да мислиш дека јас ја чувам шумата за да се кријам во неа. За мене и полето и шумата се едно исто. Храна имам, облека - исто, ама и храбри другари имам. Но знај едно нешто, ти си кајмакамот во градот Гевгелија, а јас сум цар на шумата, и на Балканот, и на полето. Јас не седам во шумата за да се кријам во неа, туку затоа што полето ќе остане без вода!“.
Поминаа десетина дена, сепак одговор не добив. Малку подоцна, добив писмо од Цариград. Цариградскиот бег ми пишуваше: „Ти праќам шест сребрени часовници, кавкаско сребро, со позлатени вратички, како и шест кордона за часовници. Ти испраќам и шест кутии со сребрени чибуци, а исто толку и лажици, виљушки и ножеви“. Понатаму пишуваше: „Те молам, капетан ефенди, ти го испраќам овој бакшиш, но ќе те молам да дозволиш да работат пет секири, колку за мене“.
Му одговорив следново: „Ти благодарам што си ми напишал. Бакшиш добив и ја разбрав твојата молба. Ама јас само едно нешто предлагам: не пет, и педесет секири ќе ти ослободам, но под еден услов - ти сам да дојдеш да работиш!“.
И така беше прекината секаква комуникација. Одлучивме да ја поделиме шумата меѓу сите села, и определивме цена на ќумурот и тоа на следниов начин: за товар магарешки - 15 гроша, за товар коњски - 20 гроша. Тоа беа минималните цени. Над овие цени секој колку сакаше можеше да наддава, ама ако некој продава по пониска од пропишаната, се казнуваше со смрт.
( Д. Јаневски, Dnevnik)
ConversionConversion EmoticonEmoticon