Заштитата на шумите е исклучително значаен дел од шумарството, кој за жал неоправдано се маргинализира од оние кои треба да се грижат за шумите. Свесно или не, на заштитата на шумите и се посветува многу малку внимание и ресурси, поради што нивната ефикасност е сведена на минимум.
Како резултат на недоволните потенцијали и несериозниот однос кон заштита на шумите, дрвокрадството и криминалот во шумарството можеби се во најголема експанзија од кога постои нашето шумарство. Тоа директно се одразува врз работењето на ЈП “Македонски шуми“, бидејќи на тој начин се губат голем дел од планираните финансиски средства.
Во изминатиот период, целиот акцент во шумарството беше ставан на производството и комерцијата, што резултираше со страшна експанзија на криминалот во оваа гранка. Едноставно ЈП “Македонски шуми“ беше сконцетрирано да посече повеќе дрвна маса, со надеж дека така ќе се подобри финансиската состојба на претпријатието. Но со тоа се оставаше една празнина во заштитата што нудеше можност добар дел од дрвната маса да се губи во непознат правец .
Навистина неразбирливо, но и покрај тоа што беа запознаени за големиот степен на корупција и криминал, одговорните лица не се обидуваа да превземат нешто посериозно и да се справат со него, туку “замижувааа“ пред сериозниот проблем кој го туркаше претпријатието во бездна.
Незнам колку беа свесни, но тоа само ја влошуваше состојбата со девастирањето на нашите шуми, додека претпријатието го туркаше во уште поголеми проблеми и во еден маѓепсан круг на корупција и криминал од кој тешко се излегува.
Со шумарството ништо ново
Со новата, односно во многу аспекти старо/новата гарнитура на “фактори“ во шумарството, дојде и надежта дека конечно работите ќе се подобрат, но...
Боли впечатокот на безидејност и немање иницијатива да се придвижат работите на подобро, па се добива впечаток дека шумарството е препуштено на функционирање по инерцијата од претходната гарнитура и работите се оставени да си течат како и порано.
Навистина зачудува несериозниот однос на државата и на јавното претпријатие кое е задолжено да се грижи за државните шумите со стопанска намена по прашањето на заштитата на шумите. Според мене, ова е најзначајниот проблем кој го уништува нашето шумарство, а изненадува фактот што одговорните лица сеуште не го согледале тоа.
Заплена на дрва - фото Борис Пешевски
Криминалот и корупцијата во шумарството се толку развиени, што на оваа индустриска гранка и нанесуваат тешки последици. Работата до толку е излезена од контрола, што поедници сметаат дека “шумската мафија“ и дрвокрадците имаат паралелен етат со ЈП “Македонски шуми“, кој во некои региони е дури и поголем од легалниот. Во овој криминал се “вртат“ толку големи средства, така што дури и човековиот живот е поефтин од дрвото.
Шумочуварите целосно девалвирани и препуштени сами на себе
Несогледувајќи ја важноста од заштитата на шумите, шумочуварите се целосно маргинализирани и нивниот труд е тотално обезвреднет. Не ми е јасно како одговорните лица очекуваат некој за 12.000 денари (кои се резултат на честите кратења на бодот) и голорак, да се справи со добро вооружени и финансиски силни дрвокрадци. Па кој може да преживее со овие пари, тое е едноставно долевање масло на огнот на криминалот.
Шумочувари во акција - фото Борис Пешевски
Тоа ти е исто како жеден човек да сте го оставиле да ви ја чува водата за пиење. Со тоа се ставаат со силно искушение оние кои треба да ја чуваат шумата остатокот од парите да го обезбедат од “други“ извори. Сите треба да се свесни дека заштитата е одговорна и скапа работа, па ако сакаат да се сочуваат шумите за тоа се потребни финансиски средства.
Шумарската служба намерно или не, е оствена да се снаоѓа како знае и умее. Покрај со слабите плати, тие се соочуваат од проблеми со недостаток од лично вооружување, нередовно обезбедување од ХТЗ опрема, немање на возила, мал лимит на телефонски разговори, неповолна старосна структура, недоволен број на вработени, недоволна подршка од системот и сл.
Замислете, од нив се очекува да ги бркаат дрвокрадците кои се добро вооружени и моторизирани, а немаат ниту лично вооружување ниту возила ?!? Па така, доколку слушнат моторна пила и видат дрвокрадци на другиот рид, додека отидат до таму веќе сите си отишле.
И правдата е “слепа“ за шумарството
Шумочуварите и шумските полицајци се постојано под стрес, закани и уцени, така што често и нивните животни се сериозно загрозени. Тука потфрлува системот на правда во државата, бидејќи криминалците поминуваат со благи или никакви казни, па тие повторно продолжуваат по старо со уште поголем кураж.
Шумочувар - фото Борис Пешевски
Изненадува фактот што пред судските органи шумочуварите немаат ни приближно еднаков третман на пример со редовната полиција, па така често испаѓаат дури и виновни во очите на правдата. Неможам да сватам како зборот на шумочуварот не вреди ништо, па така од нив се бара задолжително да се запленат нелегално исечените дрва како доказ што често од разни причини едноставно е невозможно. За разлика од нив, зборот на сообраќајниот полицаец за судските органи е светост, па од нив не се бара да го достават вашиот мобилен телефон како доказ дека сте го користеле додека сте го управувале вашиот автомобил.
Со ова тотално се руши авторитетот на шумочуварите, па на нив не им преостанува ништо друго освен да “дигнат“ раце и да почнат да го “тргаат“ погледот кога покрај нив ќе помине некој дрвокрадец. Системот ги принудува да паднат во искушение попрво да замижат пред проблемите, одколку да си ставаат здрава нога во трн и да си создаваат многу главоболки.
Заштитата само параван за изигрување на системот
Колку сме несериозни по прашањето на заштитата на шумите говори и фактот што овој термин често го користиме како параван за изигрување на системот. Не ретко заштитата се користи како беззначаен збор кога ни се укажува прилика да се опремиме со разни основни средства за работа, кои реално ни се крајно неопходни за т.н. “прв одговор“ при шумските пожари.
Имено, под заштита на шуми спаѓа и заштитата од шумски пожари. Ова е посебно осетлива тема, бидејќи како разултат на климатските промени нашата држава веќе е под силен удар на нивната девастирачка сила. Државата полека го сваќа ова, па благодарение на неа, како и на помошта од развиените држави кои тоа одамна го сватиле, ЈП “Македонски шуми“ има благонаклонетост за разни донации за ефикасно справување со шумските пожари.
Гаснење шумски пожар - фото Борис Пешевски
Но, како што гледам изгледа моралот, етиката и принципите се баук за нашето општество, па наместо енергија да ја насочиме како да ги зајакнеме нашите капацитети за ефикасно справување со овие непогоди, ние со нелогични и непромислени одлуки само дополнително ја влошуваме состојбата. Изгледа сме станале мајстори за шејтански работи, па благонаклонетоста и загриженоста на државата и меѓународните мецени го гледаме како убава можност да добиеме нешто што ќе се користи за све, само најмалку за она за што е добиено.
Но не верувам дека оние што даваат се глупи и наивни, па така нашиот однос кон заштитата и кон донираните наменски средства ќе биде пресуден дали ќе останеме на “трошки“ или соработката и понатаму ќе се продлабочува со дополнителни и поголеми донации.
Сепак охрабруваат некои сигнали дека можеби конечно во овој поглед дуваат некои поволни ветришта и настапува период на освестување на оние кои носат одлуки, па она што е наменето за заштита ќе се користи и за заштита. Но како што велат старите, секое чудо за три дена, па останува да видиме како ќе биде....
За крај
Очигледно е дека поради маргинализирањето на заштитата ни страдаат шумите и шумарството, но и ЈП “Македонски шуми“. Мислам дека крајно време е да се превземат некои мерки и чекори за оваа исклучително значајна дејност да си го добие вистинското место во шумарството и таа да си профункционира како што треба.
Идеи има многу, но нема да им се мешам во работата на оние коие се платени за таа работа, па се надевам дека наскоро ќе успеат да го најдат вистинскиот рецепт како да ги заштитат нашите шуми, а со тоа и нашето шумарство.
ConversionConversion EmoticonEmoticon