Мрежата на шумарски комуникатори (FCN) која настанала со соработка на Стопанската комисија на Обединетите нации за Европа (UNECE) и организацијата за храна и земјоделие (FAO) донесе “Стратешка рамка за шумска комуникација во Европа”, базирана на најновите истражувања и пракса.
Зошто Европскиот регион треба да ја развива стратегијата за шумска комуникација?
На ова прашање дадоа одговор 36, од вкупно 56 членки на Стопанската комисија на ОН. Стратешката рамка ги содржи комуникациските цели, заеднички клучни пораки и пристап, дизајнирани така да им помогнат на владите, приватните и државните институции и организации, како и на учесниците на сите нивоа, на формулацијата на комуникациските програми и стратегии за шумите.
Од многубројните причини за потребата од развој на комуникациската стратегија на шумите, нотирани се следните:
- Бидејќи шумите на различни луѓе различно им значат, се создава судир на интереси кој доведува до различни, често збунувачки пораки
- Шумите се често интерес на различни политики што доведува до дисперзирани мислења, па треба да се воспостави кохерентност и да се ангажираат учесниците на сите нивоа во отворањето на потребниот дијалог за шумите
- Постои значителен јаз меѓу вистинската состојба и перцепцијата на јавноста по прашање на шумите
- Иако постои емоционална поврзаност на луѓето со шумите, факт е дека јавноста не е доволно информирана по прашање на одржливо стопанисување со шумите и така шумите никогаш нема да го остварат својот потенцијал во ублажувањето на глобалните промени
- Шумарскиот сектор се состои од голем број институции и организации, но и покрај тоа тешко се наоѓа заеднички јазик!
Истражувањата на јавното мислење во европските земји по прашање на шумите покажува голема неинформираност. Како главен проблем се наведува дефорестација и заштита на шумите, а тоа всушност и не е толку лошо на ниво на Европа, дури постојат показатели за зголемување на подрачјата под шуми во последните дваесетина години. Пожарите се окарактизирани како најголема опасност за шумите, додека опасноста од бури, недекватната примена на пестициди и други болести на шумите е недоволно нагласена.
Исто така голем акцент се става на важноста за зачувување на шумите и нивната заштитна функција, додека, на пример, за можностите за користење на шумите воопшто не се расправа.
Со стратешката рамка за шумска комуникација ќе се настојува да се премости јазот помеѓу реалноста и перцепцијата во јавното мислење.
Со подобрувањето на комуникацијата и подобрите информациски платформи на крај ќе се настојува да се донесуваат и спроведуваат подобри одлуки по прашање на шумите и шумарствата.
Стратегијата значи дека треба во поширок контекст да се соединат економските, еколошките и социокултурните аспекти во комуникацијата за подобро и поефикасно спроведување на одржливото стопанисување со шумите. Треба на пошироката јавност и на сите заинтересирани да им се пласираат факти за важноста на шумите во модерното живеење и тоа треба да се прави на локално, регионално и национално и глобално ниво.
Кои се клучните пораки кои со оваа рамка треба да и се претстават на јавноста и на сите заинтересирани?
1. Шумите се клучен фактор во одржувањето на животот на Земјата, па затоа сите сили треба да се насочат на намалување на дефорестација и зголемување на пошумувањето на шумите. Иако во Европа оваа состојба е добра, а во светот не е, лекциите од праксата на одржливото стопанисување во Европа треба да се пренесат пошироко.
2. Кога се спроведува мудро и одржливо стопанисување, шумите ни даваат обновливи извори на материјали и енергија, како и друга еколошка и социјална корист.
3. Европските шуми имаат добра пракса во стопанисувањето, но им треба дополнителна помош за да ислезат на крај со се поголемите закани пред климатските промени, временските неприлики, пожари, употреба на пестициди и останати непогоди.
4. Штетното влијание на животната средина може значително да се редуцира со употреба на производи од дрво кои настанале со одговорно стопанисување со шумите.
Пораките мораат да бидат правовремени, јасни, релевантни и ефективни, па мора да се пласираат по пат на повеќе комуникациски канали за да стигнат до целните групи. Кога станува збор за целните групи, тие се однесуваат на главните носители на одлуки во многу сектори кои се важни за шумите, новинарите, младите луѓе, невладините здруженија и многу други. Се настојува да се создаде влијание на тие групи кои би ја сфатиле улогата и важноста на шумите и одржливото стопанисување со шумите, за да увидат дека шумите може да се искористат и за сопствено добро. Исто така треба да се разгледаат можностите на вклучувањето на шумите во донесувањето на одлуки и во деловните планови и на крај, да го промовираат легалното и еколошки прифатливо производство на дрва и дрвни сортименти.
Цел на оваа стратешка рамка, на крајот е, да ја подигне свеста и да ја расветли состојбата и можноста за одржливо стопанисување. Секако, оваа стратегија не завршува тука, туку започнува. Потребно е перманентно надополнување на рамката со најновите достигнувања и откритија во шумарскиот сектор.
Извор: “ШУМЕ“
ConversionConversion EmoticonEmoticon