Оваа година шумарскиот факултет од Скопје слави убав јубилеј, а тоа е 70 години од неговото постоење. Со гордост можам да кажам дека јас сум еден од плејадата шумарски инженери и магистри кои се произлезени од оваа високонаучна институција, па во таа чест би сакал тука да одвојом простор за неговата историја.
Основање на факултетот
Шумарскиот факултет е основан непосредно по ослободувањето, односно по Втората светска војна, во годините на обновата на од војната разрушената земја. Меѓу другите проблеми, во тој период, се наметнува потребата од образование на кадри, воопшто, па и од областа на шумарството. Тоа е особено значајно заради тоа што, во тие години, во Република Македонија, имаше само неколкумина висококвалификувани шумарски стручњаци. Со нив не можеа да се задоволат ниту основните потреби за обнова, за развој и за унапредување и модернизација на шумарството како дел од вкупното стопанство.
Во тоа време, посебно се наметнува потребата од започнување со планско стопанисување со шумите и шумските ресурси, пошумување голи и еродирани површини и терени, спречување на натамошната деградација на шумите и шумските земјишта итн. Оваа беше посебно актуелно со оглед на специфичните географско – климатски услови и на неповолниот однос кон шумата во минатото. Така, не само задоволувањето на потребите од дрво за обнова на земјата, туку и за воведување на планско стопанисување со шумите и за колку е можно поитно обновување и подобрување на крајно неповолниот шумски фонд, се налагаше оспособување високообразовни и стручни кадри.
Имајќи ја во предвид таквата состојба и согледувајки ја оправданоста за решавањето на овие проблеми од поширок општествен и стопански аспект, Владата на НР Македонија, преку својот орган – Министерството за земјоделство и шумарство, донесува одлука за основање институција за оспособување кадри со висока стручна подготовка од областа на земјоделството и шумарството, односно основање на Земјоделско – шумарски факултет. Со основањето, во 1947 година, Земјоделско – шумарскиот факултет се вбројува меѓу основните членки на идниот македонски универзитет.
Во почетокот на 1947 година е формиран Одбор при Министерството за земјоделство и шумарство на НРМ, со задача да изврши организациско – технички подготовки за основање на факултетот. Во одборот влегуваат: инж. Јордан Блажевски, началник на Министерството за земјоделство и шумарство на НРМ и инж.агр. Ѓорѓи Филиповски, шеф на Одсекот на Земјоделскиот испитателен институт во Скопје.
Одборот ги заврши сите неопходни организациско – технички подготовки и истото лето се формира посебна Матична комисија. Оваа комисија имаше задача да ги постави организациските основи на Факултетот. Во Матичната комисија беа определени: д-р Александар Угреновиќ, редовен професор на Земјоделско – шумарскиот факултет во Загреб; д-р Младен Јосифовиќ, редовен професор на Земјоделско – шумарскиот факултет во Белград; Борис Китанов, вонреден професор на Филозофскиот факултет во Скопје; инж. Владимир Дреци, началник на Сојузното министерство за земјоделство и шумарство во Белград; Благој Васков, помошник на министерот во Министерството за земјоделство и шумарство на НРМ и Димче Левков, помошник на министерот во Министерството за просвета на НРМ. Комисијата, покрај другото, имаше задача да предложи избор на органите за управување и избор на првите наставни кадри.
Во септември 1947 година се формира факултетскиот совет кој го преседе управувањето од претходните тела.
Се избраа и првите наставници на Шумарскиот оддел во состав на Земјоделско – шумарскиот факултет: д-р Илија Михајлов, вонреден професор; инж. Ханс Ем, вонреден професор; инж. Данило Тодоровиуќ, доцент. Дел од курсевите се предаваа на двата оддела и за нив беа избрани наставници.
Со завршувањето на сите овие работи беше основан Земјоделско – шумарскиот факултет, а факултетот во текот на месец ноември започна со предавања и редовна работа.
Зградата на Шумарскиот факултет од Скопје
Развој на факултетот
По завршувањето на Втората светска војна се формира НР Македонија, која како федерална единка влегува во составот на ФНРЈ. Опустошена од многувековното ропство и разурната од четиригодишната војна, ослободената НР Македонија имаше потреба од брза обнова. Недостигот од стручни кадри беше посебно тежок и приоритетен за решавање.
Во вонредно тешки материјални услови, но голем напор и ентузијазам, проблемот со кадри почна постепено да се решава. Притоа, имаше неопходна солидарност од другите републики од тогашна ФНРЈ, кои според своите можности дадоа помош и придонесоа за развој на факултетот.
Така, веќе во учебната 1951 / 52 година, Шумарскиот оддел има 9 постојни наставници како и 8 хонорарни наставници и 5 постојани асистенти. Во 1950 година почнаа да излегуваат првите завршени односно дипломирани студенти од областа на шумарството. Оваа година на шумарскиот оддел дипломирале 6 студенти.
Паралелно со работењето на факултетот, се прават напори и за подобрување на неговата материјална основа. Така, во 1950 година, во рамките на факултетот е формирана Шумскоопитната станица со задача да формира теренски наставно – научни објекти, какви што се: жива колекција на автохтони и алохтони шумски видови; дендро – парк; расадници; растила; стакленик; ловиште и др. Локациите за овие објекти беа добиени околу денешната зграда на факултетот во Скопје на село Трубарево во оклината на Скопје.
Покрај тоа, во 1952 година, факултетот се здоби со посебен наставно – научен објект – Факултетско шумско стопанство “Караорман”, со седиште во Кичево. Во составот на овој наставно – научен објект се трите шумски комплекси: шумата “Караорман” – Охридско, “Манастирска шума” и шумата “Крушино” – Кичевско. Овој објект служеше за успешно изведување на теренската настава и вежбите со студентите од шумарскиот оддел, се до 1962 година, кога истиот е отстапен на оперативата.
Првата реформа во образовниот процес е извршена во 1964 година со воведување настава од прв степен по Дрвна индустрија за образование на кадри со виша подготовка. Наставата за ваков профил на кадри траеше само две години.
На шумарскиот оддел при Земјоделско – шумарскиот факултет се до 1972 година наставата продолжи да се изведува на единствената насока Општо шумарство. Во 1972 година, следи втора реформа на образовниот процес. По иницијатива на стопанството и по препорака на Собранието на СРМ, при шумарскиот оддел, покрај насоката шумарство се отвори и насоката Дрвна индустрија.
Со оглед на потребата од потесна специјализација и заради соодветните специфичности, со одлука на Собранието на СРМ, во 1975 година, од дотогашниот Земјоделско – шумарски факултет се оформија два посебни факултета: ШУМАРСКИ ФАКУЛТЕТ и ЗЕМЈОДЕЛСКИ ФАКУЛТЕТ.
Овој период се совпаѓа и со тогашните реформски процеси во областа на образованието и науката. Основна цел на тогашните реформи беше да се рационализира високото образование, односно негова постепена трансформација во таканаречена институтивна настава. Тоа подразбираше интеграција на образовната и научноистражувачката дејност, со цел рационално користење на материјалните и кадровските потенцијали.
Следејки ги таквите реформски процеси, во духот на тогашната “акциона програма”, а по препорака на универзитетските органи, во 1976 година дојде до интегрирање на Шумарскиот факултет и Шумарскиот институт.
Со донесувањето на Статутот во 1978 година, Факултетот се конституира како организација на здружен труд (ОЗТ), со две насоки: Шумарство и Дрвна индустрија, а во нивни рамки: 11 наставно – научни одделенија, 1 наставно – научно и оперативно одделение Шумско – опитна станица ин 1 одделение за општи служби.
Во 1981 година, во рамките на наставната дејност на Шумарскиот факултет, се изврши насочување, при што од насоката Шумарство се формираа две нови насоки и тоа:
1. насока за одгледување и мелиорации на шумите и
2.насока за искористување и транспорт.
Ваквото насочување траеше три години, односно во 1985 година, наставата повторно беше организирана само на две насоки – Шумарство и Дрвна индустрија. Ваквата организација на наставната дејност се задржа до 1997 година, со тоа што на два пати се извршени одредени промени и дополнувања на студиските програми и нивно прилагодување кон современите потреби на стопанството.
Со оглед на новонастанатите промени во општествено – политичкиот систем (процесот на трансформација на образовниот систем и научно-истражувачката работа кон европските модели), од 1998 година на Шумарскиот факултет се отвараат четири насоки. На одделот Шумарство се отвараат насоките:
1. Шумарство и
2. Озеленување и унапредување на животната средина;
Додека на на одделот Дрвна индустрија:
1. Механичка технологија на дрвото и
2. Проектирање и технологија на мебел и ентериер.
Покрај образовната дејност, уште од основањето, Шумарскиот факултет се ангажира во решавањето на бројни научно – истаржувачки проблеми во стопанството. Работата во научноистражувачката дејност се одвиваше преку истражувањата врз бројни научни проекти и теми од областа на шумарството и дрвната индустрија. Како резултат на плодната научноистражувачка дејност, објавени се бројни научни трудови во списанијата Годишен зборник и Шумарски преглед како и во други списанија во земјата и странство.
Амфитеатарот на Шумарскиот факултет
Покрај наставната и научноистражувачката дејност, факултетот работи на бројни проблеми во стопанството, за чија цел се изготвени голем број апликативни програми и експертизи. Во рамките на Факултетот спаѓа и дејноста од областа на атестирањето и контролата на квалитетот на производите од шумарството и дрвната индустрија, следењето на здравствената состојба на шумските расадници, превентивна заштита на шумите и сл.
Шумарскиот институт кој во 1976 година се интегрира со Шумарскиот факултет, формиран е во 1944 година со акт на АСНОМ, на слободната територија во с. Горно Врановци. Тој беше меѓу првите формирани институти од органите на власта на државата што се создаваше во текот на Втората светска војна.
Од основањето до 1949 година, Институтот е во состав на Министерството за земјоделство и шумарство на НРМ, а од 1950 функционира како посебна самостојна институција. Шумарскиот институт има поставено голем број трајни теренски огледни површини на кои се вршени огледи, почнувајки од селекцијата на шумските дрвја, примена на разни одгледувачки методи, мелиорација на деградирани шуми и сл.
Шумарскиот институт имаше свое гласило –“Годишник”, во кое се објавени голем број научни трудови. Со интегрирањето на Шумарскиот институт со Шумарскиот факултет, кадрите на Институтот, теренските огледни станици и опремата, преминаа во сопственост на Шумарскиот факултет.
На Шумарскиот факултет, покрај наставата од втор степен, од 1970 година се организирана и настава на последипломски студии, односно специјализација и магистратура како и стекнување научен степен доктор на науки. Денес, наставата на последипломските студии е организирана во 16 стуиуми за магистратура и 5 студиуми за специјализација.
ConversionConversion EmoticonEmoticon