Шумите во Република Македонија



Република Македонија се простира на површина од 2.543.200 ха. Според најновите податоци од Посебните планови за стопанисување со шумите кои се за стопанска намена (состојба, 2008 година), вкупната шумска површина во РМ изнесува 1.091.857,59 ха, од кои 835.055,82 ха се вкупно обрасната површина и 256.801,77 ха необрасната шумска површина (голини).
Треба да се напомене дека има уште 80 000 ха или 7,32% шуми и шумско земјиште со мало стопанско значење, за кои нема изработено Шумско -стопански основи.
Во обрасната шумска површина влегуваат 255.444,74 ха високостеблени шумски насади, 546.179,40 ха нискостеблени шумски насади, 14.459,50 ха шумски култури и 18.978,18 ха се шикари.
Вкупната дрвна резерва според истиот извор на податоци изнесува 75.939.573 м3, односно 91 м3/ха. Вкупниот годишен прират изнесува 1.616.782 м3, односно 1,93 м3/ха.
Вкупниот предвиден етат за 10 години изнесува 10.948.149 м3, или годишно 1.094.815 м3. Неговата искористеност изнесува 75%.
Според Статистички годишник на Република Македонија2004 (10.01.Шумарство), Државен завод за статистика на Република Македонија, шумите во државна сопственост зафаќаат 90,14%од вкупната шумска површина, додека вкупното учество од дрвна резерва изнесува 92,20%. Приватните шуми зафаќаат 9,86%од вкупната шумска површина , со вкупно учество во дрвната резерва од 7,8%.
Шумарството во Република Македонија е стопанска гранка која во Бруто Националниот Производ учесвува со 0,3 до 0,5 %, меѓутоа, ако се валоризираат опшокорисните функции, придонесот е значително поголем.
Стопанисувањето со шумите во Република Македонија е засновано врз комплексност, многуфункционалност и трајност во производството, при што се води сметка за здравиот однос кон шумите, еколошките принципи за зачувување на животната средина и нега и обновување на шумите.
Шумите зафаќаат скоро една третина од копното на Планетата Зeмја и по правило се наоѓаат на оние локалитети каде, заради неповолна клима, неплодно земјиште, непристапни терени и конфигурација на земјиштето, не се погодни за земјоделство производство или друга намена. Според прегледот на апсолутна од 35% и релативна шумовитост од 0,47ха на жител, Република Македонија, со површина 2.571.000 ха и број на жители 1.909.000 и обраснато шемјиште 835.055,82ха, се наоѓа долниот дел на прегледите во регионот (пред Словенија и Црна Гора).
Природните услови во Р. Македонија условени од местоположбата, климата, релјефот, педолошко-геолошката градба на теренот, хидролошко-хидрографските карактеристики и друго, овозможуваат опстанок и развој на голем број растителни и животински видови. Поради тоа, нашата држава се вбројува во земјите со богат биодевирзитет. Голем број на растителни и животински видови се реликти и ендемити.
Дендрофлората на Р. Македонија ја сочинуваат 319 видови дрвја и грмушки со повеќе од 80 подвидови и вариетети во рамките на 119 родови и 54 фамилии, а 16% од вкупниот број на видовите се балкански ендемити или субендемити. Според досегашните истражувања шумските видови дрвја и грмушки формираат 81 шумска фитоценоза во рамките на 31 сојуз, 11 родови и 6 класи.
Врз основа на многубројните општокорисни функции на шумите, Република Македонија ги гледа шумите како дел од националното богатство, односно наследство. Потврда за тоа е Уставот на Република Македонија каде "сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита".
Традиционално, шумите и шумското земјиште од страна на општеството најчесто се сфатени како ресурс кој дава материјални добра, во прв ред дрво и други шумски производи како лековити растенија, делови од растенија, печурки, плодови, и сл. Покрај економската функција, шумите имаат и многубројни други корисни функции за општеството како што се: одморот и рекреацијата на луѓето; многустрана заштитна функција особено во поглед на заштита на биодиверзитетот и запирање на ерозијата; благопријатно влијание врз климата и режимот на водите; производството на кислород и квалитетот на животната средина итн. Во последните години особено големо значење добива улогата на шумите во врзувањето (намалување) на јаглеродниот диоксид како еден од гасовите кои придонесуваат за ефектот на стаклена градина. Овие и други значајни функции на шумите се во корелација со нивната состојба и структура, како по површина, така и според квалитет.
Економската, социјалната и еколошката функција на шумите се од огромно значење за одржливиот развој на општеството и за подобрување на квалитетот на животот, особено во руралните и планински подрачја.
Со државните шуми во Република Македонија стопанисува Јавното претријатие за стопанусување со шуми во државна сопственост ЈП"Македонски шуми". Јавното претпријатие, и во овој период, аналогно на постоењето на секое друго битие, поминува низ разни и сложени периоди со бројни проблеми и противречности, кои повеќе и или помалку успешно ги решава.
ЈП "Македонски шуми" е формирано со одлука на Владата на Република Македонија од 15.12.1997. година, а со работа започна на 01.07.1998. како правен следбеник на повеќе стопански објекти кои до формирањето стопанисуваа со државните шуми.
Во првите години на независноста, Република Македонија влезе во многу тежок транзициски период во кој требаше брзо да го реконструира економскиот и политичкиот систем, а со тоа и своето стопанство. Периодот на транзиција беше дополнително отежнат поради сложената социјална и економска состојба.
Бројните негативни појави во развојот на севкупното општество и економијата, влијаеа и на шумарскиот сектор. И покрај тешката економска положба и наследените дубиози ЈП "Македонски шуми" функционира како важен стопански субјект во Република Македонија, следејќи ги политичките и економските промени во Република Македонија во согласност со евроинтеграциските процеси кои налагаат приоритети и фокусирање кон општокорисните функции на шумата и нејзиното стопанисување, интегрирајќи се во многу поширок контекст во кој заштитата, биодиверзитетот и грижата за природата и животна средина се ставени во прв план.
Република Македонија има потпишано и ратификувано многу меѓународни договори и конвенции за заштита на шумите и животната средина кои влијаат врз шумарскиот сектор. Ориентацијата на земјата кон Европската Унија бара хармонизација на шумарската политика со обврските кон неа.
Реалните услови во моментов ја налагаат потребата за создавање ефикасен систем за многуфункционално стопанисување со шумите и развој на модерна дрвна индустрија со високи стандарди.

 Извор: mkdsumi.com.mk


Previous
Next Post »

pgallery

[Gallery][pgallery]