Викинзите ги испосекле шумите на Исланд уште пред илјада години. Oттогаш, овие што сè не пробаа да ги вратат. И нејќе па нејќе.
Земјата некогаш одамна имала шуми на барем една четвртина од својата територија. Пред еден милениум (во 9-ти век) доаѓаат викиншките доселеници и се фаќаат за секири. Во следните три века не останува ни дрвце.
На почетокот на 21-от век кога Исланд стратешки решава дека пошумувањето е еден од главните национални приоритети, шума имало на само еден процент од територијата.
Но, враќањето на некогашната четвртина се чини не тешка туку неизводлива мисија. Иако само последниве неколку години насадиле 3 милилони дрвја, процентот на пошумен простор во изминатите сто години се качил едвај за половина процент. Нивниот случај покажува дека кога еден голем еко систем сериозно ќе се поремети при што ќе му биде тргнат главниот столб, тој многу тешко се обновува.
Недостатокот на дрвја, заедно со пепелта од вулканските ерупции и суровите ветришта кои знаат да извадат боја од кола, предизвикуваат сериозна ерозија на земјиштето. Исланѓаните со векови го имаат тој проблем поради што земјоделството е невозможно во многу делови од земјата. 40% од Исланд е пустина, иако нема ни суши ни високи температури.
Иако садењето оди после темелни проценки на почвата и внимателно одбирање на расадот, едноставно дрвцата не се фаќаат. Најмногу садат брези но и елки, борови и тополи.
Никој веќе не верува дека Исланд ќе ги врати некогашните шумски пространства. Но јасно им е дека и многу поскромните таргети ќе земат многу време.
„Целта ни е во следните 50 години да дојдеме до 5%. Но, со сегашниот ритам за тоа ќе ни требаат барем 150 години“, вели човек кој се занимава со организирање на пошумувањето.
Извор: off.net.mk
ConversionConversion EmoticonEmoticon