На 15 октомври официјално почнува годинашната грејна сезона, а граѓаните, со исклучок на оние кои се поврзани на системот за централно греење во Скопје, се во дилема на што да се греат, пишува агенцијата МИА.
Македонските домаќинства, како што оценуваат експертите, најчесто се греат на електрична енергија иако, велат, греењето со огревни дрва е поевтино.
Токму во пресрет на грејната сезона граѓаните се соочија со недостиг од огревно дрво, што придонесе цена во приватните складови да се искачи до 4.000 денари за метар кубен. Сепак, според најавите од Владата и од ЈП „Македонски шуми“, се очекува целосно стабилизирање на состојбата со огревно дрво и сите кои имаат потреба ќе бидат снабдени по минатогодишните цени.
– Испораката на дрва е интензивирана во целата држава, а евентуалниот недостиг Македонски шуми ќе го надомести со увоз. Владата ја следи состојбата, а цената на дрвата на Македонски шуми и количините што ќе ги испорачаат гарантираат стабилизирање на истото ниво од минатата година, изјавија од Владата на РМ, потенцирајќи дека не се точни шпекулациите дека во текот на целата сезона цената ќе оди над 3.000 или 3.500 денари.
Граѓаните не треба да бидат загрижени дека ќе има недостиг од дрва и треба да почекаат и цената кај приватните складови да се стабилизира.
Јавното претпријатие Македонски шуми од 1-ви до 22 септември испорачало големи количини дрво на ниво на Македонија, а во исто време заедно со приватните шуми тој број е осетно поголем. Тоа значително придонесе да се задоволи пазарот со дрва, односно да се зголеми конкуренцијата, а исто така влијаеше и кај сите други складови цената полека да се нормализира, да паѓа и да дојде на ланско ниво.
Пкрај тоа, интензивирана е испораката на дрва не само во Скопје туку секаде, а Македонски шуми ќе ги исполни преземените обврски и ќе ја изврши испораката во определениот рок.
– За сите граѓани максимално ќе излеземе во пресрет до крајот на годината бидејќи годинава побарувачката е зголемена.
Цената во ЈП „Македонски шуми“, согласно одлуката на Владата, е 2.270 денари со ДДВ за буково и 2.470 денари за дабово дрво, а дополнително се плаќа за товарот и транспортот. Со сите давачки изнесува 2.670 за буково и 2.870 за дабово огревно дрво.
Греењето на дрва се уште најисплатливо
Според експертите, грејната сезона во Македонија најчесто трае шест месеци, од кои во три е неопходно поинтензивно греење, додека во останатите најчесто се сведува на делумно загревање на просториите.
Оценуваат дека најевтино достапно греење во Македонија е со огревно дрво, а доколку доволно би се развил гасоводниот систем во земјава и со тоа би се зголемила потрошувачката на природен гас, првенство би имало греењето на гас. Во моментов гасот е достапен само за домаќинствата во Куманово и Струмица, а во останатите делови од земјава се уште нема соодветна гасоводна мрежа.
Експертите велат дека просечно македонско домаќинство годишно користи од три до 10 метри кубни огревно дрво за загревање или најчесто околу шест метри кубни. Доколку се подели вкупната дрвна маса со бројот на метрите кубни неопходни за греење се добива дека повеќе од 130.000 домаќинства се греат на огревно дрво.
Просечната малопродажна цена за метар кубен буково огревно дрво се движи од 2.600 до 3.200 денари, а кај дабовото дрво е поскапа за 200 до 300 денари по метар кубен. Тоа покажува дека за греење со огревно дрво просечно македонско домаќинство одвојува од 12 до 20 илјади денари годишно.
Познавачите велат дека во Македонија најчесто се грее една соба. Доколку, пак, се загреваат повеќе простории или домаќинството има сопствено парно греење на дрва, потрошувачката на огревно дрво оди и до 20 и повеќе метри кубни на годишно ниво за што се неопходни и повеќе од 60.000 денари годишно.
Тешко да се оцени колку домаќинства се греат на струја
Во Македонија особено тешко е да се процени колку домаќинства се греат на електрична енергија, бидејќи никој нема обврска да најави со што ќе се грее.
– Единствено од веќе потрошената електрична енергија може да се оцени дали и колку домаќинства се греат на електрична енергија, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Димитар Петров.
Пресметките покажуваат дека за греење на електрична енергија просечно македонско домаќинство треба да одвои и до 30.000 денари во нормално студена година, а доколку температурите се пониски сумата значително се зголемува.
Ако се има предвид дека цената на електричната енергија за еднотарифните мерила изнесува 4,47 денари за потрошен киловат час и ако се знае дека за загревање на една просторија од дваесетина метри квадратни просечно се трошат по околу 2 киловат часови електрична енергија на час, лесно може да се дојде до податокот дека дневно за греење ќе се потрошат по околу 25 киловат часови или околу 111 денари. Кога на нив ќе се додадат и 18 отсто за ДДВ се добива дека дневно ќе се трошат по 130 денари за загревање или 3.900 денари месечно.
Цената би била речиси двојно помала доколку се грее со инвертер (клима уред што работи на пониски температури и троши помалку електрична енергија од вообичаените клими), но ваквиот вид на греење експертите не го препорачуваат како главно, туку само како помошно, бидејќи при екстремно ниски температури под – 15 степени Целзиусови инвертерот најчесто не може да работи или не може доволно да загрее.
Доколку домаќинството има двотарифно броило цената на електричната енергија се движи од 5,57 денари за скапата до 2,79 денари за евтината тарифа. Ако, пак, се знае дека евтина тарифа има само во периодот од 22 до 7 часот, кога најчесто не се грее, и во недела цел ден, лесно може да се оцени дека за затоплување со двотарифно броило треба да се одвојат значително повеќе средства. Доколку, пак, се загрева целиот станбен простор сметката за струја месечно може да изнесува и до 10.000 денари.
Парното греење повторно во тренд
Во Македонија во моментов централно греење има само во Скопје иако мрежа има и во Битола, но поради нерентабилноста веќе неколку години воопшто не се користи.
Цената на Балкан енерџи груп (БЕГ), главниот снабдувач со топлинска енергија во Скопје, од 1 август годинава изнесува 2,6879 денари за потрошена киловат час топлинска енергија, а кај Скопје север 2,3559 денари по киловат час. АД Електрани на Македонија – Подружница енергетика, пак, наплаќа паушална цена која изнесува 38,58 денари по метар квадратен доколку се плаќа на 12 рати или 77,16 денари ако се плаќа на шест рати.
Пресметката, според калкулаторот на РКЕ, покажува дека просечната сметка за греење на стан од 60 метри квадратни изнесува околу 2.000 денари месечно доколку сметката се плаќа на 12 еднакви рати или 4.000 денари ако се плаќа на шест рати. Произлегува дека годишно за греење на стан од 60 метри квадратни се неопходни околу 24.000 денари. Предноста на овој вид затоплување во однос на другите е што се грее цела станбена површина.
Податоците на БЕГ покажуваат дека 36 отсто од потрошувачите во главниот град или преку 55.000 се греат на централно греење. Од останатите 64 отсто нешто помалку од половината се греат на дрва и фосилни горива, а другите на електрична енергија.
Во Македонија има и можност за загревање со геотермални води, особено во Кочанско, но тие најчесто се користат за одгледување градинарски култири под стакленици, а има и домаќинства во Куманово и Струмица што се греат на природен гас, како и во Битола и Кичево кои се греат на јаглен.
извор: МИА
ConversionConversion EmoticonEmoticon