Оваа година Шумарскиот факултет од Скопје при УКИМ “Св. Кирил и Методиј“ слави убав јубилеј 70 години од своето постоење. По тој повод факултетот од 04-06.10.2017 година организираше меѓународна научна конференција со наслов “Sustainable forestry – fact or fiction". Ова беше навистина ретка и убава можност шумарската стручна фела и сите заинтересирани граѓани да се запознаат со голем број стручни трудови од областа на шумарството.
Тоа беше овозможено од голем број на угледни и реномирани научни работници од регионот и пошироко, кои пред заинтересирание ги презентираа своите најнови научни истражувања. Научната конференција се одржа во три работни дена и беше тематски поделена на повеќе области. Во овој период беа презентирани преку 70 научни трудови кои беа објавени и во посебно изработена “Книга на апстракти“ која им беше поделена на сите учесници и посетители на конференцијата.
За жал, врз овој свечен настан и голем јубилеј темна дамка остави несериозниот и ноншарлантен однос на одговорните лица од нашата држава. Мој впечаток е дека шумарскиот факултет беше почестен со исклучително реномирани гости од регионот и пошироко, но запоставен од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, од Националните паркови, еколошките здруженија, Ректоратот на УКИМ “Св. Кирил и Методиј“, кои не најдоа засходно да го уважат и почестат шумарскиот факултет со своето присуство.
Несериозен однос имаше дури и од ЈП “Македонски шуми“, чие присуството беше само декларативно, бидејќи како што доликува на големите настани наместо генералниот директор да ги уважи и почести со своето присуство и со почесен говор, тоа го направи еден од многумината негови “советници“ или т.н. помошници директори.
Каков е односот на првите луѓе во останатите држави како пример ќе напоменам моето искуство од пред една година, кога бев дел од посебна обука од областа на шумарството која се одржа во Јапонија. Таму бев единствен учесник од Европа во група од само 7 внимателно селектирани учесници од повеќе држави од целиот свет. Јапонците како народ со високо ниво на култура и почитување, при свеченото доделување на нашите Сертификати со своето присуство ни укажаа голема чест и почит првите луѓе во JICA и JAFTA, кои се јапонски државни агенции за шумарство што имаат претставништва низ целиот свет и кои располагаат со буџет кој се изразува во милијарди евра.
Но тоа е нашата судбина и прилики – какви што сме таква ни е и државата па и шумарството.
На крај, на Шумарскиот факултет од Скопје сакам да им го честитам јубилејот и успешно органираната научна конференција и да им посакам уште многу години успешна работа.
ConversionConversion EmoticonEmoticon