Со оглед на тоа што објавивте напис за состојбата со дрвјата во светот, еве нешто за состојбата на шумите кај нас. Се чини дека во нашава земја како што се зголемува бројот на двоножни дрва така со прогресивна правопропорционалност се намалува бројот на дрвја
Низ цела Македонија се случува безмилосно уништување на шумите од страна на дрвната мафија во спрега со некои државни установи за поделба на милионски заработувачки. Како што еднаш рече пратеничката Лиљана Поповска: „државата и дрвокрадците имаат одлична соработка“. Се работи за организирана индустриска кражба. Се чини овој криминален бизнис е најпогоден за предизборно полнење на партиската каса.
Во мојот град Прилеп јавна тајна е дека за Ромите од Тризла дрвокражбата е дозволена како отплата за гласањето во минатите избори. Но сегашниот масакр на шумите накај вештачкото езеро е над секој разум. Со моторни возила лади или пезетки, навечер со запрежни возила и камиони нон стоп ден и ноќ само се носат украдени дрва наочиглед на цел град. Доволно е пола сат да се застане на асфалтниот пат и да се видат барем 2-3 лади како лудачки возат. Надолу со дрва, нагоре празни. Организирани се со распоредени мотори, коли и џипови за надгледување на безбеден пренос на украдените дрва по патот. Згора на се, дрвокрадците стануваат се побезобразни и подрски и се однесуваат заканувачки за обичните граѓани и по патот, уште повеќе, поблиску до местата каде шумата се сечи. За првпат и ние прилепчани во одреден простор треба да се пазиме каде да одиме. Лично ја нема таа власт или криминалец што тоа ќе му го дозволам. Затоа и отворено пишувам. Граѓаните се чудат, вртат глави и велат: „има ли овде држава, има ли овде некој нешто да мисли или се отиде во пропаст“. Цел град знае и се чуди како може пред очи да се гледа криминал, и сите установи да молчат.
Пред скоро еден месец, ги поминав лично или заедно со здружението на бранители (ЗРВО на РМ) сите установи: од општински оддел за животна средина, инспектор за шумарство водостопанство, директор на Македонски Шуми, заменик командир на Шумска Полиција, командир на МВР и јавен обвинител. Сите до еден велат дека ЗНААТ. Впрочем не може да речат дека не знаат, сведоци се илјадници граѓани. Но зошто не го спречуваат!? Ги замоливме за да нема негативен публицитет, да не се рече „партиски е поттикнато“, институционално да ја спречат дрвокражбата. Не е битно никој нека не одговара, само да се престане со пустошењето.
Засега на сликата на терен е иста, ако не и полоша.
Дополнително ќе разговараме со засегнати граѓански здруженија за организирано притискање на установите и властите. Но сите граѓани мора да вршат притисок. Ако сте во можност, фотографирајте, пријавувајте, јавувајте се на телефонот за анонимна пријава на криминал. Бунете се низ чаршија и пред одговорните.
Низ разговорите со луѓето, дознав дека во овој дел кај Прилеп тоа е видливо, но дека истото се случува насекаде низ Македонија. Секој за свој дел каде имал шума, викендица вели не знаеш што се случува, таму..., онаму.... Се сечи и кради безмилосно. Началник на Шумската Полиција во МК е Албанец и се чини не му е грижа и цела Македонија да стане пустина. Директорот на Македонски Шуми си прави двоен ќар. Законски исечените количини да се продадат поскапо во странство, за да може бизнисот на црно да направи уште поголеми заработувачки да ги задоволи внатрешните потреби за дрва. И законот кој некој го смислил го правел за процут на криминалот. За секој кубик мора да се плати данок од 900 денари што е добредојдено да не може самостојно да се снабдува со дрва, се' да оди преку Македонски Шуми (која нема количини и со високи цени) или уште подобро на црно (и количини и поефтино).
Но не само за уништувањето на шумите. Кога не се спречува видлив криминал, криминалците стануваат самоуверени и слободни за вршење на тој или други криминали кои ќе ги превземат. Цртата е поместена и многу тешко се враќа. Граѓаните и граѓанските богатства би биле ограбувани и осиромашувани од криминалците под општа уште понезавидна подкриминална закана.
Мислите не може да биде полошо, ама може. Ако не се делува граѓански храбро така и ќе биде.
Имате жени и деца, семејства. Мислете малку да ја заштитите нивната иднина. Незаконското уништувањето на шумите е НЕПОПРАВЛИВА штета. Ова со шумите не е „ај подоцна ќе вложиме напори и ќе го поправиме“. НЕ СЕ ПОПРАВА! Каде што е оголено, голо ќе биде 15 години и после грмушки и ниска шума уште 20 години. И во најпогодните места (влажни планини) потребни се барем 15 години. Дрвокрадците сечат и на места (суви или каменести планини) каде шумата не може брзо да се обнови или многу тешко да се обнови. И не сечат на правилен начин како при законска сеча. Го сечат само она што им е најисплатливо. Таму каде што се планините оголени, постарите од 35 години до своја длабока старост нема да видат шума.
Кои се свесни граѓани да негодуваат и да сторат што е во нивна моќ. Шумите се од национален интерес и неопходни за биолошкиот опстој на населението, животните, водите, земјоделството. Без шумите земјата се пустинизира.
На новинарско прашање „дали ќе ги лови само малите криминалци или и големите“ претходниот премиер рече: „мали големи кој ќе го фатиме ќе одговара“. Еве видлив криминал кој работи со години, а сега работи со полна снага и никој не го спречува, никој не одговара.
Писмо од читател.
ConversionConversion EmoticonEmoticon