Печурката поради која се потпалуваат шуми

Истражувања извршени во САД утврдиле дека смрчакот расте и по осумпати повеќе во опожарени области отколку во места каде што немало пожар

Фениксот се издигнува од пепелта во приказните, а смрчакот во стварноста. Кога ќе изгорат зимзелени шуми како таа во селото Требовље кај Македонски Брод, тоа создава поволни услови за следната година, по дождовите, да има богат род од печурката смрчак, која е една од највкусните и најскапите на пазарот. За гурманите деликатес, за собирачите одлична бизнис-можност, бидејќи откупната цена на оваа габа достигнува и по 1.000 денари за килограм.
Според податоците на Стопанската комора на Македонија, со собирање шумски плодови и печурки во земјава се занимаваат околу 50.000 семејства, односно тие се извор на егзистенција за околу 200.000 лица, и тоа главно во ридско-планинските предели и во неразвиените подрачја.Тоа ја прави оваа дејност една од клучните во справувањето со сиромаштијата. Од извозот на шумски плодови државата остварува приход од над 10 милиони долари годишно.

ШТО Е СМРЧАК

Накратко, тоа е една од највкусните и најбараните печурки на пазарот. Се користи и во јадења со месо, и во вегетаријански оброци, се полни, се става во супа и се подготвува на многу начини. Вообичаено е многу ретка и се појавува само неколку недели напролет, во зимзелените шуми.
Македонските компании што откупуваат шумски плодови објавуваат дека таа расте само во краток период, и тоа во месецот мај, дека е богата со протеини, масти, растителни влакна и јаглехидрати и дека има и лековити дејства. Се продава како свеж, сув или како замрзнат производ. Се појавува во стари шуми и во области каде што имало пожари.

ЗОШТО РАСТЕ ПО ПОЖАР

Ова сé уште е мистерија, а до неодамна и самото тврдење дека смрчакот го има во изобилство по пожарите имаше повеќе статус на народно знаење отколку на научен податок. Но неодамна беше објавена студија од тим научници од повеќе универзитети во САД (Монтана, Вашингтон, Јута) со кои се потврдило дека кога некоја шума е опожарена, следната пролет таму има многу повеќе печурки од овој вид отколку ако немало пожар.
Истражувањата биле извршени во националниот парк Јосемити во Калифорнија, еден од најпопуларните во САД, а една од целите им била за да се утврдат ограничувањата за рекреативно собирање на оваа печурка. Научниците заклучиле дека управата на паркот може да ја зголеми дневната квота за собирачите што го берат смрчакот за свои потреби дури за осумпати во годините откако ќе се случат пожари. Како што се нагласува, иако тогаш ја има во изобилство, повторно расте само краток период и може да се собира во поголеми количества без воопшто да има штета за екосистемот.
Меѓу претпоставките зошто опожарените места му одговараат на смрчакот се променетиот хемиски состав на почвата, помалата конкуренција од друга вегетација за хранливите состојки, отстранувањето на пречките што физички го блокираат неговиот раст итн.


ШТО ПРАВАТ НАДЛЕЖНИТЕ

Собирањето печурки е една од трите најчести причини за предизвикување пожари што секоја година ги истакнуваат пожарникарите, владините функционери и други лица во нивните апели за да се заштитат шумите. Другите две се потпалувањето поради огревно дрво и палењето стрништа од земјоделците. Тие нагласуваат дека кога температурите се високи како во овој период, огнот многу лесно излегува од контрола.
Опасноста што побарувачката за смрчак и трката за заработка од оваа печурка ја носат за опстанокот на шумите се сфаќа мошне сериозно од надлежните власти. Владата, на пример, во 2012 година донесе одлука да се забрани откупот на смрчак начелно до 5 септември таа година, а по потреба и понатаму.

КАКВА ВРСКА ИМА СО ТРЕБОВЉЕ

Според Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување пожарот што оваа година беснееше кај селото Требовље во општината Македонски Брод најверојатно беил подметнат, бидејќи екипите што го гаснеле во шумите нашле дрва подготвени за потпалување. Тој побарал да се прегледаат снимките од безбедносните камери на ХЕЦ „Козјак“ за да се види дали можеби со некоја од нив ќе се откријат сторителите.
Засега не се познати ниту евентуалните сторители, ниту причините поради кои наводно биле подметнати пожарите во Трбовље. Но од трите најчести причини што ги посочуваат упатените и официјалните лица, барем две може да се исклучат. Селото е планинско и нема земјоделски површини, односно стрништа што би можеле да се запалат, а зимзелените дрвја што гореле не се користат за огрев. Токму во овој тип шуми најчесто се наоѓале печурките.

Извор: /newsroom.mk/


Previous
Next Post »

pgallery

[Gallery][pgallery]