„Се остварува мојот најлош кошмар“: последната голема древна шума во Европа на работ на колапс


Научниците и активистите за животната средина ја обвинија полската влада дека го донела екосистемот на Бјаловјешката шума во североисточниот дел на Полска на „работ на колапс“, една година откако со ревидираниот план за стопанисување со шумите беше дозволено трикратно зголемување на сечењето и беше укината забраната за сечење во прашумските области, пренесува Гардијан.

Големи делови од шумата, која се протега на источната полска граница со Белорусија и ја содржи последната преостаната прашума во Европа, се подложени на природни процеси невознемирени од директна човечка интервенција.
Како локација од природното светско наследство на УНЕСКО - единствената во Полска - шумата е дом на околу 1.070 вида васкуларни растенија, 4.000 видa габи, повеќе од 10.000 вида инсекти, 180 вида птици и 58 вида цицачи, вклучувајќи и многу видови зависни од природните процеси, на кои им се заканува истребување.
„Во одреден момент ќе дојде до колапс, а ако и кога ќе се случи тоа, ќе ја снема засекогаш - ниедна сума пари во вселената нема да може да ја вратат“, вели проф. Томаш Весоловски, шумски биолог на Универзитетот во Вроцлав, кој работи на терен во Бјаловјешката шума во последните 43 години. „Со секое исечено дрво ние сме поблиску до таа точка од која нема враќање“.
Сечењето е забрането во Бјаловјешкиот национален парк и природен резерват, кој содржи шуми илјадници години недопрени од луѓето, но резерватот сочинува само 17% од шумите на полската страна, оставајќи околу 40.000 хектари ранливи на сечењето дозволено од државата.


При една неодамнешна посета на шумата, Гардијан сретнал докази за широко распространета сеча на дрвја, што е забрането со полските и европските закони, вклучувајќи и многу дрвја стари повеќе од 100 години во областите заштитени од УНЕСКО, сега наредени со трупци за комерцијална дистрибуција.
„Тие сечат природна, разновидна шума што не е засадена од луѓето и ја заменуваат со плантажи на дрвја од една иста возраст и вид“, вели Адам Бохдан од Фондацијата за полската дивина, која го следи сечењето и им дава податоци на научниците што работат во Бјаловјешката ботаничка истражувачка станица.
„Тие сечат во зони на УНЕСКО, каде што е забрането собирање дрва, тие сечат 100-годишни дрвја спротивно на европскиот закон, тие сечат за време на сезоната на парење и ги уништуваат живеалиштата на ретките видови. Тоа е нарушување на природните процеси што постоеле илјадници години. Ние губиме голем дел од последната природна шума - мојот најлош кошмар станува стварност“, вели Бохдан.
Владата тврди дека сечењето е потребно за заштита на шумите од појава на бубачки во кората и од причини на јавна безбедност, што жестоко е оспорувано од конзерваторите.
Малку е веројатно дека овој процес во скоро време ќе се промени. Шумарите и ловците се клучна изборна единица на владејачката полска десничарска Партија на законот и правдата.
Полската влада сега се соочува со закана да биде доведена пред Европскиот суд на правдата од страна на Европската комисија. „Поради опасноста од сериозна непоправлива штета на локацијата, Комисијата побара од полските власти да одговорат во рок од еден месец, наместо вообичаениот рок од два месеци“, рече Комисијата во април.


Но поборниците велат дека владата не ги почитува своите законски обврски и стравуваат дека главната непоправлива штета веќе е направена.
„Тоа е како да заменуваш диви птици со кокошки од инкубатори“, вели активистот Адам Вајрак, кој го надгледува ширењето на земјиштето неодамна соголено од дрвја, кое сега е опкружено со метална ограда и на кое има само уредни редови новозасадени дабови фиданки.
„Ние сакаме шума, а не фарма на дабови“.


Previous
Next Post »

pgallery

[Gallery][pgallery]