Од ДОМ реагираат дека дивата сеча ја уништува шумата на Јакупица


Претставници од партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ), пратеничката Лилјана Поповска, Мирослав Богдановски, Ервин Реџепагиќ и Дарко Кржаровски, на барање на планинари и екологисти од Велес, кои се загрижени поради уништување на природата, беа на увид на падините на Јакупица во делот на општина Чашка.
За време на обиколката на теренот тие истакнаа дека имале можност лично да се уверат дека планинскиот масив Јакупица е изложен на систематско опустошување од сечење на шумите.
„Веќе со години се сече и државна и приватна шума до голосек, не водејќи сметка за обновување. Животната средина е сериозно загрозена и со фрлањето отпад во реките, особено во реката Тополка, која се влева во хидросистемот Лисиче, од кој Велес се снабдува со вода“, велат од партијата ДОМ.
Екипата од ДОМ предводена од Лилјана Поповска се сретнала и со градоначалникот на оштина Чашка, Горан Стојановски, со кого разговарале за начинот за надминување на проблемите. После средбата од ДОМ изјавија дека заеднички било заклучено дека најефикасно и одржливо решение е прогласување на Јакупица за национален парк, со што би се обезбедила трајна заштита на животната средина и услови за развој на рурален и екотуризам.
Партијата ДОМ, заедно со невладината организација „Вила Зора“ до Министерството за животна средина пред повеќе години имаат поднесено иницијатива за прогласување на планинскиот масив Јакупица за национален парк. Тие истакнуваат дека предлогот добил начелна поддршка, но не и конечно решение. Најавуваат дека ваквата иницијатива ќе биде обновена, при што овој пат очекуваат повеќе разбирање од надлежните.

Институциите глуви на апелите за заштита на шумите на Јакупица

За уништувањето на шумите во овој планински масив свија сторија имаше и Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија, а една цела емисија посвети и емисијата КОД на Снежана Лупевска, која во својата истражувачка сторија наведе дека шумската мафија безмилосно ја сече шумата. Сепак за жал не само што државата не превзема ништо за сузбивање на оваа појава, туку во последните години тоа зема се поголем замав.


Шумската мафија и дрвокрадците во овој дел од нашата држава до толку се дрски, што во 2009 година сред бел ден по успешно завршена акција на заплена на нелегално посечени дрва, во заседа беше убие еден припадник на шумската полиција.
Рака на срце, во последниов период имаше неколку успешни акции на заплена на поголема количина на нелегално посечено дрво во пазувите на овој планински масив, но со оглед на тоа дека беа реализирани по анонимни дојави и никогаш не се дозна чии се тие дрва, остава простор за сомнеж дека станува збор за манипулација на јавноста за лажна борба против оваа мафија или за меѓусебна борба за превласт на територии.

ЈП “Македонски шуми“ се повеќе се откажува од стопанисување со шумите и се преорентира на продажба на дрвото

Одредени постапки на јавното претпријатие укажуваат на тоа дека тоа на просторот на планинскиот масив Јакупица, на некој начин се повеќе се откажува од стопанисување со шумите и се претвора во продавач на дрвото. Вакво нешто пред повеќе години токму во емисијата КОДпредупредуваше и еден од бившите генерални директори на ЈП “Македонски шуми“ и редовен професор на шумарскиот факултет од Скопје проф-др Љупчо Несторовски.

Во прилог на ова констатација е форсирањето на продажба на дрво на пенушка од страна на ШС “Бабуна“ од Велес, која според бирото за Јавни набавки оваа година за своите складови преку тендери за превоз има предвидено само незначителни околу 3.500 m³, за разлика од лани кога преку истиот тендер предвиделе околу 24.300 m³ огревно дрво. Слична е состојбата и од скопската страна, каде има слична тенденција на форсирање на договори за продажба на дрво на пенушка.
 Ваквиот начин на продажба остава простор за сомнителни договори во четири очи, при што со непосредна спогодба се фаворизираат поединци, но со тоа и се отежнува контролата на сечата со што постои можност да се сече повеќе одколку што треба. Ваквата политика на овие подружници остава простор за зголемено уништување на шумите.
Овозможувањето поголемиот дел од огревното дрво наместо во складовите на ЈП “Македонски шуми“ да заврши во приватните складови, се заканува од граѓаните на повеќе градови во нашата држава да направи жртви кои ќе плаќаат исклучително скапи дрва, бидејќи со тоа на есен плацовите на јавното претпријатие лесно може да се случи да бидат попразни дури и од лани. Во исто време тоа дополнително ќе го турка во пропаст ЈП “Македонски шуми“, кое своето дрво во непосредна близина на најголемите пазари за огревно дрво по багателни цени ќе им го отстапува на препродавачите со огревно дрво за да остваруваат неверојатно високи профити, а тоа на сопствен трошок од останатите градови ќе носи огревно дрво за да ги задоволи потребите на граѓаните со што дополнително ќе трупа загиби.


Previous
Next Post »

pgallery

[Gallery][pgallery]