Справувањето со нелегалните сечи и дрвокрадците е тешка и исклучително опасна работа. Припадниците на шумската полиција во текот на своите должности наидуваат на големи пречки и опасности, бидејќи често на терен се судруваат со побројни, добро организирани и вооружени групи, кои со своите дејства предизвикуваат ситуации кои се опасни по животот на шумските полицајци.
Ваквите ситуации и организација на дрвокрадците кои имаат елементи на шумска мафија, наложуваат и промена на пристапот и стратегијата во борбата против нив. Се чини дека добра идеја која беше реализирана во минатото, беше формирањето специјална мобилна единица "мечки". Иако многумина го оспоруваа нивното постоење, се чини дека сепак идејата беше добра и ефикасна, но по се изгледа на некого не му одговарало да постои ефикасен систем на борба со шумската мафија, па после кратко време се најдоа “мал милион“ причини истата да биде укината и расформирана.
Карактеристика на оваа единица беше добрата обученост, опременост и вооруженост, при што настапуваа масовно и решително. Членовите на оваа единица беа внимателно селектирано, при што се бираа поединци со добри психо-физички карактеристики. Сето тоа влеваше страв кај дрвокрадците, а сигурност кај лицата задолжени за заштита на шумите и борба со шумската мафија.
Во денешно време, поради се помасовното уништување на шумите како и поради силата и дрскоста која ја имаат дрвокрадците, можеби надлежните органи треба да размислат за повторно формирање на специјална мобилна единица на шумската полиција, се разбира со соодветни измени и дополнувања на законот за шумите.
Во продолжение како потсетување го реобјавуваме текстот кој беше посветен специјална мобилна единица “Мечки“.
“МЕЧКИТЕ“ И ОБЈАВИЈА ВОЈНА НА ШУМСКАТА МАФИЈА
За поефикасна борба со шумската мафија, во рамки на шумската полиција постои и специјална мобилна единица чии припадници сами се нарекуваат "мечки"
Пожарите летово опустошија големи шумски површини, но шумите не куртулија од своите непријатели. Таму каде што огнот го зеде својот данок, продолжија секирите и пилите на дрвокрадците кои не бираат простор и време уште повеќе да и напакостат на шумата. Го користат заедничкото природно богатство за остварување на своја лична корист.
Бесправното сечење и транспортот на дрва ни се случува со години, но оваа појава особено зема замав откако греењето на парно и на струја стана луксуз за илјадници македонски семејства. Во овој бизнис на шумската мафија се претпоставува дека се вртат околу три милиони евра годишно.
ОПАСНА ПРОФЕСИЈА
Шумската полиција засилена со припадници на МВР се во офанзива против организираните групи дрвокрадци со трактори, камиони, стари автомобили со приколки, коњи и магариња кои, речиси секојдневно, бесправно ги пустошат шумите. Во обидите кога шумските полицајци ги затекнуваат крадците на лице место или пак, ги пресретнуваат кога се спуштаат од планините со својот "улов", често има инциденти. Полицајците често пати го доведуваат во опасност и својот живот, бидејќи дрвокрадците се бранат со пиштоли и "калашникови".
За поефикасна борба со шумската мафија, во рамки на шумската полиција постои е специјална мобилна единица чии припадници сами се нарекуваат "мечки". ВЕЧЕР деновиве присуствуваше на специјална обука и вежбовно гаѓање со пиштол во околината на Кичево. "Мечките" вооружени со автоматско оружје секојдневно се на терен во лов на дрвокрадци.
-Професијата шумски полицаец е стресна и опасна. Кога ќе се обидеме да им го земеме средството за сечење, имало случаи да не нападнат со моторна пила. Мораме да примениме некој од зафатите што ги вежбаме на курсевите за да се одбраниме од нив и да ги совладаме - ни изјави еден курсист - шумски полицаец кој сакаше да остане анонимен.
Стојан Трајков, раководител на Шумската полиција не сакаше да посочи во кои реони од земјава имаат најголеми проблеми. Вели дека постојано се подготвуваат за да ја покријат целата територија и притоа се среќаваат со одредени проблеми, но успешно ги решаваат.
-За мобилните екипи имаме обезбедено панцир елеци бидејќи речиси секојпат наидуваме на отпор од дрвокрадците. Кога некој полицаец преку мобилен телефон или радио врска ќе побара помош, нашите патроли секогаш се подготвени да му помогнат. Благодарност и до МВР со кои честопати ги ускладуваме нашите акции - вели Трајков.
Тој вели дека како припадници на служба која е постојано во шума, се среќаваат со шумски ѕверки.
-Никогаш не сме биле нападнати од некоја ѕверка. Тие се мирољубиви и ако не ги вознемируваш, никогаш први нема да те нападнат - додава Трајков.
Тој најави дека за шумските полицајци ќе биде побаран бенефициран стаж.
ВИСОКИ КАЗНИ
ЈП Македонски шуми е надлежно за контрола дали количините на дрво што плански се сече одговара на она што претходно било испланирано. Со оглед дека бизнисот со дрва е мошне голем и профитабилен, од Македонски шуми признаваат дека досега имало одредени аномалии во таквата контрола и тоа од страна на нивни вработени.
-Кон таквите вработени преземаме ригорозни мерки, ги казнуваме или суспендираме. За такви злоупотреби на работните обврски нема милост кон никого. Во релација сме со шумската полиција и тие ни сигнализираат кога ќе забележат дека некој наш вработен извршил бесправно дејствие - велат од Македонски шуми.
Министерството за земјоделство со високи казни се бори против дрвокрадците. Ресорниот министер Ацо Спасеноски вели дека казните за бесправно сечење дрва еднаш беа зголемени 100 проценти, а со новиот Закон за шумарство уште толку ќе пораснат.
-Казните ги зголемуваме со цел да ги одвратиме дрвокрадците од желбата да ја уништуваат шумата. Во таа насока, одиме и со измена на правилниците со кои ќе ги вратиме селските сечи - смета Спасеноски. Законот за шумарство предвидува парична казна за еден кубик дива сеча што се движи од 3.000 до 4.000 евра. Заедно со паричната казна, во зависност од тежината на делото, за дивокрадците и организаторите на шумската мафија се предвидени и затворски казни.
Автор: Светлана БЛАЖЕВСКА - 29 октомври 2008 година
Извор: https://vecer.mk/
ConversionConversion EmoticonEmoticon