Владиката Петар ѝ измислил непостојна болест на шумата што сака да ја сече, жителите велат сака да профитира


Не постои канадска болест поради која владиката Петар сака да ја сече шумата во ресенското село Јанковец, тврди Шумарскиот факултет. Деканот, проф. Кирил Сотировски, фитопатолог, тврди дека Факултетот не добил барање за испитување на здравствената состојба на шумата. Преспанско-пелагониската епархија планира да продава дрвја од шумата во ресенското село Јанковец за да обезбеди пари за изградба на нова црква. Жителите на селото се против сечата бидејќи сметаат дека дрвјата им се заштита од поплави. Шумата е сопственост на МПЦ, а првото нивно барање било соголување на шумата, но коаг тој план не поминал кај надлежните институции, професори од Факултетот за шумарство изготвиле нов, со кој е предвидено да се исече дел од шумата. Но, жителите не го прифаќаат ниту ова решение.
„Не е добро шумата да ја исечат дивокрадци. Нивна должност беше, ако навистина се загрижени, да исечат 30 отсто од шумата. Жалиме што од нивна страна нема ниту малку разбирање дека манастирската црква е во лоша состојба и се урива. Треба да се оцени дали шумата да ја досечат дрвокрадци или да се направи планско проретчување или, пак, да се исече тоа што не може да опстане, но да не е катастрофално за шумата, со цел таа да се обнови, а не да пропадне целосно, па да останеме и без шума и без црква“, вели владиката Петар, кој додава дека не постои опасност за мештаните.
Владиката Петар, меѓу другото, сечата ја оправдува и поради болеста што тврди дека ја имаат дрвјата.
„Треба да се исече плански и во согласност со законот за да се обнови. Голем дел е заболен од т.н. канадска болест, а станува збор за паразити што ја напаѓаат шумата и ја сушат“, вели владиката Петар.
Професорот Сотировски за „Макфакс“ тврди дека не постои т.н. канадска болест.
„Тука морам да бидам јасен и дециден. Ниту во шумарската, ниту во поспецифичната фитопатолошка пракса не постои т.н. канадска болест. Морам да кажам дека сум истовремено и изненаден, но и револтиран затоа што толку лесно се пласираат многу помпезни термини и во најмала рака сомнителни оценки за одредени состојби, дури и кога се работи за високоспецијализирани работи, како здравјето на шумите, кои само мала група експерти може да ги знаат. Спомнувањето канадска болест и нарушена здравствена состојба на шумата за да се оправдаат интервенциите во неа, кога не би имало многу посериозни импликации, би било гротескно смешно, но во овој случај е прилично сериозно“, вели деканот Сотировски.
Тој смета дека што побргу општеството и стручњаците од областа на шумарството мора да сфатат дека шумите не се само ресурс за дрво и остварување брз профит, туку многу побитен ресурс, со големи влијанија.
Манастирскиот комплекс се состои од два објекта. Едниот е новоизграден, а другиот, според планот на МПЦ, треба да се урне и повторно да се изгради поради неговата дотрајаност.
Кире Диновски, жител на Јанковец, тврди дека планот на МПЦ е профитерски. Жителите тврдат дека може да ги соберат парите за реизградба на црквата, без да се продава шумата.
„Манастирот не го посетуваат голем број верници секојдневно, која е потребата од тоа да го рушиме стариот манастирски храм и да градиме нов? Ние сечеме шума од милион евра, не од сто илјади евра, туку од милион? Некој сака да профитира од ова“, вели Диновски.
„Ние имаме деца во странство. Можеме да ги собереме тие пари. Ќе донираат, како што донираа за горниот манастир. Не даваме да се сече шумата од еколошки причини. Јас секогаш велам – да ги спречиме причините за да не ги лечиме последиците“, вели Златка Божиновска, жител на с. Јанковец.
Здружението „Екогерила“- Преспа, кое е против сечата, вели дека последиците ќе бидат мошне сериозни доколку шумата биде уништена.
„Овој предел е ерозивно земјиште, со самиот порој што би се јавил и со тоа што шумата би била обезличена не би можела да ја оствари својата заштитна функција. Вечна шума е онаа што има дрвја од разни возрасти, но проретчувањето треба да биде строго контролирано, направено врз основа на елаборат кој е издржан“, вели Билјана Нечовска-Стефковска од „Екогерила“ – Преспа.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство не одговори на прашањата од „Макфакс“ за тоа дали сечата е со одобрение и за колкава површина станува збор.
Кристијан Ландов

Извор: /makfax.com.mk/


Previous
Next Post »

pgallery

[Gallery][pgallery]