15 милиони евра фрлени за денот на дрвото и палмите, не се знае дали некој ќе одговара


За проектот Ден на дрвото се потрошени 15 милиони евра, а ефикасноста е околу 20 отсто, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори од „Македонски шуми“. За палмите, пак, потрошени се 500 илјади евра, а успешноста е нула отсто.
Владата побарала отчет од „Македонски шуми“ за успешноста на акцијата Ден на дрвото од почетокот во 2008 година, па сè до октомври 2017 кога беше укината, поради како што кажаа тогаш, незадоволителни резултати. 
Изворите од јавното претпријатие велат дека комисијата која што ја разгледувала ефикасноста од акциите и проектите за пошумување и раззеленување, вчера го усвоила извештајот и тој ќе биде презентиран на владината седница во вторник, но засега не е познато дали Владата ќе преземе нешто, т.е. дали некој ќе сноси одговорност за промашениот милионски проект.
Идејата за Ден на дрвото во 2007 година ја иницираше оперскиот пејач Борис Трајанов, но тој се повлече од проектот и од јавниот живот во 2012 година, бидејќи, како што кажа тогаш, бил изморен од „написите во одредени медиуми, во кои Денот на дрвото го претставуваат како пералница на милиони евра“.
Акцијата „Денот на дрвото – засади ја својата иднина“ беше воведена од поранешната влада на Никола Груевски во март 2008 година и до 2011 година се спроведуваше напролет и наесен, а во последните пет години само наесен. Денот кога се садеа садници, беше прогласен за неработен ден за државната администрација, но подоцна во текот на годината се одработуваше за време на викендите.
Податоците се дека на повеќе од 13.000 хектари, изминативе години беа засадени 35 милиони садници, што значи дека преживеале нешто над 7 милиони садници.
Палмите на Кејот на Вардар и на булеварот во Скопје „Митрополит Теодосиј Гологанов“ лани во април беа отстранети, откако измрзнаа на студеното време. Тогаш „Македонски шуми“ објави дека на нивно место ќе бидат засадени јавори. Измрзнаа и во другите градови, каде што „Македонски шуми“ ги засади и покрај скапите методи за нивна заштита во текот на зимските месеци.
Се чини дека се е само добар театар за народот, бидејќи најверојатно ќе излезе како онаа народната „Сјаши Мурто качи се Курто“. Постојат сомнежи дека дел од новите функционери во минатото биле искомпромитирани со криминални дејства или должат некакви услуги на лица вклучени во криминал, па голема е веројатноста дека истите порано соработувале со криминалците и затоа сега да се поставуваат заштитнички кон нив. 
Според досегашните потези на дел од новите функционери, постои сериозен сомнеж дека тие искрено сакаат да се справат со курупцијата и криминалот, туку дека имаат намера да си продолжат да ги одржуваат во функција веќе разработените канали на корупција и криминал во шумарството. Како инаку би се протолкувало тоа што досега нема ниту една пријава за корупција или криминал во највисоките органи на менаџментот во јавното претпријатие, кое важи за исклучително корумпирано претпријатие. Сето тоа наведува на помисла дека постои некаков договор помеѓу старите и новите криминалци во високите органи на јавното претпријатие, за меѓусебна заштита и несанкционирање на корупцијата и криминалот.
Б. НЕСТОРОСКА

Извор: /sdk.mk/


Previous
Next Post »

pgallery

[Gallery][pgallery]