ЈП “Македонски шуми“ до медиумите испрати информација за Акцијата „Ден на дрвото засади ја својата иднина“. Ова е една многу интересна информација од која дознаваме дека јавното претпријатие било задолжено за избор на локациите за пошумување, но и од таму признаваат дека локациите кои ги избрале биле несоодветни ??? Ај нека им биде, иако прочка беше пред неколку денови, на оној кој признава пола му се прашта J
Ова е за “без коментар“. Во продолжение прочитајте го во целост информацијата.
ЈП “Македонски шуми” од 2008 до 2016 година го спроведуваше проектот на Владата на Република Македонија, Акцијата „Ден на дрвото засади ја својата иднина“.
Во сите изминати акции досега ЈП „Македонски шуми“ беше задолжено да обезбеди садници за пошумување на утврдени локации. Бевме задожени да бaраме локации за пошумување покрај населени места и блиску до пристапни патишта, како и косини покрај автопатиштата и средишниот простор на автопатиштата, покрај езерата и сл.
Најчесто овие површини беа несоодветни за пошумување со шумски видови садници. Повеќето од површините се пошумувани повеќе пати (во повеќе акции).
За да се утврди успешноста на акцијата ЈП „Македонски шуми“, во периодот септември-октомври 2017 година направи теренски и финансиски анализи.
По направените анализи од страна на ЈП “Македонски шуми” утврдени се вкупно потрошените финансиски средства за спроведување на Акцијата “Ден на дрвото-засади ја својата иднина” (од почетокот до сега) со резултатите и ефектот од реализацијата на акцијата (податоци за тоа колку од посадените садници преживеале).
Од направената финансиска анализа утврдено е дека ЈП “Македонски шуми” за периодот 2008-2016 година за Акцијата Ден на дрвото засади ја својата иднина направило трошок од 771.489.331,8 денари и тоа се средства кои се потрошени од буџетот на ЈП „Македонски шуми“, од кои 297.235.394,9 денари се исплатени од буџетски средства од МЗШВ по програмата за проширена репродукција на шумите, а 31.976.705,00 денари се исплатени од Агенцијата за финансиска подршка на земјоделството и руралниот развој за набавка на палми.
ЈП “Македонски шуми” направи и теренска анализа за да се утврди процентот на прифатени садници со Акцијата Ден на дрвото засади ја својата иднина.
По направената анализа за процентот на прифат на садниците за период од 2008 -2016 година на ниво на ЈП утврдено е дека процентот на зафатеност изнесува 21%, односно од вкупниот број на пошумени садници од 35.211.986 прифатени се или преживеале 7.394.518 садници.
ЈП “Македонски шуми” пред почнување на Акцијата Ден на дрвото вршеше редовни пошумувања и пошумувања со програмата за проширена репродукција (за споредба од 2002 до 2007 година по основ на редовните обврски пошумена е површина од 8.391,92 ха и за истиот период по програмата за проширена репродукција пошумени се 5.414 ха или вкупно пошумени се 13.805,92 ха со 34.514.800 садници).
Овие податоци покажуваат дека ЈП „Македонски шуми“ и пред почнување на акцијата вршеше пошумувања и тоа на поголеми површини од површините пошумувани со акцијата акцијата “Ден на дрвото-засади ја својата иднина“ и со многу поголем процент на прифат бидејќи пошумувањата се вршени од наши вработени за временски период кој однапред е планиран за да се овозможи стручно и квалитетно пошумување.
ЈП „Македонски шуми“ ќе продолжи со понатамошно пошумување и озеленување на целата територија на Република Македонија, но не на начин на кој досега се спроведуваше, со акцијата “Ден на дрвото-засади ја својата иднина“.
Сметаме дека, ако е потребно пошумување и озеленување на локации на нешумско земијште, еродирани терени, голини или друг тип на површини надвор од нашите редовни планови и законски обврски, потребно е истото да се изврши врз основа на изготвена и одобрена проект програма. Во изработката на Програмата да бидат вклучени експерти и стручни лица од областа, со цел да се овозможи подготвување на површините и пошумување со саден материјал кој ќе биде соодветен за истите, а пошумувањето да го вршат стручни лица.
ЈП „Македонски шуми“ п.о. Скопје
ConversionConversion EmoticonEmoticon