Квалитетот на услугите и безбедноста на клиентите предуслов за развој на планинскиот туризам


Македонија поседува обучени лица кои го исполнуваат стандардот Меѓународен водич во планина. Тој подразбира поседување технички вештини за работа со различни категории клиенти, познавање на теренот, лични познавања на флората, фауната, историските знаменитости на предвидената тура што се нуди како туристички производ.
Но, она што е особено позитивно кога станува збор за планинските водичи што се активни во рамки на Македонската асоцијација на меѓународни водичи за планина е нивната подготвеност за постојано надградување, како на нивната техничка опременост, подобрување на индивидуалните вештини и познавања што се предуслов за развој на планинскиот туризам во земјата. Тоа е оценката на Техничката комисија на Унијата на Меѓународните асоцијации за водичи во планина што деновиве престојува во Македонија.
Бил Бејли, претседател на комисијата на денешната прес-конференција во Охрид посочи дека се поизразениот интерес на пазарот, како кај туристите така и кај и агенциите за планински туризам, наметнува се позразени барања кога станува збор за квалитет, исполнети стандарди и секако безбедност.
– Позитивни резултати во тој туристички сегмент можат да се очекуват само со организиран настап, што може да се реализира со сериозен пристап. Она што е добро што се води сметка како за опременоста, обученоста, постои свесност за потребата од соодветно осигурување на сите туристи кои се заинтересирани за планински туризам. Македонската асоцијација на планински водичи врши позитивен исчекор со притискањето врз туристичките агенции за неопходноста од ангажман на професионални водичи, нагласи Бејли.
Константин Циривири, претседател на Македонската асоцијација на Интернационални водичи во планина појасни дека сите водичи со лиценца работат без исклучок врз основа на меѓународно признаени стандарди, со завршена обука која трае намалку две години.
– Стекнатата лиценца гарантира исполнети критериуми, а сето мониторирано од Меѓународната асоцијација на професонални водичи во планина. Станува збор за процес кој функционира на глобално ниво, со строги контролни механизми неопходни за позитивни ефекти во областа на туризмот. Најважен контролен механизам се самите клиенти, кои веднаш препознаваат каде е квалитетот, каде е безбедноста, нагласи тој.
Што е однесува на состојбите во земјата кога станува збор за понудата на тој специфичен туристички производ, Циривири укажа на негативните примери кога туристички агенции нудат излети и тури на планина без ангажман на професионални водичи.
– Почитувањето на строгите професионални стандарди за безбедност се незаобиколен елемент доколку се сакаат и очекуваат резултати од развојот на авантуристичкиот туризам. Успешен и во крајна линија доходовен планински туризам може да биде реалност исклучиво со имплентирање на меѓународно признаените стандарди и поседувањето квалитет. Импровизации со безбедноста или квалитетот во вака сензитивни дејности може да го уништи имџот на дестинацијата, на професијата и тоа да има долгорочни негативни последици, нагласи Циривири.
Моментално во Македонија има 140 водичи што поседуваат лиценца и сертификат на Меѓународната асоцијација на водичи во планина. Од нив 40 се со статус активно членство што подразбира обнова на лиценцата на секои шест месеци и учество на обуки, тренинзи за усовршување. Проценка на експертите е дека во земјата има потреба од некаде 300 до 400 добро обучени, лиценцирани водичи кои во соработка со туристичките агенции ќе можат да понудат квалитетни туристички производи.

Извор: МИА



Previous
Next Post »

pgallery

[Gallery][pgallery]