Дали Договорите за продажба на дрво покрај пенушка се во согласност со Законот за шумите ?


Законите се важен сегмент од едно демократско општество, затоа во една сериозна држава за да може нормално да функционира системот и да се избегнат разни девијатни појави во општеството потребно е нивно почитување и доследно спроведување. Но во борбата за обезбедување на финансии и ликвидност, често се паѓа во искушение да се работи на “ивица на законот“ или “малку надвор од законот“, па така голем број на бизниси се згаснати поради подлегнувањето на ваквите искушенија, додека одговорните лица биле казнувани со високи глоби.
Таа борба, би рекол на “мачка и глушец“ со законодавецот изгледа е вечна и трае одкако постојат законите. Но не секогаш ваквото, така да речам работење на “ивица на законот“ е свесно, туку е резултат на своеволното и согласно своите сваќања и убедувања толкување на законите, па така не ретко се јавуваат недоразбирања и забуни.
Според многумина една ваква конфузна ситуација има кај делот од законот за шумите, кој се однесува на начинот на продажбата на огревно дрво на правни субјекти. Така и покрај тоа што начинот на продажба на дрво на правни лице јасно е прецизиран во Законот за шумите, десегашното искуство покажа дека постои одредна форма на продажба на дрво која во најмала рака е – дискутабилно. Станува збор за Договори за продажба на дрво покрај пенушка
За помалку упатените во шумарските терминологии тука да објаснам дека дрво покрај пенушка е исечено дрво но не дотурено до времен шумски склад, но може да биде и полегнато дрво од снегоизвали, ветроломи, шумски кражби, покрупни отпадоци после сеча и сл. За разлика од него дрво на пенушка е секое стоечко дрво кое не е посечено или соборено. Тоа се Договори кои најчесто се потпишуваат на мали количини дрвна маса и кои е можно да не се влезени во системот за електронско следење на дрвна маса.
Интересно е што тие се сретнуваат само кај еден стопанисувач со државните шуми, но и кај него со претходниот Ценовик не биле застапени. Работата е до толку конфузна што и многумина и не се сигурни што се подразбира под терминот “дрво покрај пенушка“.
Ваквата ситуација создава конфузија и несигурност кај вработените, па едноставно при ваквите случаи не се сигурни како да постапат.

Накратко за член 70 од Законот за шумите

Со Законот за шумите член 70 особено став 7, 8 и 13 дефиниран е начинот и процедурата на продажба на дрво и дрвни сортименти, од кој член за некои работи да бидат појасни ќе ги издвојам оние делови кои се однесуваат на оваа тема.
Така според член 70 став 7, “Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми како и субјектите кои управуваат со заштитените подрачја се должни прометот на дрво и дрвни сортименти да го вршат преку времени шумски складови и постојани регистрирани складови во урбана/населена средина.“.
Со следниот став 8 предвидено е прометото на дрво и дрвни сортименти на времените шумски складови во рамките на ШСЕ да се врши на големо со јавна и транспарентна постапка.
Во став 13 прецизирани се случаите во кои продажбата на дрва може да се оствари и надвор од шумските складови, односно “По исклучок од став (7) на овој член, Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми“ и другите субјекти задолжени да управуваат со заштитените подрачја можат да вршат продажба на дрво и дрвни сортименти на корен и собирање на шумски отпад/отпад после сеча со издадено решение од Државниот инспекторат за шумарство и ловство при вонредни сечи на: опожарени површини, површини зафатени со ветроломи, ветроизвали, снеголоми и снегоизвали, прореди на култури, прочистување на траси на проектирани шумски патишта, просветлување на шумски патишта, противпожарни просеки, прочистување на граничен појас, прочистување на траси за изградба на далеководи, чистење на пренаменети површини за користење (експлоатација) на минерални суровини, чистење на шумската вегетација во акумулациониот простор од хидроенергетските системи како и за собирање на шумски отпад/отпад после сеча од делови од стабла кои остануваат во шума по редовни или вонредни сечи (н.з. селски сечи на физички лица),како и да можат да вршат продажба на дрво на корен и на правни лица доколку дрвната резерва на зрелите насади предвидени за сеча е под 50 m³/ха (неочувани нискостеблени насади).“
Како што се гледа, од одредени причини законодавецот не дал можност на правни лица да им се продава дрвото покрај пенушка, ниту на пенушка во насади со дрвна маса над 50 m³/ха, туку само на пенушка и тоа искличиво во неочувани нискостеблени насади со дрвна маса под 50 m³/ха.
Затоа се наметнува прашањето за законитоста на ваквиот начин на продажба, односно Договори за продажба на дрво покрај пенушка (па и на пенушка каде дрвната маса е над 50 m³/ха) и дали со нивната евентуална примена не би се постапувало спротивно на Законот за шумите.



Дали Ценовникот може да биде над Законот ?

Оние кои сметаат дека ваквиот вид на продажба на правни лица не е спротивен на Законот како аргумент наведуваат дека сето она што изричито не е забрането со Закон е дозволено ?!?
Сепак погласни и поубедливи се оние кои како аргумент за оправданоста на оваа форма на продажба на дрвото на правни лица е постоењето на Ценовник во кој е вметната цена за продажба на дрво покрај пенушка.
Бидејќи ваквиот вид на сеча не е предвиден со Законот за шумите, неа не би требало да ја има ни во Ценовниците на стопанисувачите со шуми во нашата држава. Но сепак и покрај тоа, во новиот Ценовник на еден од нив на чудесен начин била допишана ваква можност, со што според многумина тоа има статус еднаков на Законот за шумите. Па така овој иновативен начин на продажба на огревно дрво оддеднаш почнува да се практикува кај овој стопанисувач со шуми во нашата држава.
За да биде појасна работата, при изработка на новиот Ценовникот на еден од стопанисувачите со шумите во нашата држава, можно е како пример да е земен Ценовникот на такво слично претпријатие за стопанисување со шумите од нашето поблиско опкружување и да се вметнати цени за начини на продажба кои ги имало нивниот Ценовник. И тоа на прв поглед изгледало исправно, убаво и нудело повеќе можности за трговија, но...
Највероватно од некого не е земен во предвид еден факт, а тоа е дека веќе сме независна држава која делува самостојно и си има сопствени закони кои не се идентични со таа држава. Па така, она што е дозволено или не во таа држава, не важи и за нашата држава која согласно нашето законодавство, политики, стратешки определби, услови на шумарството, структури на шумите  и сл., си има донесено сопствен Закон за шумите кој што е прилагоден на нашите услови и ги има поминатото сите усогласување со останатите наши закони.
Ваквиот Ценовник збогатен со дополнителни производи е доставен до Влада каде што е одобрен. Но Ценовник е едно, а Закон е друго, па така со ценовник е утврдена вредноста на нешто, но со Законот е регулирана постапката за негова продажба. Се наметнува прашање ако одреден производ или услуга не се возможни со Закон, дали постоењето на таков вид услуга во Ценовник го исклучува Законот ?!?
Се разбира дека секој може да си направи Ценовник и да си пише што сака, но доколку за тоа не постои законски основ тоа би служело само како украс. Со тоа се наметнува дилемата, дали Ценовникот се изработува врз основа на законот или законите се носат врз основа на ценовниците.



Изложување на опасност од одговорност на вработените и на претпријатието 

Доколку овој начин на склучување Договори е незаконски, би постоела можност тие да не се вметнати во електронскиот систем за следење на дрвна маса, па со тоа директно и свесно да се загрузуваат вработените од законски реперкусии. Тоа би се косело со одговорно раководење и грижа за своите вработени, бидејќи на тој начин свесно од нив би се доведувале во состојба да бидат соученици во одредни криминогени појави во шумарството.
Навистина е тешко да бараш лојалност и верност од оние вработени, кон кои ти немаш коректен и фер однос.
Но и да е законски исправен овој начин на продажба на дрвото, доколку тоа во реалност наместо да се соборува со сопствени работници, всушност купувачот сам да си ги соборува овие дрва, постои можност од оштетни побарување поради не спроведување на Договорот. Со тоа она претпријатие кое ги продава дрвата се доведува во опасност од директна штета поради неодговорно работење, но и би повлекло одредени прашања за приемот на сечата.

Тема за дискусија

Како и да е некој е во заблуда, дали оние кои мислат дека вакви Договори не се во согласност со Законот за шумите или оние кои тврдат дека тие се легални.
Во праксата постојат “мал милион“ начини како да се извртуваат законите и да се осиромашува шумскиот фонд, затоа тука сакам да наметнам дискусија за законитоста и оправданоста на ваквиот вид на Договори за продажба на огревно дрво на правни лица. Тоа е многу битно за сите инволвирани во шумарството, за во иднина да избегнат разни непријатности поврзани со законитоста на ваквиот вид на Договори за продажба на огревно дрво, како и со ефикасно спроведувањето на заштитните и конролни мерки. Затоа секој пример во коментарите ќе биде добредојден.
Тука не се спори економската оправданост на ваквите Договори за продажба на дрва покрај пенушка (и на пенушка), но ние треба да работиме согласно законските и подзаконски акти без разлика дали ни се допаѓа тоа или не. Ова од причина што кај Јавните претпријатија не секогаш треба да се следи економската логика, туку и социјалниот аспект. Затоа што ако се следи економската логика, тогаш можби ќе испадне дека е најисплатливо речиси сите вработени да се испратат дома, а во јавното да останат само мал број на вработени кои дрвото да им го давааат само на препродавачите кои самите би си го организирале производниот процес, што фактички би значело под-концесионерство. 
Вака како што е сега наведено во Законот за шумите, според многумина ваквиот вид на продажба не е во согласност со него и подлежи на санкционирање. Но тоа не е работа на поголемиот дел од нас, туку за тоа си постојат Инспекциски органи кои би требало да кажат дали е нешто во согласност со законските и подзаконските акти или не.


Previous
Next Post »

pgallery

[Gallery][pgallery]