Дабот оддалеку личеше на дланка со раширени пет прсти. Оддалеку се гледа, од патот за Пониква. Пред дваесетина години едната гранка, најдолгата, се скршила и во стеблото се отворила дупка. Бил реставриран за да му се продолжи векот, но, за жал, пред две години повторно го удрил гром и бил опожарен. Оттогаш е изложен на целосна ерозија
На излезот од Кочани, по патот што води кон Пониква, селото Бели речиси се спојува со градот. Името му се спомнува уште во документи од турско време, тогаш го викале Бела. Кога ќе ги погледнете постарите куќи, веднаш ќе ви стане јасно зошто - ги граделе од белите варовнички карпи што го обиколуваат местото. Некогаш сите куќи биле од белутрак. Оддалеку белееле.
На самиот излез од селото се наоѓа месноста Дабот. До пред неколку години местото беше осамена ливада, на која самуваше даб стар близу седум века. Друштво му правеше само малата црквичка „Свети Илија“. Сега е урбанизирано. За кочанци Дабот одамна е една од омилените излетнички дестинации, но ова место сѐ почесто привлекува посетители и од други краишта низ Македонија, а доаѓаат и странци што го посетуваат Кочани.
ДРВЕНИ СТОЛБОВИ КАКО БАСТУНИ
Обемот на дрвото е околу 10 метри, а распонот на гранките стотина. Осамен на ледината, издигнат високо над сѐ друго во неговата близина, белскиот даб честопати бил удиран од громови. Но, и покрај тоа, успева, со помош на луѓето, да им одолее на ударите и на огнените јазици.
- Дабот оддалеку личеше на дланка со раширени пет прсти. Оддалеку се гледа, од патот за Пониква. Пред дваесетина години едната гранка, најдолгата, се скршила и во стеблото се отворила дупка. Дел од него почнал да се суши. Локалното население честопати наоѓало заштита во дупката од ненадеен дожд или ветер - раскажува Владо Филипов од општината Кочани и додава дека, за да се заштити од натамошно пропаѓање дрвото, кое е заштитен споменик на природата, било одлучено оштетувањето да се санира.
Дабот бил реставриран, со пур-пена, со парчиња дрво и со зелена ткаенина. Дупката била затворена. Големите, тешки и стари гранки, кои се слегнати речиси до земјата, се потпираат со дрвени столбови, како и самото стебло впрочем. За жал, пред две години повторно го удрил гром. Според она што го гледаме, очигледно е и дека бил опожарен. Оттогаш е изложен на целосна ерозија.
Локалните жители прераскажуваат дека во него живеел некој голем смок, долг околу два метра. Велат дека тој е негов чувар. Никој не го брка, ниту се обидува да го убие, го сметаат за светија. Наводно некогаш за Илинден, кога дошле голем број верници во манастирот, смокот излегол и се свил високо на дрвото. Таму останал цел ден, сѐ додека не си заминал и последниот посетител.
- Легендата вели дека, при реставрацијата, луѓето го молеле смокот да излезе, па дури откако излегол некако со судни маки, го запечатиле дрвото. Белани, бидејќи не го виделе потоа наоколу, сметаат дека тој си нашол начин пак да влезе внатре, некое дупче. А сега, бидејќи повторно е отворено дрвото, веруваат дека сигурно е внатре - ни раскажа Сашко Стефановски, професор по географија и активен планинар.
Никој не знае колкупати досега бил погоден од гром белскиот даб. Во шуплината во стеблото комотно можат да застанат тројца.
ЗА ВИКЕНДИ Е ПРЕПОЛНО
Од ледината се отвора широк поглед - кон Осоговијата, Кочанско Поле и Плачковица. Но некогашната гола површина, на која стоеле само седумвековниот даб и црквичката „Свети Илија“, веќе не е гола. Дрвото станува регионална атракција, па местото е претворено во цел комплекс за одмор и рекреација, а за викенди и празници е преполно со излетници. Ние дојдовме во работен ден, но сепак имаше мала група луѓе што уживаат во убавиот ден во еден од летниковците.
- Откако паметат луѓето, на ова место, околу црквичката и дабот се одржувале сите собири на локалното население, слави. Сега секоја година се додава некоја содржина, па доаѓаат и од други места. Првата иницијатива за уредување е од општината, но сега луѓето сами си прават и го одржуваат - вели Стефановски.
Околу дабот се засадени нови дрвца. Од една страна, тоа малку ја нарушува неговата доминација, се губи меѓу малите дрвца. Но, од друга страна, очигледно е дела се мисли и на иднината, на времето кога повеќе нема да може да му се помогне на прастарото дрво. Има и фонтана, клупи и маси, летниковци и кујна, која може да ја користи секој што ќе дојде и, секако, на крајот сѐ треба да биде оставено чисто и уредно за да може и други да се служат.
- Има проект за заштита на целата месност. Веќе може да се сместат околу 500 луѓе. Лично сметам дека новите дрвца не беа потребни, бидејќи така дабот доаѓаше до израз оддалеку. Повеќе ќе одговараа некои нискостеблести дрвца - вели Сашко.
Во непосредна близина на дабот стојат две грамади, два огромни камена. Ги викаат „Камен на плачот“. Околу нив се доправени и други помали, па изгледаат како маса со клупи за седење.
- На овие камења ручале многу генерации овчари, а од камењата си ги остреле ножовите. Бидејќи немале многу за јадење, од мака плачеле - ни раскажа Сашко.
Дабот сведочи и за егзекуцијата на десетмина жители на Бели, кои биле убиени во 1912 г., од османлиската војска, бидејќи го кренале својот глас против Турската Империја. На влезот на манастирот „Свети Илија“ стои спомен-плоча во нивна чест.
ДАБОТ, ПЕРУН, ГРОМОВИТЕ И СВЕТИ ИЛИЈА
Темелите на „Св. Илија“ се поставени во 1964 година, но самото место од локалното население од многу одамна било сметано за оброчиште - свето место на кое луѓето се собирале на празникот Свети Илија и приготвувале празничен ручек.
- Со оглед на тогашната идеолошка концепција на државата, манастирот долги години не бил осветен, но не било ниту забрането организирање собири, па населението успеало да го зачува до денес, кога е обновен целиот комплекс со помошните простории, трпезарија, кујна. И малата еднобродна црква е обновена и фрескописана - вели Илинка Атанасова, археолог од Кочани.
Таа ни објасни дека има дополнителна симболика поврзана со дабот и свети Илија. Дабот во верувањата на Старите Словени бил симбол на врховниот бог Перун, кој е громовник во словенската митологија.
- Таа симболика е преземена и во христијанството, кое, за да привлече повеќе верници, прифаќа многу од паганските верувања и обичаи. За Бадник и денес се гори дабово гранче. Во старите податоци постои и топонимот Дабје, што значи дека, веројатно, на ова место имало повеќе дабови дрвја, од кои опстоил само овој. Од друга страна, во христијанската религија громовник е свети Илија, чие име се славело тука - објаснува Атанасова.
Црквичката често е цел на грабежи иако нема што да се украде во неа. Нашите домаќини посочуваат дека честопати е поголема штетата за поправка на искршената врата од вредноста на некој предмет што ќе го украдат.
Од западната страна на Дабот, подлабоко во дивината, има уште една црква, посветена на Огнена Марија. Таму има извор, за кој локалните жители веруваат дека е света вода и оти им помага на луѓе што страдаат од разни болести.
ВОЈНАТА СО ТРКАЊЕ
Со оглед на тоа што е речиси споено со Кочани, селото Бели е живо. Има околу 500 жители, дури има и своја градинка. Покрај него се издигнува ридот Сламерник, а од другата страна е селото Тркање. Меѓу овие две села со години се водела војна, дури имало и жртви.
- Тркање било побогато село зашто било пониско и во минатото одгледувале афион. Жените и девојките од Бели оделе на работа таму. Многу често се мажеле за момчиња од Тркање, а останувале многу голем број неженети ергени во Бели. Решиле дека треба да преземат нешто, односно да го изораат ридот Сламерник од тркањската страна и да настане војна. Кога почнала војната, се тепале со вили, мотики и со други орудија за обработката на земјата. Биле организирани сите, и мажи и жени. Војници во 1945 година работеле на патот кон селото Пантелеј и тие спречиле да настане поголема трагедија. Луѓето од Бели фрлиле клетва дека не смее ниедна мома од нивното село да се омажи за тркањец, зашто ќе биде прогонето целото нејзино семејство и куќата ќе му биде запалена. Со овој случај ја поврзуваат и народната песна „Татко ѝ ја дава, село не ја дава“. Тоа важело цели 40 години и во тој период ниедна мома не се омажила за момче од Тркање - раскажува Атанасова.
Приказната за војната е вистинита, но, како и секоја, има и дополнувања и различни вистини.
- Еден ден тркањци зеле еден стар шпорет на дрва и напред ја ставиле борината и ја запалиле. Белани оддалеку ги виделе и почнале да викаат: „Бегајте, тркањци имаат топ“ - ја дополни приказната Стефановски.
Од оваа приказна што се прераскажува има и опиплив спомен - направено е топче, во стилот на црешовото, и поставено е во рамките на комплексот околу белскиот даб. Интересно е што и оваа приказна има две страни. Според друга верзија, топот го имале белани.
Во Бели уште е значајна црквата „Св. Вознесение“ или „Св. Спас“, изградена во 1870 година, врз постари темели, од кршен и делкан камен. Тробродна е со рамни дрвени тавани, со една слепа купола над централниот брод. Живописувана е само во олтарниот простор, каде што има зачувано и натпис на еден од донаторите, дедо Макарие со членовите од своето семејство. Својот потпис го оставил и Захариј Самоковец, претставник на помладата генерација на самоковските зографи, кој работел по црквите во североисточниот дел на Македонија. Во внатрешноста има висок иконостас, а дел од иконите е дело на Захариј Димитров и на Доспевски, додека еден дел е изработен од Исаија Џиков од Осој.
- Во поново време црквата настрадала во пожар, при што еден дел од иконите е уништен - вели Илинка.
ФАКТИ
· Во турски документи селото Бели се спомнува под името Бела
· Манастирот „Свети Илија“ е изграден во 1964 година, но на тоа место се славел овој светец откако памтат локалните жители
· Поради војната меѓу селата, 40 години ниедна мома од Бели не се омажила за момче од Тркање
· Црквата „Св. Вознесение“ или „Св. Спас“ во Бели ја живописал Захариј Самоковец
· Иконите во неа се дело на Захариј Димитров, Доспевски и Исаија Џиков од Осој
Автори: Бисерка Велковска-Блажева и Маја Јаневска-Илиева
Извор: /novamakedonija.com.mk/
ConversionConversion EmoticonEmoticon