Легенда за настанокот на Село Ореше


Иако наизглед оваа тема нема шумарски аспект, сепак е интересна поради тоа што станува збор за планинско село кое се простира во еден од најубавите и најшумовити делови на нашата држава.
Ореше е село во Општина Чашка, во околината на градот Велес. Селото Ореше е сè уште населено село иако половина од жителите го напуштиле и заминале на печалба во други земји и градови, во него сеуште живеат околу 300 жители. 
Сместено е на падините од планината Козјак на околу 800 метри надморска височина, како во орловско гнездо, свиено во густа планинска шума. Тоа заедно со Папрадиште се мијачки остров во центарот на Македонија, населени пред неколку века, кога мал дел на Мијаци го напуштиле Галичник и во овој дел на центарот на земјава, наречен Азот побарале нов дом.
До селото се доаѓа по асфалтиран, но тесен пат низ густа шума. Тоа е последна дестинација понатаму нема каде да се оди, поради што и селото заостанува. Од Велес е оддалечен 60-тина километри а Прилеп им е тука, преку планина а од Македонски брод ги делат неколку километри, само низ планинска шума. Селаните се гордеат со народната носија која љубоморно ја чуваат во векови. Нејзината цена на пазарот се мери во стотици евра па и покрај тоа не ја продаваат туку ја чуваат дома, како оставина за следните генерации .



Селаните воглавном живеат од сточарство и од откуп на печурки вргањ или боровинки, некои пак изработуваат дрвени авани за домашна употреба. Жителите се надалеку познати по изработката на дрвени  авани, кои ги изработуваат од чам и бука. Тие се барани низ цела Македонија, за пинџур, за таратур за жетварска преку лето.
Селото е опколено  со густа  шума а до него се стигнува и со воз, во близината е станицата Орешка чука. Во него има две цркви Св.Богородица, Св.Петка и манастирот Св.Ѓоргија кој е на три км оддалеченост. 


Легендите за настанокот на село Ореше

Според многубројните преданија селото Ореше датира од крајот на XVII и почетокот на XVIII век,  од денешната местоположба на селото истото е  населено од мијачки родови кои под притисок на Турците – Османлии со цел да не се исламизираат биле принудени од Западна Македонија од мијачките села Росоки, Гари, Галичник и Лазарополе да мигрираат и да основаат нови мијачки села во велешко. Постојат неколку легенди според тоа како настанало мијачкото село Ореше. 



Првата легенда зборува за тоа како мијаците од реканскиот крај за да не се откажат од верата почнале да се населуваат во подрачјето на Азот:
За време на владеењето на турското ропство во Македонија населението постојано било изложено на терор и други различни видови на измачувања. Така во селото Тресонче најстарото мијачко село од Мала река, под влијание на турските притисоци една голема христијанска фамилија била принудена да се исламизира. Бидејќи фамилијата била богата имале многу стока и желбата да си ја зачуваат својата христијанска вера решиле да го напуштат Тресoнче. 
Одејќи така првиот кој го обземала чудесната убавина на Ореше бил токму дедо Орешко тој со својата стока поради многу убавиот природен крај богат со вода и пасишта решил да се насели таму. 

Втората легенда зборува за едно младо момче и неговата судбина: 
Во Цариград едно младо момче со име Дамјан по потекло од селото Росоки Дебарско било ќаја кај некој бег. Еднаш, бегот се пофалил пред една од неговите анамки дека има тапија од султанот за некаков голем имот кој ќе го направи многу богат и ја покажал тапијата. Ќајата го слушнал разговорот и го следел бегот каде ќе ја сокрие тапијата за да му ја земе и да му се одмазди за лошото поведение кое му го правел, го видел каде ја скрил му ја украл и избегал.
Ќајата со тапијата долго време скитал без да смее да се појави во родниот крај, дури скитајќи од село на село не стасал до селото Капиново. Во тоа село фатил пријател и останал да живее кај него.
По две годишно живеење Дамјан од жал за родниот крај тешко се разболел, и за да се излекува морал да се врати во Росоки, стигнал таму поживеал малку со родителите и се верил со една селска девојка. Но и родниот крај не го заджал, му паднало жал за Бабуна за убавата природа, и на својата вереница и соопштил дека откако ќе се земат, ќе заминат да живеат во еден многу убав крај далеку од нивното село. Штом за тоа слушнале родителите на девојката и забраниле да се гледа со него и тој сам се вратил назат во Капиново.
Цели три години тој ајдутувал и во еден судир со арнаутите - арамии бил тешко ранет што едвај стигнал до Капиново кај неговиот пријател кој со своите пријателски грижи го излекувал и едвај го спасил од смрта. Чистиот планински воздух благотворно влијаел врз Дамјана  па тој го благословувал Бога за тој рајски пристан.
Штом Дамјан оздравел решил да се насели во близина на Капиново да си создаде свое пријатно катче близу до некоја река, да изгради колипка и да има свој имот на кој ќе може да работи. Во него се зацртала мисла да засели ново селце, карактерна црта на мијачкиот народ кој тежнее за свој простор за свое семејство.
И заедно со пријателот почнал да ја бара ветената земја. Оделе кон Стровија но не им се допаднало, тргнале и кон Маргари но и таму ништо и на врајќање одејќи по планината Даутица по течението на Орешка река стигнале до местото каде што денес се наоѓа село Ореше, Дамјан застанал од чудесната убавина која го маѓепсала, тогаш таму бил само дедо Орешко со своето бачило.
Дамјан бил восхитен од убавината на планината која штедро била напојувана со обилна бистра планинска вода од Орешка река и решил тука да се насели да изгради свој дом. Му се допаднало тоа катче, таа мала котлинка заобиколена од сите страни со големи планини покриени со букова и дабова шума напојувани со мноштво планински извори кои ги распрскуваат водите по бујните планински ливади. Во таа котлинка Дамјан со помош на Орешко изградил своја куќа.
И кога ја исполнил својата заветна приказна мислата почнала да му бега по родниот крај, по својата прва љубов. Домашните на девојката слушнале за ајдучките подвизи и збор не давале да се слушне за него дома. Откако не му ја дале невестата Дамјан со уште неколкумина другари од Росоки ја грабнал избраничката и се вратил во својот нов дом и со неа се венчал во село Капиново. Така Дамјан во својот дом донесол домаќинка од својот роден крај бидејќи како мијак по секоја цена сакал да ја задржи својата племенска традиција, да се ожени за девојка од мијачко потекло.
По настанувањето на селото за да не живеат сами почнале да се населуваат и негови другари од другите мијачки села од Гари, Галичник  и Лазарополе. Во знак на благодарност на  Орешко бидејќи прв бил населен и помошта што ја давал за изградба на домовите мијаците селото го нарекле Ореше.



 Во врска со сите легендарни податоци околу настанувањето на селото треба да имаме во предвид дека многубројните легенди во историска смисла не се целосно веродостојни. Доколку се започне со подлабоки истражувања за настанувањето на селото многу јасно се гледа дека постоело со население уште од многу поодамна отколку што е запишано во легендарните преданија, дека своето убаво име Ореше си го носи уште од пред дедо Орешко, а тоа можеме да го видиме во историските извори конкретно во Опширните пописни турски дефтери кои дават целосно јасна слика на населението во XVI век во османлиска Македонија.
Турски документи за историјата на македонскиот народ опширен попис за  казите Костур, Серфиџе и Велес од 1568/69 година за селото Ореше дава значајни податоци дека во овој период селото брои 15 семејства од кои 35 неженети тука треба да имаме во предвид дека е попишано само машкото население од даночни причини па конкретниот број на население во демографска смисла неможе да се прикаже во целост. Анализирајќи го опширниот турски документ се гледа дека населението во овој период главно се занимавало со земјоделство и плаќале многу видови на данок на Османлиите. 
Од многубројните артефакти многу јасно се гледа дека селото уште од дамнешни времиња се наоѓало на потегот Црквишта, Штавица, Димов камен и Петкана черешна каде од страна на населението биле откопувани земјени ќупови и гробови во 1966 година на т.н. место Шуклева нива.

Previous
Next Post »

pgallery

[Gallery][pgallery]