„Македонски шуми“ побарува 2,6 милиони евра за шумски садници кои ги давала за 18 акции „Ден на дрвото засади ја својата иднина“. Според извештајот на независниот ревизор „Македонски шуми“ до крај на 2016 година не добила ниту денар од Министерството за земјоделство
ЈП „Македонски шуми“ побарува 160,2 милиони денари односно 2,6 милиони евра од Министерството за земјоделство за сите акции „Ден на дрвото засади ја својата иднина“. До крајот на 2016 година биле организирани вкупно 18 акции „Ден на дрвото засади ја својата иднина“ за кои во најголем дел садници обезбедувала ЈП „Македонски шуми“ исто како што обезбедувала и други технички услуги и кадар. Од почетокот на кампањата во 2008 година па до крајот на 2016 година долгот на државата кон ЈП „Македонски шуми“ се зголемувал се до износот од 2,6 милиони евра, ова се податоци од Извештајот на независниот ревизор што на барање на редакцијата на „Фактор“ го достави ЈП „Македонски шуми“.
Во делот на побарувањата поточно „други побарувања“ од 8 ставки значајно се истакнува ставката „побарувања од државни институции“ која изнесува 160,215 милиони денари и е убедливо најголема од сите ставки кои вкупно изнесуваат 219,5 милиони денари.
„Побарувањето од државни институции“ се однесува во целост на фактурирани и неплатени обврски на државата од акцијата „Денот на дрвото“. Во 2016 година нивниот износ во споредба на 2015 година е зголемен за 19,5 милиони денари односно за повеќе од 315.000 евра.
Еве што пишува во извештајот на независниот ревизор посветен на оваа точка:
Побарувањето од државни институции се однесува на (евиденционо) побарување за направени издатоци во врска со настанот-Ден на дрвото, на кој секоја година Претпријатието учествува со садници и други материјали и останати трошоци, и за кое се доставува фактура до ресорното Министерство, меѓутоа, побарувањата се кумулираат од година во година, а наплата не се остварува, од причина што не постои обврска на страната на Mинистерството.
Од извештајот се поставува логично прашање кој треба да плати 2,6 милиони евра за сите садници што со години наназад биле превземани од ЈП „Македонски шуми“?
„Фактор“ во интерес на целосно и објективно информирање на јавноста достави прашања до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и доколку добиеме одговори ќе ги објавиме во целост.
Факти за пошумувањето во 2016 година
ЈП „Македонски шуми“ согласно планот за пошумување со акцијата „Ден на дрвото“ обезбедила 1.260.576 шумски садници планирани да се засадат на 503,9 хектари. Реализирани се односно реално биле засадени 325 хектари со 810.937 садници што е потврдено и со записник на надлежниот инскепторат што е орган во состав на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Реализацијата била 64 отсто од планот. За овој саден материјал ЈП „Македонски шуми“ фактурирало на Министерството за земјоделство износ од 19,5 милиони денари за шумски садници и уште 3,94 милиони денари за декоративни садници.
Р.Ф.
Извор: /faktor.mk/
ConversionConversion EmoticonEmoticon