МАВРОВО - Шумското царство на Македонија


Националните паркови се реалните богатства на секоја земја. Тоа се подрачја со разновидни природни еко-ситеми од национално значење и географски целини со исклучителна убавина и со значајни и ретки природни појави. Како такви тие се автентичен потпис, наследство и историја на државата.
Освен заштита од изумирање на одредени загрозени растителни и животински видови, овие, претежно неизменети и сочувани еколошки предели со изворни природни вредности и истакнати одлики во кои човекот живее во склад со природата, имаат за цел да овозможат и проучување на природните целини пред се за нивно очувување. Во Македонија има три Национални паркови, Маврово, Пелистер и Галичица, со иницијатива за Национален парк да биде прогласен и македонскиот дел од планинскиот масив Шар Планина.
Од трите, Маврово е најголемиот Национален парк во земјава. Опфаќа површина од 73.080 хектари или 72.204.1 хектар според новиот начин на пресметување, исклучиво планинско подрачје и надморска височина од минимум 600 до максимум 2.764 метри.
Од вкупната површина на Паркот, 45,82 проценти е покриена со шума во која доминира широколиснатата со експанзија на елата, а како негови жители се евидентирани претставници од сите животински видови што живеат во земјава. Покрај 25 шумски заедници, регистрирани се и 3 ливадски и 13 заедници на високопланинска вегетација. Всушност, во границите на Националниот парк Маврово, во било кој негов дел, природата заплискува со својата убавина од која буквално застанува здивот.
Овде има зачудувачки клисури, кањони, пештери, реки, водопади и езера. Тука е Мала Радика со својот прекрасен мост со уште поубаво име Еленски скок, тука е највисокиот и најубав водопад во државата кој од планината Кораб се урива надолу од 130 метри надморска височина, па величенствениот водопад Дуф, па 16.-те кое од кое поубави планински езера на Кораб, на Бистра, на Дешат.
Шумолењето на шумите, жуборот на бистрите реки, звуците на природата, кристално чистиот воздух, мирот и спокојот се синоним на ова шумско царство на Македонија.

Високи планини и пространи пасишта

Шумските предели околу Мавровското Поле прв пат се прогласени за Национален парк Маврово во 1949 година, а во 1952 година значително се проширени границите на Заштитеното подрачје поради особените природни убавини, историското и научното значење на овдешните шуми и шумските предели.
Денес Националниот парк Маврово функционира во три зони, строго заштитена зона, мелиоративна зона и туристичко рекреативни зони во кои спаѓаат Мавровско Езеро, Радика и Бистра како и предели за пократки туристички посети и излети. Во неговите граници постојат 38 села, а реката Радика го дели на два речиси еднакви делови.


Покрај својата природна убавина која беше еден од главните мотиви за прогласувањето за национален парк, тој во своите недра крие и повеќе цркви и манастири, од кои најзначаен и најпознат е Свети Јован Бигорски, еден од најубавите и највредните духовни христијански светилишта во Македонија.
Во границите на паркот спаѓаат планините Бистра, јужниот дел на Шар Планина, Дешат и Кораб. Само планината Кораб има 54 врвови повисоки од 2.000 метри, а највисокиот Голем Кораб се извишува во облаците со своите 2.764 метри надморска височина. Маврово е познато и по своите бујни, зелени пасишта кои веднаш асоцираат на белите стада овци и на прочуените мавровски бачила, на она густо со нож што се сече кисело млеко, на качамакот, сирењено, кашкавалот…
Идиличните пејзажи на Маврово покрај пасиштата го сочинуваат и ретко убавите реки и потоци: Радика, пред сите, потоа Стразимирска, Врвенска, Рибничка, Аџина и Дубока Река, со своите клисури и кањони од кои клисурата Балич на планината Бистра спаѓа во една од повеќето строго заштитени делови во националниот парк. Мошне интересни се и многубројните геоморфолошки појави на планините, како вртачите, увалите, долините, кањоните а во вид на пруги долж падините можат да се видат и повеќе траги од лавини.
Единствено место во нашата земја каде што постои алпска зона над 2.200 метри е Кораб.

Дом на сите видови дивеч

Во непрегледните шуми живее многуброен дивеч со претставници на речиси сите видови кои ги има во земјава. Предничи мечката, дивокозите, дива свиња, зајаци, многу волци, елени.

Заштитени видови

Под трајна заштита се орелот, јастребот, рисот, сината чапља, видрада, куната и мечките. Поточно, на територијата на Националниот парк Маврово живеат педесет видови цицачи. Тоа е близу шеесет проценти од вкупно 84.-те вида регистрирани во државата. Меѓу нив пет вида цицачи се особено значајни затоа што се утврдени како Балкански ендемити: кафеавата мечка, Балканскиот рис, волкот и Балканската дива коза.
Непроценливо богатство на Паркот се и 129.-те видови на птици, 11 видови на водоземци претставени со 15 видови, што е 73 проценти од вкупниот број на водоземци на национално ниво, како и 24 видови на влечуги, што претставува 75 отсто од вкупниот број на влечуги во земјава, претставени со 32 видови. Три видови на водоземци и пет видови на цицачи се утврдени како Балкански ендемити.
Во водите на Националниот парк Маврово имаат три автохтони видови на пастрми: Радичката пастрмка, Гарската пастрмка и Главатицата кои се вклучени во категоријата на Западно‐балкански ендемити. Овде автохтони се и алгите, застапени со вкупно 79 видови и подвидови. Некои од нив како зелено‐жолтата алга за прв пат се наведуваат за Македонија. Карактеристични за подрачјето на Националниот парк се и 151 видови на лишаи од кои Дабовиот, Стеблениот и Исландскиот лишај се важен дел од биолошките ресурси на земјата.Сите три вида ги има во големи количини особено во дабовите и буковите шуми. Исто така, на територијата на Паркот виреат 661 вид на габи.
Нивното значење е во тоа што околу дваесет висококвалитетни видови на габи за јадење растат токму на подрачјето на Националниот парк и со самото тоа претставуваат важен дел од биолошките ресурси на државата. Дел од зналајното богатство на Националниот парк Маврово се и растенијата заокружени на 1.435 видови, од кои дури 404 видови и подвидови се лековити растенија.

МИА Кети Мицковска

Извор: /kukuriku.mk/



Previous
Next Post »

pgallery

[Gallery][pgallery]