Денеска беше вистинска чест и задоволство да се биде дел од Шумарскиот факултет од Скопје. Како што и доликува на оваа значајна високо научно-наставна институција, денеска со сите почести и внимание таа го одбележа јубилејот 70 години од постоењето.
Јубилеите се секогаш убав повод за чествување личности, институции или настани, за резимирање на минатото, но се и одличен повод за прикажување на потенцијали и претставување визија за иднината. Седумдесет години се изминати од формирањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје. Тоа е значаен јубилеј со кој коинцидираат јубилеите и возраста на првите неколку факултети кои биле јадрото на формирањето на универзитетот.
Имено, по формирањето на Филозофскиот факултет во 1946 г., веќе во 1947 г. се формирани и Земјоделско-шумарскиот, Природно-математичкиот и Медицинскиот факултет и со тоа се создале услови за основање на она што засекогаш ќе биде првиот и најстар универзитет на Република Македонија. Горди сме што Шумарскиот факултет, како единица потекната од некогашниот Земјоделско-шумарски факултет, е една од тие конститутивни членки на УКИМ, кој уште долго ќе ги задржува епитетите најголем и најуспешен универзитет.
Во негова чест, денеска амфитеатарот на Шумарскиот факултет беше преполн со плодот на неговата повеќедецениска научно-наставна работа, олицетворен во шумарските инженери, магистри и доктори по шумарски науки, кои во голем број дојдоа да се поклонат пред големиот јубилеј на институцијата која им го осветли патот кон иднината.
Во преполната сала големиот број на угледни гости беа поздравени од Деканот на Шумарскиот факултет, кој ја отвори свечената академија и им искажа благодарност на бројните институции со кои соработува Шумарскиот факултет од Скопје.
Од угледните гости прв на присутните им се обрати министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство г-дин Љупчо Николовски, кој му се заблагодари на Шумарскиот факултет за успешната соработка и за придонесот на оваа високонаучна институција за развојот на шумарството во нашата држава.
Потоа на присутните им се обратија ректорот на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, проф. Д-р Никола Јанкуловски и генералниот директор на ЈП “Македонски шуми“ дипл.шум.инж. Зоран Ѓорѓиев, кои ги поздравија присутните и го потенцираа значењето на Шумарскиот факултет од Скопје.
Како круна на денот беше обраќањето на академик Ѓорѓи Филиповски, кој како еден од членовите на Одборот за формирање на Земјоделско-Шумарскиот факултет од 1947 година е жива легенда на шумарството во Македонија и на самиот Шумарски факултет.
Во рамките на оваа свечена академија, беше промовирана монографијата “70 години Шумарски факултет – Скопје“, која е плод и пресек на досегашната работа на оваа високонаучна институција.
На крај следеше доделување на дипломи на дипломираните и магистрирани студенти, како и благодарници и плакети на голем број на институции за соработката со Шумарскиот факултет од Скопје.
Тука сакам да ја искористам оваа можност, па и јас кој сум дел од плејадата на шумарски инженери и магистри по шумарски науки произлезени од училниците на оваа реномирана високонаучна институција, на Шумарскиот факултет од Скопје да му посакам уште многу јубилеи и долга успешна работа.
ConversionConversion EmoticonEmoticon