Внимавајте при купување огревно дрво



Во нашата држава кризата со дрва си го направи своето, па граѓаните се принудени него да плаќаат по исклучително високи цени. Постојат одредени сомнежи дека таа криза е вештачки наметната, за поединци да “печалат“ во разликата во цена помеѓу складовите на ЈП “Македонски шуми“ и приватните складови. За каков бизнис станува збор укажува фактот што според одредени извори на годишно ниво за потребите на граѓаните кои се греат со дрва потребни се и до 1,2 милиони m³ огревно дрво. Но граѓаните не само што се “пљачкаат“ со напумпаните цени на огревното дрво, туку масовно и редовно се крадат и преку испорака на помала количина на огревно дрво одколку платената.
Во продолжение ќе ви објасниме неколку најчести начини како се крадат граѓаните при купување на огревно дрво, за да знаете како да се заштите од малверзации при купување на дрва за огрев. Верувам дека ова би ги интерсирало ловџиите во нашата држава, бидејќи голем дел од нив се грејат токму на дрва.

Не купувајте воздух !!!

Огревното дрво во нашата држава се продава во просторни метри, што е фигура со димензии 1х1х1 метар. Разликата помеѓу просторен метар и метар кубен е во тоа што, при просторен метар најпросто кажано купувате дрво и воздух, а во кубен метар има исклучиво дрвна маса. Колку ќе купите дрвна маса, а колку воздух зависи од повеќе фактори,како што се: начинот на редењето на дрвата, формата на облиците, дијаметарот и сл.
За да се утврди колку има дрвна маса во просторен метар, постојат одредени редукциони коефициенти, кои зависат од дијаметарот на дрвните сортименти. Тие редукциони коефициенти фактори за огревно дрво изнесуваат 0,70, додека за сеченици изнесува 0,50. Така на пример, во просторен метар составен од облици со дијаметар од 7-25 см, односно во прва класа има околу 70% дрвна маса, а 30% воздух, додека кај сечениците купувате 50% воздух и 50% дрвна маса. Колку се поситни облиците, толку повеќе воздух купувате.
 Во минатото во нашата држава огревното дрво врз основа на квалитетот, односно вулгарно кажано количеството на воздух што го купуваат, се продаваше во две класи, но за жал од пред десетина години направена е неправда при што граѓаните се присилени огревното дрво да го плаќаат поскапо бидејќи тоа се продава исклучително како прва класа.

Внимавајте на редењето

Треба да знаете дека не е можно прецизно да се измери дрвната маса во фигура или на камион, бидејќи продавачите на огревно дрво до толку се изверзирани во манипулации, така што со начинот на редење може да ја зголемат неговата количина за 10-20%. Така на пример, ако купите камион со дрва од 10 метри просторни, на овој начин можат да ви скратат до 2 метри просторни. Доколку пак огревното дрво сепак го купувате од камион, инсистирајте тоа да биде наредено во фигура на земја и тоа да биде добро наредено без дупки помеѓу дрвата.
 Затоа при купување на огревно дрво, доколку го купувате од склад за дрва инсистирајте истото да биде изметрено во посебен метален рам, кој треба да биде со димензии 1х1 метар, да биде бажраден и да има втиснат жиг. Ако ви го мерат на камион, има добри шанси да ви скратат на количина.

Внимавајте на должината на сортиментите

Покрај тоа треба да внимавате дрвата да се со должина од 95-105 cm. За жал често огревното дрво се сече во сортименти со должина до 80 cm, со што се крати до 20% од вкупната количина, па наместо 10 просторни метри да добиете всушност 8 просторни метри. Ова намерно го прават секачите или т.н. тендераши, за од шума која нормално би дала да речеме 1.000 m³ да исечат 1.200 m³ и разликата да си ја присвојат. Сепак цехот го плаѓаат граѓаните.

При купување барајте ја испратницата за продажба на исеченото дрво

Голем криминал се прави и со манипулација со испратниците за транспорт од склад до крајниот потрошувач. При издавање на ваквите испратници потребно е помеѓу другото да стои и потребното време дрвата да се испорачаат до крајниот потрошувач. Тука се пишува подолг временски интервал (на пример 2 часа за испорака за која е доволно и 30 минути), при достава на дрвата на купувачот не му ја даваат испратницата и со истата испратница се превезувааат и по две или три тури во зависност од растојанието и запишаното време.
 Затоа многу е важно ДА ЈА ПОБАРАТЕ ИСПРАТНИЦАТА ЗА ПРОДАЖБА НА ДРВО за да не се злоупотребува истата. Ова е исклучително важно и бидејќи како купувачи потребно е да поседувате ваква испратница со која ви е доставено огревното дрво, зашто во спротивно се изложувате на ризик при евентуална контрола од МВР или шумската полиција да ви биде запленето купеното дрво и да бидете парично казнети.

Извор:


Previous
Next Post »

pgallery

[Gallery][pgallery]