СВР Тетово поднесе кривична пријава против поранешениот раководител - директор во ЈП “Македонски шуми“ Подружница “Лешница“ од Тетово 50 годишниот Т.И., поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување, за време на неговото директорување со оваа подружница. Кривична пријава за несовесно работење во истата подружница на ЈП “Македонски шуми“ заработи и 59 годишниот П.С. кој од неодамна е назначен за раководител - директор во тетовската подружница на ЈП “Македонски шуми“.
Исто така тетовската полиција поднесе кривичина пријава и против 63 годишно лице од Тетово, поради кривичното дело “пустошење на шуми и узурпација на недвижности“.
Имено, според тетовската полиција, 50 годишниот Т.И. во својство на раководител - директор во тетовската подружница на ЈП "Македонски шуми", заедно со второпријавениот вработен како самостоен референт задолжен со ШСЕ “Лешничка Шума“ која опфаќа дел од Шар Планина, му дозволиле на третопријавениот во својство на претставник на Јавно претпријатие за стопанисување со пасишта подружница “Шара“ од Тетово, да изврши отворање на нови шумски патишта во месноста “Долна Лешница“, атар на селото Бозовце и тоа во одделите 28, 33 и 34, што било спротивно на известувањето доставено до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. При тоа, според пријавата од наведените оддели биле откорнати 126 стебла ела, 3 стебла врба и 2 стебла јавор, како што соопштија од МВР.
Од тетовската подружница на ЈП “Македонски шуми“, дадоа краток одговор дека институциите треба да си ја вршат работата согласно законот и секој треба да одговара ако се утврди негова одговорност и дека го прекршил законот.
Од Јавното претпријатие за стопанисување со пасишта пак велат дека при пробивањето на шумските патишта кон месноста “Долна Лешница“ на Шар Планина запазени се сите законски процедури и дека истите се пробиени за потребите на сточарите кои имаа бачила на Шарпланинскиот масив.
Целата оваа постапка започна одкако во јуни годинава поради пробивање на шумските патишта кон месноста “Долна Лешница“ реагирааа од здрението “Пријателите на Шара“, кое е формирана од повеќе планинарски друштва и невладини организации. Тие истакнаа дека со изградбата на овие патишта се уништува еден од најживописните предели, кој било планирано во идниот Национален парк Шар Планина да биде под строга заштита.
Според истите извори од тетовската полиција, со пробивањето на овие шумски патишта причинетата материјална штета е проценета на околу 8 милиони денари.
ConversionConversion EmoticonEmoticon