Ако не ги заштитиме шумите, ќе немаме вода за пиење


Можностите за неодржливо управување со шумите се големи, а со тоа се зголемуваат и ризиците значително да ни се намалат водените резерви. Во Македонија официјално нема заштитни шуми, предупредуваат експертите

На седумдесетгодишнината од основањето на Шумарскиот факултет, експертите по шумарство предупредуваат – ако не се заштитат од сеча оние шуми што се наоѓаат покрај извори, ќе останеме без вода за пиење. Деновиве на факултетот се одржува меѓународна конференција на тема „Одржливо шумарство: Вистинско или привидно?”, а гости, освен домашни експерти, се професори од регионот.
Д-р Ратко Ристиќ, декан на Шумарскиот факултет во Белград рече дека за заштита на шумите требало да му ја мислиме уште пред 10 години.
„Ако сакаме да ги заштитиме изворите на питка вода, подземните и надземните резерви за следните 10 години веќе активно да превземаме мерки за пошумување или заштита на шумите околу извориштата“, изјави во својата презентација Ристиќ.
Домашните познавачи потенцираат дека внимателното планирање во управувањето со шумите, реставрацијата на деградираните шуми, особено во поплавните површини и горните сливови, ќе го подобри водното опкружување, ќе ги намали поплавите и ќе ги заштити почвите и биодиверзитетот. Според нив, мора да се развијат соодветни политики и стратегии за интегрирано управување со шумите и водните ресурси може да придонесе да се ублажат и прилагодат кон влијанието на климатските промени.

УПРАВУВАЊЕТО СО ШУМИ И ВОДИ НЕ Е КООРДИНИРАНО

Анела Ставревска-Панајотова, советник за шумарство во ЦНВП, невладина организација за поврзување на природни вредности и луѓе, вели дека во Македонија управувањето со шумите и водите недоволно се координирани и немаат интегрален пристап. Со тоа, можностите за неодржливо управување со шумите се големи, а се зголемуваат и ризиците да значително ни се намалат водените резерви.
„Можностите за неодржливо управување со шумите се големи, а со тоа се зголемуваат и ризиците значително да ни се намалат водените резерви. Во Македонија официјално нема заштитни шуми. Порано имало официјално прогласени околу 18.000 ха (со нив стопанисувало Водостопанство со вработени шумарски инжинери). Од пред скоро 20 години, кога тие шумите прејдоа под ингеренции на ЈПМШ се претопија во постојаните “шумско стопански единици” т.е. шуми со стопанска намена и така се загуби статусот на заштитни шуми. Како парадокс ќе го споменам Водно, кое е вештачки подигнато, се прават напори за се заштити според закон за природа. Во законот за води (член 96) се предвидуваат заштитни зони околу т.н. водни тела. Се` што е во таа прва или втора заштитна зона мора да има заштитен карактер, а со тоа и посебен режим“, смета Ставревска-Панајотова.
Таа додава дека „Макеоднски шуми“ прави напори да го прилагоди планот за стопанисување со шуми во околина на изворот Рашче.
„Но останува уште многу да сработиме за да ги прилагодиме плановите на ниво на цела држава и да се осигураме дека сме направиле се` што е потребно за нашите деца да имаат доволно питка вода во иднина“, додава таа.



ВО ЕВРОПА ЗАШТИТАТА НА ВИСОКО НИВО, КАЈ НАС НИКАКВА

Советничката за шумарство, информира дека во Европа, 96,3 милиони хектари шуми се наменети за заштита на почвата и водата, шумите, исто така, играат клучна улога во достапноста на вода во ЕУ. Сепак, ова не е случај во Македонија каде што во планирањето на управувањето со шумите има нула отсто заштитни шуми, а пак, во Србија овој процент изнесува над 20 проценти.
„Пошумените сливови снабдуваат висок процент на вода за домашни, земјоделски, индустриски и еколошки потреби во сливните подрачја. Шумите во балканските земји покриваат од 64 отсто (Хрватска) до 36 отсто (Албанија) во зависност од земјата, поради што во голема мера влијаат на достапноста на водата и ги регулираат приливите на површинските и подземните води, притоа одржувајќи висок квалитет на водата. Еден од најважните аспекти на шумите во врска со управувањето со водните ресурси е нивната способност да го одржат количеството на питка вода, капацитетот на подземни и надземни водни резерви но и да ја намалат ерозијата. Шумите ги штитат капацитетите за складирање на водни тела и капацитетите за испуштање на водотеците преку заробување на седиментите и загадувачите од активностите за искористување на земјиштето. Достапноста и квалитетот на водата се повеќе се загрозени од неодржливото управување со шумите, од загадувањето и очекуваните негативни влијанија од климатските промени“, објаснува Анела.

  
ЦЕЛИ 80 ОТСТО ОД МАКЕДОНСКИТЕ СЕМЕЈСТВА СЕ ГРЕАТ НА ДРВА

„Newsroom.mk“ неодамна објави дека според податоците на Државниот завод за статистика, 79 отсто од домаќинствата во Македонија се греат на печки на цврсто гориво, односно најмногу на дрва. Процентот е висок и од година в година расте.
Во услови на енормно зимско загадување, за кое овој тип затоплување има значајна улога, се консултиравме со експерти дали има алтернатива, зошто ситуацијата не се менува на позитивно, барем малку. Познавачите се децидни дека освен достапноста на граѓаните до гасен систем, што долго време кај нас е неостварлива замисла, единствена прифатлива варијатна треба да е инсталирањето топлински пумпи во домаќинствата. Се разбира за тоа треба да има владина стратегија и финансиска помош за оние кои не можат да си дозволат.

СТАТИСТИЧКИ РАСТЕ ШУМСКАТА ПОВРШИНА

Според податоците на Државниот завод за статистика, во изминативе седум години се зголемила површината под шуми во Македонија за четири отсто. Во Македонија има околу еден милион хектари површина под шуми, што е околу 10 илјади квадратни километри, или една третина од вкупната територија на земјата.

Година
Површина под шуми
2010
960.431
2011
981.812
2012
988.835
2013
987.545
2014
983.388
2015
994.403
2016
1.001.665


Извор:
http://newsroom.mk/seriozno-e-ako-ne-gi-zashtitime-shumite-ke-nemame-voda-za-piene/


Previous
Next Post »

pgallery

[Gallery][pgallery]