Според извори од Владата, после десет години Акција „Ден на дрвото“ заминува во историјата.
Досегашните акции беа поддржувани од претходната Влада со сите надлежни министерства, од Заедницата на локалната самоуправа (ЗЕЛС) со општините, ЈП „Македонски шуми“, како и од дипломатскиот кор во земјава.
Иако се добиваше впешаток дека целата Акција беше само скап популизам, сепак официјално целта на оваа акција беше да се стави акцент на сите придобивки од пошумувањето за здравјето на луѓето, животните и целиот био-свет. Што е исправно и коректно.
Секога година во фокусот на акцијата беа урбаните средини, но често се садеше и на опожарените места и руралните средини. Се садеше речиси на секаде низ целадат територија на државата, во училишни дворови, паркови, покрај згради и куќи, на планински места и сл.
- Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство по претходно мислење од ЈП Македонски шуми, планира да ја укине Акцијата „Ден на дрво“ бидејќи анализите укажуваат дека истата била неуспешна. Информацијата ќе се разгледува на една од следните седници на Влада на РМ. ЈП Македонски шуми во координација со МЗШВ редовно ќе ги продолжи годишните акциите за пошумување во целата држава, согласно законските одредби, со цел зголемување и обновување на шумскиот фонд, велат од Владата.
Идејата за ваква акција се појави во август 2007 година, кога оперскиот пејач Борис Трајанов, поттикна проект за масовно засадување на голините и опустошените планини под мотото “засади ја својата иднината“.
Од 2008 година, кога почна акцијата „Ден на дрвото“, досега според официјални податоци се пошумени нешто повеќе од 13.000 хектари со над 35 милиони садници, а само минатата година, пошумени биле над 500 хектари со повеќе од 2,6 милиони дрвца.
Горчлив впечаток
Сепак останува горчливиот впечаток, дека површините на кои се извршуваше пошумувањето често беа “преувеличувани“, додека садниците посадени со акцијата имаа многу слаб процент на прифаќање, што од нестручноста на лицата кои садеа, што од лошата организација. Имаше смешни ситуации, на одредени делови пошумувањето да стане “традиционално“, бидејќи истите постојано се пошумуваа и никако да се зафатат садниците.
Често на шала стручњаци од Шумарскиот факултет велеа дека садиме садници кои се “мртовци“, бидејќи поради лошата организација садниците беа вадени од расадниците и по неколку недели пред да се одржи акцијата, а познато е дека нивните коренови жилички се многу осетливи на воздух, па започнуваат да одумираат по само неколку часа од изложувањето на воздух.
Добра идеја но лошо осмислена
Иако мислам дека идејата беше добра, но некако последните години стана “пренасилена“ и немаше голем интерес за истата. Последните години имаше се помалку граѓани и само по некој ученик кој порадо ќе садеше одколку да учи, па припадниците на армијата ја спасуваа работата.
И покрај тоа што акцијата добиваше подршка од сите страни, па и од светските медиуни, сепак изгледа дека реалноста не беше толку розева, бидејќи често учениците беа приморувани да присуствуваат на пошумувањата, кои не ретко се изведуваа во крајно несоодветни услови. Често пати бев сведок како ученици на терените каде што се изведуваше акцијата доаѓаа неподготвени и несоодветно облечени со платнени патики, а условите таму беа многу лоши, па многу од нив на крај се враќаа целосно мокри, премрзнати и со по некоја настинка.
Да биде работата потраги-комична, неколку пати (мислам дека беше поради тоа што акцијата се исфорсируваше поради предизборна кампања) дури се тераа децата да пошумиваат во иклучително ладни услови, кога имаше премногу снег и почвата беше замрзната, поради што беше речиси невозможно да се насадат садниците.
За крај - сепак добра идеја
Сепак идејата беше добра и треба да се најде модел како да продолжи. Можеби не така гломазно, но повеќе да се стави акцент на училиштата каде што ќе се промовира и ќе се работи на истата цел од акцијата, односно ќе се стави акцент на сите придобивки од пошумувањето за здравјето на луѓето, животните и целиот био-свет. Тука носители на акцијата би требало да бидат локаната власт, како и невладините организации кои се олицетворение на граѓанскиот сектор и кои секаде во светот се значаен партнер при спроведувањето на еколошките акции.
Вака како што беше замислена и спроведување беше неуспешна, гломазна и премногу скапа.
ConversionConversion EmoticonEmoticon