Ни се заканува киселото дрво



За Македонија нема пишана документација кога, каде и како е внесен видот Ailanthus altissima, познат уште и како кисело или смрдливо дрво, но се претпоставува дека е во почетокот на 20 век, како декоративно дрво и вид погоден за заштита од ерозија и мелиорација на голини. Станува збор за инвазивен вид, поради неговата способност да колонизира нарушени места со растенија и брзо да ги потисне автохтоните видови со своите алелопатски хемикалии што ги содржи, а има и извонредна способност за вегетативно размножување, што го прави ова дрво способно да се клонира бесконечно и да вирее значително подолго.
Пираните во Дојранско Езеро и ретката змија во Косово се инцидентни случаи, а проблемот со ширењето на неавтохтоните видови во Македонија и во регионот е особено изразен во растителниот свет. Според биологот Благоја Николов, тоа може драстично да ги смени еко-системите карактеристични за ова подрачје, а со тоа и условите за живот и на животните и на луѓето.
Иако помина речиси еден месец откако беа најдени пирани или други тропски риби во Дојранско Езеро, овој случај сѐ уште го предизвикува вниманието на јавноста. Деновиве на некои портали се појави и веста дека во близина на с. Николиќ во езерото повторно е уловена пирана во мрежа од страна на стопански риболовци.
Неодамна беше соопштено дека бројот на издадените дозволи за спортски риболов на езерото се зголемил за дури 200 отсто. Голем број риболовци доаѓале со надеж дека ќе уловат примерок од оваа необична риба, иако на крајот од денот најчесто си заминувале со улов што е вообичаен за езерските води крај Дојран. Во истиот период додека Македонија се занимаваше со пираните, жителите на Косово и на Србија беа загрижени поради појавата на африкански випер, една од најотровните змии во светот, крај едно село во близина на Косовска Митровица. Но несаканите гости во природата не доаѓаат само од животинскиот свет, туку за Македонија е особено важно што тие се пробиваат и меѓу растителниот свет. 
Која е причината за појавата на вакви необични животински и растителни видови за ова поднебје побаравме мислење од стручни лица.
Како што вели биологот Благоја Николов, тоа се должи пред сѐ на човековите активности.
- Со проширувањето на меѓународната трговија, туризмот и транспортот на стоки меѓу државите и континентите, физичките пречки како што се планинските венци и океаните, на глобално ниво се надминати. Тоа го забрзува ширењето на видовите на подрачја што се далеку од нивните природни ареали на распространување - вели Николов.
Како што додава тој, во поново време дури и постои можноста за нарачка на семенски материјали преку Интернет, кои може да се од несигурно потекло. Алтохтоните (неавтохтони) видови ако „пребегнат“ во околната животна средина може непречено да се развиваат, да се размножуваат и да носат подмладок, особено што во новата средина ќе ги немаат природните предатори или болести што ја одржуваат нивната популација на прифатливо ниво. Без тие пречки, популациите може да „експлодираат“.
Видовите внесени од други места (интродуцирани), може различно да реагираат на новата средина, оддалечена илјадници километри од онаму од каде што потекнуваат, објаснува Николов. Во многу случаи тие не се приспособуваат и набрзо умираат. Понекогаш, пак, успеваат да се аклиматизираат и да се вклопат во околината. Тоа се случува кога се поволни абиотските и биотските (неживи и живи) фактори за нивниот опстанок.
- Во некои случаи, пак, алохтоните видови толку успешно се приспособуваат и веќе не претставуваат биолошка реткост, туку реална закана врз биодиверзитетот, бидејќи предизвикуваат сериозна штета не само на еко-системите, осиромашувајќи ја локалната екологија, туку може штетно да влијаат на човековото здравје и на економијата воопшто. Инвазијата на видови се појавува тогаш кога интродуцираните видови, произведуваат репродуктивно потомство во предели што се далеку од првичните места на интродукција - истакна Николов.
Тој ја подготвува својата магистерска работа за дрвенестите инвазивни и потенцијално инвазивни видови, пред сѐ на дрвото Ailanthus altissima, кое доста се ширело во брегалничкиот регион поради климатските промени. Станува збор за листопадно дрво што во јавноста е познато како „кисело дрво“ или „смрдливо дрво“. Природното живеалиште му е во североисточниот и во централниот дел на Кина, како и Тајван. Но овој вид се сретнува и во подрачја со умерена клима. Брзо расте и може да достигне височина од 15 метри за 25 години, но животниот век му е краток и ретко вирее повеќе од 50 години.
- Но има извонредна способност за вегетативно размножување, што го прави ова дрво способно да се клонира бесконечно и да вирее значително подолго, бидејќи изданоците се поврзани со матичното стебло и на тој начин делумно се хранат од него, а наедно се помалку ранливи од садниците и може да растат побрзо - објаснува Николов.
Дрвото било првпат донесено во Европа во 1740-тите години, а во САД во 1784 г., кога кинезисеријата имала доминација во европската уметност, и првично било претставено како декоративен примерок.
- Сепак, ентузијазмот за овој вид наскоро исчезнал, кога луѓето се запознале со неговите изданкови способности и непријатен мирис. И покрај тоа, дрвото продолжува широко да се користи како декоративен вид за улично озеленување во поголемиот дел од 19 век. Надвор од Европа и од САД тоа се шири во многу други предели што се надвор од својот природен ареал. Во голем број од нив, станува инвазивен вид, поради неговата способност да колонизира нарушени места со растенија и брзо да ги потисне автохтоните видови со своите алелопатски хемикалии што ги содржи - образложува Николов.
За Македонија нема пишана документација кога, каде и како е внесен видот, но се претпоставува дека е во почетокот на 20 век, како декоративно дрво и вид погоден за заштита од ерозија и мелиорација на голини. Главната дистрибуција на овој вид во Македонија е покрај урбаните средини, покрај патиштата и улиците, железничките пруги како и напуштени земјоделски површини во рурални средини. 
Николов продолжува дека туѓите растителни видови се голема закана за локалниот биодиверзитет во Европа, поради што Европската комисија има донесено резолуција за нивното спречување. Еколошките, економските и социјалните последици од ширењето на инвазивните видови имаат сериозно влијание, на пример, врз земјоделството, шумарството, здравјето на човекот и производството на храна. Врз основа на членовите 7 и 8 од Законот за здравјето на растенијата, донесени се листи на штетни организми, растенија, растителни производи и други објекти и предмети што се забранети за увоз или се под строга контрола. Во тек е предлог за изработка на т.н. Црна листа според ИУЦН (Меѓународната унија за заштита на природата) на штетни видови.
- Сепак, проблемот со инвазивните видови е од поново време, кој се зголемува под влијание на климатските промени и глобалното затоплување, со што се создаваат услови за распространување на нови видови што се алохтони за нашето подрачје. За таа цел релевантните институции треба да се во тек со модерните истражувања како правилници и закони, како во Европа така и во светот, за да се спречи намерното или ненамерното внесување алохтони видови, кои во иднина би можеле да преминат во инвазивни, а со тоа да ѝ наштетат на економијата на државата, но и негативно на влијаат врз здравјето на луѓето и на животната средина - предупредува Николов.
Токму климатските промени, како што укажува, во иднина може да создадат услови за туѓите видови полесно да опстојуваат и побрзо да се шират од автохтоните, па дури и да ги истиснуваат и растенијата и животните што се карактеристични за нашето подрачје.

„Кисело дрво“ или „смрдливо дрво“ се шири во брегалничкиот регион

Извор:



Previous
Next Post »

pgallery

[Gallery][pgallery]