Ракот ја јаде костеновата шума на Шара


Ракот на кората на костенот полека, но сигурно, го доведува во прашање опстанокот на костеновата шума на Шар Планина. Поради оваа болест, предизвикана од аскомицетна габа, костеновите стебла се сушат, а болеста се шири во сите делови на Шарпланинскиот масив. Од Институтот за одржлив и регионален развој, велат дека државата ако сака, може да помогне да се спречи оваа појава и костенот пак да го има во изобилство на Шар Планина. 
- Првиот чекор е чистење и отстранување на стеблата заболени од рак и потоа да се запали таа површина за целосно да исчезне ракот. Потоа, на тие површини да се засадат нови површини со костен. Сите овие чекори треба да ги финансира државата и да се спроведат според програмите на институциите, во спротивно ќе ја изгубиме костеновата шума на Шар Планина - рече Сашо Матовски од Институтот за одржлив и регионален развој „Бела Виста“. 
Населението што живее во шарпланинските села и во населените места на подножјето од оваа планина, велат дека во минатото, голем дел од семејствата егзистирале од овој производ, кој и сега наголемо се користи во прехранбената и во кондиторската индустрија. Тие раскажуваат дека има купувачи за костенот, но нема доволно костен како некогаш. 
- Кога би се обновила костеновата шума, тогаш сите од овој регион би се занимавале, односно би продавале костен и добро би заработувале. И сега има семејства што берат костени и ги продаваат по добра цена. Има купувачи, од Скопје доаѓаат и мислам дека ги извезуваат костените за Италија, таму многу се бара костенот за правење брашно, слатки и друго. Затоа потребно е костенот да се врати во изобилство на Шар Планина, за да можат луѓето од овој регион од нешто да егзистираат - рече жител на Беловиште. 
Познавачите на состојбите велат дека костеновата шума не носи само приход, туку таа е значајна и за заштита на животната средина, а неговите големи корени и стебла ги спречуваат ерозивните процеси. 
- Во костеновите шуми живеат голем број цицачи и разновидни птици. Широките стебла и корени многу помагаат во спречување свлечишта на земјата, тоа науката го докажала, не јас. Освен ракот на кората на костенот, причина за намалување на костеновите стебла на Шар Планина е и неговата сеча за огрев и мебел од дрвокрадците. Да не беше неплански исечена костеновата шума, немаше да се случи она лизгање на земјиштето во Шипковица пред неколку години, кога загинаа и неколку лица. Костенот сигурно би ги спречил ерозивните процеси што беа предизвикани од поројните дождови - вели Сашо Матовски од институтот „Бела биста“. 
Во тетовското село Беловиште се одржа седмата по ред Шарпланинска костенијада, која има за цел да ја промовира вредноста на костеновата шума и плодот од костенот, од кој жителите од овој крај можат да егзистираат, но и да се заштитат од евентуални ерозивни процеси. 
На манифестација беа презентирани и дегустирани производи, чија главна состојка е костеновиот плод.

Извор: “Слободен печат“


Previous
Next Post »

pgallery

[Gallery][pgallery]