Загревањето на дрва ја труе Битола во зима


Населбите Дрвен Пазар, Јенимаале и Ат Пазар се алармантно загадени, особено во периодот по 15 часот, кога се потпалуваат огништата со дрва. Домаќинствата и институциите во текот на зимскиот период учествуват со 70 отсто од емисиите на ПМ-честичките.
„Геосфера“ достави до Општината 30 предлог-мерки за намалување на аерозагадувањето: пошумување, велосипедски патеки, субвенционирана струја и печки на пелети, огревно дрво со низок процент на влага, мерки за РЕК Битола и други.

Централното градско јадро во Битола е екстремно загадено, а високите концентрации на ПМ-честички во воздухот во најголем процент се последица на согорувањето на дрвата за огрев во домаќинствата.
Населбите Дрвен Пазар, Јенимаале и Ат Пазар се алармантно загадени, особено во периодот по 15 часот, кога се потпалуваат огништата со дрва. Ова го открива истражувањето што во изминатите три месеци го спроведе географското друштво „Геосфера-Битола“.
– Во околината на основното училиште „Даме Груев“ и градинката „Пролет“, каде што се идентификувани загадувања и од пекарниците, текстилната фабрика и домаќинствата, аерозагадувањето е екстремно.  Другиот реон е лоциран на Баирот, покрај обиколницата, каде што е забележано масовно палење на отпад на отворено, палење на кабли – изјави Мите Ристов, претседател на регионалното географско друштво „Геосфера-Битола“.
Во градот се идентификувани 145 аерозагадувачи, врз основа на кои е изработена Интерактивна карта на Гугл-мапс. Во текот на истражувањето, Геосфера изврши шест мерења на ПМ-10 честичките на 13 локации во и надвор од градот, со цел да се утврди од каде доаѓа аерозагадувањето.
Алармантно загадувањето оваа зима било на 26 декември, кога биле измерени концентрации од речиси 700 микрограми суспендирана прашина на метар кубен, 14 пати повисока вредност од максимално дозволената. Во јануари имало вкупно 26 дена со високи концентрации на честички повеќе од максимално дозволените. Домаќинствата и институциите во текот на зимскиот период учествуват со 70 отсто од емисиите на ПМ-честичките.
– Од направените анализи се констатира дека најголем процент на загадување емитираат домаќинствата, поради тоа што консумираат огревно дрво што има висок процент на влага, со што се создава многу голема количина на ПМ-честички. Со достава на сертифицирано огревно дрво со низок процент на влага, до август ќе се намали аерозагадувањето во градот за најмалку 50 проценти. Голем дел наши граѓани дојавуваа на нашата фејсбук-страница дека им ги носат дрвата во ноември, а на некои и во декември. Влажното дрво дава некаде околу 7 до 8 пати повеќе ПМ 10 честички од сертифицирано суво дрво – рече Ристов.
Во брошурата што ја објави „Геосфера“ пишува дека ПМ-честичките поради малиот пречник можат преку алвеолите во белите дробови да навлезат во крвотокот на организмот и да се таложат во крвните садови, предизвикувајќи тромбови, мозочни и срцеви удари. Смртноста на населението во Битола од срцеви заболувања според процентот е пред ракот, а тоа во голем процент е последица на аерозагадувањето.

РЕК Битола исфрла отрови со илјадници тони

„Геосфера“ наведува дека отежнувачка околност за Битола е тоа што на растојание од 13 километри се наоѓа РЕК Битола, од каде што, според мерењата во 2012 година, на годишно ниво имало емисии на ПМ10 честички од 9.257 тони, седум до осум пати повисоко од дозволените вредности. РЕК Битола исфрла и сулфур диоксид шест до седум пати повеќе од дозволеното, како и големи концентрации на тешки метали.
Географското друштво изработи и достави до Општината 30 предлог-мерки за намалување на аерозагадувањето, што подразбираа пошумување, изградба на велосипедски патеки, субвенционирана струја за битолчани и субвенционирање на печки на пелети, достава на сертицифирано огревно дрво со низок процент на влага, мерки што РЕК Битола ќе ги спроведе за намалување на загадувањето и друго.
Од локалната власт велат дека битолчани не се одговорни за високиот процент на аерозагадување во градот, туку одговорна е државата што не им овозможила систем за греење кој помалку ќе загадува.
– Сериозно ги разгледуваме сите предложени мерки за да видиме што може да се спроведе од нив. Длабоко сум убедена дека оваа соработка ќе има уште поголеми резултати во иднина. Она што го воочивме во нивното истражување, но и она што ние го имаме како сознанија, е токму аерозгадувањето од нашите домаќинства што не се должи на тоа што граѓаните биле неодговорни, туку на тоа што државата не смогнала сили да направи друг систем за загревање. Не е по нивна вина, туку пред сѐ тоа е вина на политиките што се воделе – изјави Наташа Петровска, градоначалник на Битола, напоменувајќи дека e почната акцијата за засадување на 3.000 садници на повеќе локации во градот.
Во проектот на „Геосфера“ учествуваа граѓаните кои преку апликација на мобилен телефон имаа можност да пријават аерозгадувачи, како и ученици од две средни и седум основни училишта, со намера подигнување на еколошката свест кај младата популација.

Анета Блажевска



Previous
Next Post »

pgallery

[Gallery][pgallery]