Кога одговорноста и безбедноста на планините ќе бидат земени сериозно


Како се почнува текст за стандардите во планинарењето и безбедното движење во планина ден, откако на планина ќе ти загине пријател кого си го сакал како да е твоја крв? Дали ќе можеш да си ја задржиш објективноста за да го пренесеш она што го знаеш на што е можно поголем круг на луѓе кои треба да слушнат што имаш да кажеш? Ќе можеш ли да ги поставиш вистинските прашања?
А дека нешто сериозно не е во ред со македонското планинарство денес, тоа, за жал стана очигледно на најужасниот можен начин – со два изгубени млади живота. На планина која се искачува лесно како што го искачуваш Водно. Но, не секогаш и не во секакви временски услови. Тоа го знаат сите што некогаш качиле повисока планина и ја почувствувале нескротливата моќ на природата. Тоа го знаат и оние кои го искачиле Кајмакчалан, во зимски услови. Таму планината е блага и питома, но климатските специфики, судирот на топлите и влажни струи од Егејот и студениот ѕид од север произведуваат ветришта, врнежи, ја прават да биде се освен лесен залак. За жал, се уверивме дека таа може да биде и смртоносна стапица.
На прв поглед, нештата во македонскиот планинарски спорт се чинеше се одвиваат релативно добро. Сведок сум дека последниве шест-седум години се` повеќе млади луѓе се решаваат да се движат по планините на нашата претежно планинска земја. Не е ни чудо, прекрасни се, на дофат ни се, нудат извонредни можности за спортување и, што е најважно, се одлично место за бекство од грдиот урбанизиран лом во којшто живееме.
Што поголемо сивило те опкружува, толку поголем е копнежот да избегаш од него, да се опкружиш со шума, жубор на поток, кристално чист воздух што жедно го вдишуваш. Нема да претерам ако кажам дека планините денес се едни од ретките места каде се уште можеш да се почувствуваш дека си жив и дека си дел од природата. Поради тоа, токму младите поитаа да се вклучат во некои од планинарските клубови кои во претходните децении живееа свој, донекаде изолиран и не многу масовен, живот по планините низ Македонија и регионот. Дел од нив се пронајдоа себеси во алпинизмот, качувањето по карпи, а последниве години особено популарен стана и маунтинбајкиног, возење велосипед по планинарски предели.
Подемот на планинарењето ги затекна планинарските клубови неподготвени за навалицата на ентузијасти, млади и не толку млади, кои се втурнаа во бегство надвор од градовите. Социјалните мрежи, преку кои идејата за дружење и активно спортување на чист воздух и во прекрасна природа, допре до илјадници, само го забрзаа залезот на некогашните неприкосновени планинарски друштва или клубови. Денес оние кои не згаснаа официјално, преживуваат во зависност од тоа дали и колку помасовни тури ќе бидат способни да организираат. Некои тоа го прават поуспешно, некои се помалку успешни во ова време на Фејсбуци, Инстаграми и што ли уште не.
Е, масовноста, тоа е темата.
Масовноста носи пари. За организаторот на планинарската тура. Математиката е едноставна – повеќе учесници, повесела и поубава тура, повеќе воодушевени споделувања на фотографии на Фејсбук, позаинтересирани да бидат дел од магијата. Која навистина се случува бидејќи на добро организирана тура учесникот може да го доживее она што не го ни сонувал- изгрејсонце во пејсаж како од бајките, бои, мириси и звуци, споделени со луѓе кои ти се сродни и со кои се зближуваш, те носи адреналин, среќен си, живееш. И сакаш уште, и уште. Здравата зависност од физичка активност и чист воздух од една и фин, мал но константен профит од друга страна. Сите се добитници, губитници не би требало ни да има. Но, дали е баш така?
Повеќе луѓе на планина се, пред се`, одговорност.
Одговорност ќе мора да има дури и да ги носиш на ќебапчиња, тие 30, 50, 100 души, а камоли на 2600-700 метри надморска височина, кадешто шумата им отстапила место на тревнети падини или каменити стрмини. Некои помалку некои повеќе опасни. А каде е тука факторот време? Тој е исто толку сериозен фактор во делот на одговорноста на организаторот, исто толку или, го покажа тоа Кајмакчалан на најужасниот начин, можеби дури поважен. Но, во време на интернет и вмреженост, ние не излегуваме ниту од дома без да провериме какво ќе биде времето, а камоли кога тргнуваме на планина, каде климата е далеку посурова и каде временските услови далеку потрубулентно се менуваат одошто во центарот на Скопје.  
Сепак, сведоци сме дека, и покрај сознанијата за усложнување на временските услови, што е само еуфемизам за надоаѓачко невреме на планина, планинарски тури, и тоа често и со голем број на учесници, сепак се одржуваат. Дури и тогаш кога снежната покривка е до коленици, маглата се спушта, вијулици удираат, подлогата станува мазен мраз,громови се закануваат, дожд немилосрдно те шиба. Си тргнал, ќе одиш, нема назад.
А, некогаш навистина и нема назад, таков е теренот. Мокра трева, ронлива карпа, сипар, калливи патеки, шумска стрмина, се` работи против безбедноста на учесниците, на планинарите. Обврска на организаторот, кој морал детално да ја знае патеката по која ја води групата и сите нејзини карактеристики, имајќи ги постојано на ум временските услови кои се менуваат за минута, доколку се влошат значително, е планинарската тура да ја запре, а учесниците безбедно да ги врати назад на почетната точка. Ризикувајќи, секако, незадоволство, префрлања, караници, барање на поврат на пари за прекината или неодржана тура. Помеѓу два огна, оној на одговорноста и оној на безбедноста, организаторот е исправен пред нималку привлечната идеја да гори. И да изгори.
Каде е тука безбедноста, ќе прашате.
Формално, секој планинарски клуб има обврска своите клубски активности да ги спроведува со назначени водичи, кои, како што името им кажува, ја водат групата, се грижат нејзиното движење да се одвива по утврдена патека, да ги поттикнува да се движат со одредена брзина бидејќи мора да се остави време и за враќање, што е посебно важен чинител во кусите зимски денови, и да даде насоки кога и како ќе се одвива враќањето. Во пракса, меѓутоа, се случува поради бројноста на групата не секој учесник да има пристап и комуникација со водичите, кога колоната е развлечена, физичката подготовност на сите учесници не е иста или кога некој од учесниците самоволно ќе реши да не ги почитува условите кои ги најавил организаторот па тргнува по друга патека, непотребно се задржува на одредени точки или одбива да ги послуша укажувањата.
Во пракса, меѓутоа, се случува и водичите да не бидат на висина на задачата, од незнаење, невичност или лоша обученост. Сите овие ситуации сум ги видела на терен. Во такви околности – кога во групата имаш неодговорни поединци, кога има недоволно обучен, неискусен или невешт водич или кога организаторот се решава да не биде препознаван како некој што кани па откажува тури, во такви услови се случуваат несреќи. Кршења на нозе, раце, ребра или најужасното – смрт.
Чија е одговорноста? На организаторот?
Да, мора да биде, неминовно, но одговорот ни оддалеку не е така едноставен. Проценката дали некоја организирана планинарска тура ќе се одржи или не мора да ја направи токму тој, но свој удел во одговорноста имаат сите, до еден. И водичите и планинарите, сите што се пријавиле и тргнале тој ден на планина. Кој кажува кој поединец е зрел да ја преземе одговорноста за безбедноста на група  луѓе, кои ги води низ потенцијално опасни ситуации?
Јас знам имиња, да се разбереме, но тоа мене како планинар никогаш не ми помогнало доволно да бидам спокојна дека сум безбедна на планина, едноставно, довербата што ја имам, е само делумна, еве, признавам. Делумно и затоа што јас не знам која институција, кој авторитет гарантира дека е се во ред. Едноставно, не сум убедена дека сертификатите за водичи кои некои луѓе ги имаат се гаранција дека знаат што прават, секогаш и секаде.
И на крајот, факторот-човек. Планинарот.
Или оној што посакал да се нарече тоа, бидејќи денес на планина доаѓаат и поединци кои не би ги пуштила ни во бавча да ми влезат, а не да ги водам на планина. Планините ме запознале со прекрасни личности, несебични другари на кои можам да се потпрам и знам дека ќе ми пружат рака или ќе ме заштитат во сложена ситуација, го правеле тоа.
Но, познавам и гледам и неодговорни,недисциплинирани, дрски и невоспитани, кои мислат дека, ако платиле за учество на планинарска тура, таму можат да се однесуваат како ќе им текне, без да ги следат насоките на организаторот или директивите на водичите. Доаѓаат несоодветно опремени на тури каде опремата може да значи безбедност или повреда,се спротиставуваат, си тераат по свое, се одвојуваат, се караат, се алкохолизираат.
Гледам млади луѓе кои не се свесни ниту за себе, своето тело и својата безбедност, а уште помалку дека се нафатиле да бидат дел од група, која има своја динамика и свои закономерности, без кои не може да функционира онаму каде се упатила, во дивина. Не разбираат дека на планина нема демократија, нема надгласување, нема инает. Бидејќи сето тоа може скапо да се плати. На планина, последниот збор мора да биде оној на водичот, се разбира на вистинскиот водич, чиј збор и одлука тежат и живот значат. Инаку, несреќата никогаш нема да биде предалеку.
Многу неискажани проблеми се напластија во македонското планинарство. Ова е само врв на ледениот брег, кој се појави пред нашите очи во мигот кога се соочивме со смртта на две прекрасни личности, на двајца другари планинари. Но, тоа не значи дека тие не беа видливи за нас кои се дружиме со планините ниту на Федерацијата на планинарските спортови на Македонија, која постои за планинарите. Само што не смееше да дојде до ова за да се сетиме дека постојат.
Некој мора да ги утврди правилата на однесување во планина и да најде начин тие правила да заживеат. Нема изговори, не смее да има. Во спротивно, наместо да му се радуваме на животот во планините, ние ќе ги оплакуваме жртвите.
Југослава Дуковска, планинар

Извор: /novatv.mk/


Previous
Next Post »

pgallery

[Gallery][pgallery]