Греењето на дрва најисплатливо, на пелети еднакво еколошко


Греењето со огревни дрва се уште е економски најисплатливо во Македонија, а греењето со електрична енергија е еколошки најприфатливо, оценуваат експертите. Според нив, грејната сезона во Македонија најчесто трае шест месеци, од кои во три е неопходно поинтензивно греење, додека во останатите најчесто се сведува на делумно загревање на просториите.
Посочуваат дека најевтино достапно греење во Македонија е со огревно дрво, а доколку доволно би се развил гасоводниот систем во земјава и со тоа би се зголемила потрошувачката на природен гас, првенство би имало греењето на гас. Во моментов гасот е достапен само за домаќинствата во Куманово и Струмица, а во останатите делови од земјава се уште нема соодветна гасоводна мрежа.
Според публикацијата „Потрошувачка на енергенти во домаќинствата“ 62 отсто од вкупниот број домаќинства во Македонија користат дрва како примарен извор на енергија, 29 отсто се греат на електрична енергија, а само осум отсто се приклучени на централно парно греење.
Во Македонија има и можност за загревање со геотермални води, особено во Кочанско, но тие најчесто се користат за одгледување градинарски култури под стакленици.

Греењето на дрва се уште најисплатливо

Експертите велат дека просечно македонско домаќинство годишно користи од три до 10 метри кубни огревно дрво за загревање или најчесто околу шест метри кубни. Доколку се подели вкупната дрвна маса со бројот на метрите кубни неопходни за греење се добива дека повеќе од 130.000 домаќинства се греат на огревно дрво.
Цената во ЈП „Македонски шуми“ е 2.270 денари со ДДВ за метар кубен буково и 2.470 денари за дабово дрво, а дополнително се плаќа за товарот и транспортот. Со сите давачки изнесува 2.670 за буково и 2.870 за дабово огревно дрво. Просечната, пак, малопродажна цена за метар кубен буково огревно дрво во приватните складишта се движи од 3.000 до 3.600 денари, а кај дабовото дрво е поскапа за 200 до 300 денари по метар кубен. Тоа покажува дека за греење со огревно дрво просечно македонско домаќинство одвојува од 18 до 22 илјади денари годишно.
Познавачите велат дека во Македонија најчесто се грее една соба. Доколку, пак, се загреваат повеќе простории или домаќинството има сопствено парно греење на дрва, потрошувачката на огревно дрво оди и до 20 и повеќе метри кубни на годишно ниво за што се неопходни и повеќе од 60.000 денари годишно.

Субвенциите причина за заживување на греењето на пелети

Со субвенциите за купување на печки на пелети го зголемија бројот на граѓани што се греат со овој енергенс. Субвенцијата во Град Скопје изнесува 70 отсто од вредноста на печката на пелети, но не повеќе од 30.000 денари, а мерката не ги опфаќа домаќинствата што имаат приклучок на градското централно греење.
Печката на пелети троши од 10 до 15 килограми пелетни дневно, а цената на пелетите во зависност од квалитетот и тежината во малопродажните објекти се движи од 160 денари за 10 килограми до 260 денари за 15 килограми. Од тоа произлегува дека месечните трошоци изнесуваат над 5.000 денари или околу 30.000 денари на годишно ниво за загревање на површина од околу 60 метри квадратни.

Пелетите речиси исто загадуваат со цепаниците

За печките со пелети проф. д-р Димитров порачува дека согоруваат дрво и оти составот на она што се согорува како цепаница и на пелетите е потполно ист.
– Процесот на горење подразбира директна трансформација на јагленикот кој оксидира или согорува со кислородот и од јагленик Ц се добива продукт ЦО2. При тој процес се ослободува топлинска енергија. И во пелетот и во дрвото Ц се претвора во ЦО2. Ц се содржи во целулозата и во другите составни делови што го формираат како дрво, а има и минерали и други состојки кои се во дрвената маса кои при согорувањето се ослободуваат и излегуваат преку чадот. Согорувањето со подобра контола какво што имаат печките на пелети овозможува помала емисија на пепел и на честичките, но не може да ги елиминира сите отровни и штетни материи кои ги содржи дрвото да се емитираат во воздухот, појаснува Димитров.
Токму тие, нагласува, се оние материи кои се канцерогени, како што се повисоко организираните јагленохидрати, битуоли, како и сите тешки метали од дрвото.
– Тие во иста количина одат во атмосферата и од килограм дрво и од килограм пелети. За тоа главна причина е емисијата од ниските оџаци од куќите кои најчесто се со еден или два ката до максимум три. Затоа чадот паѓа надоле, а кога има инверзија климатските услови прават чадот воопшто да не може да се дигне, туку се враќа назад. Кај печките на пелети има за десет пати помала емисија на цврсти честички во споредба со согорувањето на цепаници во обична печка, но отровните делови се исти, појаснува проф. д-р Константин Димитров.

извор:   МИА


Previous
Next Post »

pgallery

[Gallery][pgallery]