Од триесетина планинарски дома половината пропаѓаат
Последниве години планинарењето добива поголем интензитет кај домашната популација, но поради тоа што планинарите ја знаат состојбата со постојните планинарски домови, ретко се одлучуваат за повеќедневни престојувања на планина
Состојбата со планинарските домови во Македонија се помести од мртва точка, но по иницијатива од индивидуалци и поради ентузијазмот на планинарските друштва. Сепак, таа сѐ уште не е добра. Сликата воопшто не е примамлива за развој на планинарството, а уште помалку за планинарскиот туризам. Едни се заглавени во судски спорови, други заборавени, некои без струја и вода, некои се подобновени, некои се реконструираат. Некои изгорени, некои целосно руинирани. Од триесетина дома, на прсти се бројат оние што се во солидна состојба и што добро функционираат. А и тие малкуте работат без домар, и само за викенди.
Планинарите, членовите и претседателите на планинарските друштва, Федерацијата на планинарски спортови на Македонија, љубителите на природата, сите засегнати страни, се согласни дека ова е болна тема, дека состојбата е загрижувачка, дека нашите домови се стигма на планинарството и дека ни е потребна итна стратегија за нивно подобрување.
Велимир Граоркоски долгогодишен планинар и член на планинарското друштво „Макпетрол“ вели дека планинарските домови во една земја се слика за нивото на планинарската култура на нејзините жители.
Велимир Граоркоски долгогодишен планинар и член на планинарското друштво „Макпетрол“ вели дека планинарските домови во една земја се слика за нивото на планинарската култура на нејзините жители.
- Во Македонија немаме речиси никаков напредок од онаа култура што сме ја наследиле од поранешната држава, особено во делот со планинарските домови и нивното менаџирање. Намалената посетеност произлезе индиректно и од укинувањето на некои традиционални планинарски маршеви и собири на кои присуствуваа гости од цела поранешна Југославија. Посебен пример е и воениот конфликт од 2001 година во кој на Шар Планина загубивме дури три планинарски дома и тогаш никој не поднесе иницијатива за веднаш да се обнови барем еден од нив. На тој начин една од најголемите планини на Балканот остана само со два планинарски дома - вели Граоркоски.
Во соседна Бугарија, пак, само на една планинарска патека има по два-три дома, солидно изградени со исклучителна услуга.
- Не велам дека треба целосно да се следи тој пример, бидејќи преголемата натрупаност со планинарски домови има и негативно влијание врз локалните екосистеми, но сепак не смееме да дозволиме планини со огромна површина како што се Шар Планина, Бистра и Мокра, да имаат само по два планинарски дома или, пак, планини од исклучително значење како Кораб и Јабланица да немаат ниту еден. Последниве години планинарењето добива поголем интензитет кај домашната популација, но поради тоа што голем дел од планинарите ја знаат состојбата со постојните планинарски домови, ретко се одлучуваат за повеќедневни престојувања на планина. Ниту странските гости не го прават тоа, а тие, особено лете, претпочитаат да кампуваат на отворено. Исклучок претставуваат неколку солидно опремени планинарски дома, кои се мошне посетени, но, за жал, тие се наоѓаат во населени места или во нивната близина до каде што може да се стигне и со возило, што станува мода во последно време. Тоа значи дека во суштина таквите домови ја рушат границата помеѓу планинарски дом и угостителски објект и како такви не се од корист за вистинските планинари - додава Граоркоски.
За да можеме да ја подобриме состојбата со планинарските домови во Македонија, треба најпрво да се одредат подрачја каде што смеат да се градат планинарски објекти, па потоа да се одлучи конкретно кои локации се најдобри за да се изградат домови при што треба да се разгледаат неколку параметри како присуство на вода, безбеден терен, минимална оддалеченост од населено место или друг планинарски дом итн.
- Најважно е при изградбата да се инсистира да не се гради пристапен пат за пренос на материјали. И секако, потребно е државата конечно да согледа дека планинарењето може да биде клучно за развој на алтернативниот туризам воопшто и да се вклучи во тие активности, помагајќи ги ФПСМ, планинарските друштва и поединци при реновирање на старата и изградба на нова планинарска инфраструктура - категоричен е Велимир Граоркоски.
Пред 35-40 години интензивно се граделе планинарски домови и се водело грижа за нив затоа што се вреднувало она што е општествена сопственост. Денес имаме триесетина планинарски дома, од кои едвај половина се во добра состојба, а другите пропаѓаат, не функционираат, или функционираат само за потребите на одредени групи.
- Сето тоа е затоа што немаме стратегија. Не треба да одиме подалеку, туку да се завртиме околу нас, и да ги видиме најактивните домови во Бугарија, Грција, Црна Гора. Потребно е да ги имаат основните, минимални услови за користење, да бидат скромни, удобни, чисти и пријатни за секој што престојува во нив. Да имаат куќен ред и тој да се почитува. Менаџирањето на еден дом не е толку едноставна работа бидејќи пред сѐ се работи за објект што е на помалку достапно место, а сето тоа ги отежнува работата и функционирањето. Затоа, тоа треба да го прават човек, група луѓе или клуб (организација), кои навистина ја познаваат работата и знаат да функционираат во такви околности - вели Јован Божиноски, претседател на планинарскиот клуб „Љуботен“.
Според него она што ни недостига се: реална база на податоци за активни - неактивни, организирани - неорганизирани планинарски домови во Македонија, државна стратегија за легализирање, управување и како тие да станат подостапни за корисниците, бизнис-планови за функционирање за секој објект посебно, управители, менаџери, тимови што би ги воделе домовите и, за жал, недостига култура кај корисниците на планинарските домови.
- Голем пропуст е и што нема планинарски домови и на сите планини, но, за среќа, и добра волја на членовите од алпинистичкиот клуб „Патагонија“ од Охрид од следната година ќе има дом на Галичица. Но исто така не треба да заборавиме дека во минатото имало повеќе домови, примерот со Шар Планина, а денес ги нема. Доколку би имало стратегија, според потребите, можностите, заинтересираноста и логичната конекција, би се поставиле насоки и задачи за разработување конкретни планови и проекти за градење нови домови со капацитети и услови предвидени во проекциите. Според мене, домови фалат на секоја подолга еднодневна планинарска тура во Македонија - посочува Јован.
Планинарскиот дом „Љуботен“, со кој управува ПК „Љуботен“ од Тетово, е првиот планинарски дом изграден во Македонија, во 1931 година.
- Во моментов домот се реновира и не е во употреба. По завршување на втората фаза, која е планирана да заврши во септември 2018 година, објектот ќе може да се користи. Тогаш домот ќе располага со поткровна просторија за 15 лица, две соби за по 8 лица, две соби за 4 лица, заеднички тоалети и бањи на кат. На долниот кат трпезарија за 30 лица, кујна и тоалети, а веднаш до објектот 5 бунгалови за две лица со сопствен тоалет - додава Божиноски.
Како што нѐ информира планинарот и член на планинарското друштво „Кожуф“ од Гевгелија, Ристо Каркалашев, на Кожуф од страната на Гевгелија се наоѓа ПД „Висока Чука“. Своевремено бил еден од најголемите планинарски домови во Југославија, со 40 легла со тоалет на секој кат од домот, голема кујна, како и сопствена библиотека. По распаѓање на Југославија домот нема официјален сопственик и така низ годините пропаѓа поради нечија негрижа и моментално е една обична руина. Имало неколку обиди од ПД „Кожуф“, како и од поединци бизнисмени да се земе домот на користење, со што би се одржувала неговата функционалност, но обидите биле залудни поради нерасчистени правни основи.
- Пред неколку години ПД „Кожуф“ го доби на користење старото училиште во селото Конско, кое беше во очајна состојба, но планинарите успеаја да го реновираат. Домот се наоѓа на 20 километри од Гевгелија, располага со 20 кревети. Ова е единствениот планинарски дом на овој дел од Кожуф. Но и овде ние планинарите се соочуваме со проблемот сопственост, до пред една година не се знаеше под чиј надзор припаѓа објектот, па, така, општината Гевгелија изработи елаборат за него и моментално е на општината - вели Ристо.
Тој додава дека во Македонија има многу објекти како стари училишта, караули и слично, кои се оставени да пропаѓаат, а се идеални за планинарски домови, сѐ што треба е државата и општините да направат договори со планинарските друштва за да можат да ги користат одреден период, а со тоа ќе се инвестира во нив, ќе се зачуваат објектите и што е најважно планините ќе бидат попристапни за секој планинар или турист.
- Домовите во Македонија, освен новиот на Беласица - „Шарена чешма“, во последниве години се намалуваат, горат, се распаѓаат или се заглавени во судски спорови. Да не одиме подалеку, во Бугарија има над 250 и во повеќето се нуди и храна и пијалак, па можете со мало ранче да отидете на планинарење на повеќе дена. Летно време се врши резервација со време, инаку нема место. Во скоро секој дом има и веб-камери, и повеќето се дадени од друштвата на приватни лица да стопанисуваат со нив. Во Србија има 40, но само десетина работат во текот на целата година, другите се како нашите, по потреба и сместени во напуштени училишта - вели претседателот на ПД „Трансверзалец“, Зоран Костадинов.
ПД „Трансверзалец“ управува со планинарскиот дом „Смрека“ сместен на Попова Шапка. Има 95 легла. До пред 4 години работеше нонстоп, а сега само по потреба.
На Пелистер се лоцирани домот на Големо Езеро, „Неолица“ и „Широка“, а изгорениот дом „Копанки“ чека подобри времиња за повторна изградба.
- Домот на Големо Езеро е во наша сопственост и работи само налето, затоа што се наоѓа на висока надморска височина, во зима тежок е пристапот и нема услови за престој - изјави Петар Нолев, од планинарскиот клуб „Пелистер“.
Домовите на Плачковица се во добра состојба, со решен статус и неодамна реконструирани. На Осоговските Планини, пак, нема ниту еден дом, иако по својата површина е втор планински масив во Македонија. И покрај неколкуте иницијативи нема никаков објект за планинарите.
- Една од целите на нашиот новоформиран планинарски клуб „Калин Камен“ е иницирање планинарски дом. Зборувавме со надлежните од општината, но и со странски инвеститор пред сѐ за обновување на караулата на Царев Врв со што би добиле употреблив објект во срцето на Осоговијата. Но тешкотии се јавуваат пред сѐ околу обезбедување техничка документација, како и постапката за утврдување на сопственоста околу самиот објект. Но ние како клуб сме подготвени и за изградба на приватен објект доколку не ни успее првиот план - вели Сочко Тасевски од „Калин Камен“.
Домот во Малотино изгоре во пожар пред околу десетина години, истата судбина го снајде и „Копанки“. Домот во селото Дејловце, „Појак Калман“ е одамна напуштен и целосно нефункционален. Истата карма ги снајде и „Јелак“, „Дервен“, „Црквиште“...
Планинарски дом “Копанки“ на Пелистер пред пожарот
Планинарски дом “Копанки“ на Пелистер после пожарот
Планинарски дом “Копанки“ на Пелистер после пожарот
- Домот „Длабочица“ на Козјак има капацитет од 18 легла, две спални соби, кујна и голема трпезарија. По потреба, може да се спие и на таванот во вреќа. Во близината на овој дом, се наоѓа уште еден дом, караула, кој исто така е во функција - велат од ЗПЗП „Козјак 2013 Куманово“. Позитивната страна е што во последно време се отвораат и планинарски куќи како што е „Белојшки бисер“ во Беловиште, домот под Кобилица во Вејце, куќата на Вешала, хостелот „Китка“, манастирскиот објект во селото Варвара, „Конак“ на Шапка, „Вила Љуботен“ под врвот Љуботен и други. Сепак тие не ја пополнуваат празнината на планинарските домови.
ФПСМ ЧЕКА ОДЛУКА ОД ВЛАДАТА
- Моменталната состојба на планинарските домови и прифатилишта со кој на овој или оној начин раководи ФПСМ се со нерешен статус, односно нерегулирана сопственост или катастарско пишување на објектите - вели Живко Темелкоски, претседател на Комисијата за планинарски домови при ФПСМ.
ФПСМ упати барање до Владата со кое бара сопственост врз „Даре Џамбаз“, планинарскиот дом „Бегово“, „Јелак“, кулата на Титов Врв, планинарската куќа „Јосип Станчиќ“, „Китка“, „Караџица“. Како и ревизија на приватизацијата на објектот и земјиштето на Караџица, Дервен, Средно Водно - Шест чешми и Матка.
- Планинарските домови се изградени од страна на Планинарскиот сојуз на Македонија со сопствени средства пред повеќе од 50/60 години. Земјиштето на кое се изградени овие објекти е сопственост на РМ, но објектите односно планинарските домови се изградени од страна на ПСМ односно денес ФПСМ и тие во согласност со Законот за сопственост и други стварни права, треба да бидат наша сопственост. За некои домови, поседуваме и комплетна документација за нивната изградба. Некои од планинарските домови се и целосно разрушени и се надвор од каква било употреба. Поради нерешениот сопственички статус, досега во изминатиот период се доставени повеќе писма до Владата на РМ со барање овие домови Владата со одлука да ни ги отстапи во трајна сопственост или на користење, но досега не сме добиле никаков одговор. Сега повторно упативме барање до Владата да ја разгледа информацијата за статусот на планинарските домови, да ја прифати и да донесе одлука според која планинарските домови, кои се изградени од ФПСМ, да бидат отстапени во сопственост на федерацијата и конечно да се реши овој повеќедецениски нерешен сопственички статус на планинарските домови - посочи Темелкоски.
Откако статусот ќе се реши, ФПСМ ќе може да преземе активности за подобрување на состојбата на планинарските домови во Македонија.
Автор: Сања Јачевска
ConversionConversion EmoticonEmoticon