Веќе неколку пати пишувам за значењето на заштитата на шумите за шумарството. Мое мислење е дека недоволно и посветуваме внимание на оваа исклучително значајна дејност во шумарството и дека недоволно се трудиме да ги зајакнеме своите капацитети за ефикасно справување со нејзините предизвици.
Исто така имам впечаток дека ЈП “Македонски шуми“ не е доволно опремено и обучено за справување со шумските пожари. Тоа е исклучително скапа и опасна работа, за која се потребни скапи специјализирани возила, посебна опрема и добро обучени лица. Затоа големата радост и воодушевување од неодамнешната донација на посебно опремени возила наменети за локализирање на шумски пожари во почетна фаза, лесно може да се претвори во едно големо разочарување и фарса.
Заштитата само изговор и претстава за пред јавноста
За поединци во Јавното претпријатие изгледа дека Договорот помеѓу Дирекцијата за заштита и спасување и ЈП “Македонски шуми“ за зајакнување на капацитетите за справување со шумски пожари имал значење колку едно парче “тоалет хартија“. Ваквиот арогантен и безобразен однос кон Законите и Договорите мислевме дека се само минато, но изгледа сме биле во заблуда.
Она што пред неколку недели беше помпезно најавувано како големо зајакнување на капацитетите за заштита од шумски пожари, изгледа дека било само убава една убава претстава за пред јавноста.
За оние кои не се запознаени со ситуацијата, пред неколку недели Владата на Република Македонија, преку Дирекцијата за заштита и спасување на ЈП “Македонски шуми“ и подари 4 наменски возила со монтирани пумпи за ефикасно справување со шумски пожари. Тоа се исти онакви шумски пожари кои секоја година предизвикуваат огромни штети на шумарството, а пред некоја година токму поради недоволната опременост и обученост на вработените во Јавното претпријатие во Стримица однесова 4 човечки животи.
Според планот тие би требало да им бидат дадени на користење на по една подружница од источниот, западниот, северниот и јужниот дел од нашата држава, од каде со нив би можело да се интервенира за гаснење на шумските пожари во почетна фаза и на териториите на околните подружници.
И додека повеќе од подружниците за кои првично беа наменети возилата без големо воодушевување го примија тоа, бидејќи со тоа ќе си отворат дополнителни обврски при појава на шумски пожари во соседните региони и екстра трошоци за одржување, една од подружниците жестоко инсистираше да земе едно од возилата.
Тоа би требало да е за пофалба, бидејќи би требало да значи дека тука сериозно го сватиле значењето на заштита и опасностите од шумските пожари, но во реалноста не е така. Изгледа дека таа подружница никогаш и немала намера да се грижи за зајакнување на своите капацитети за заштита на шумите и справување со шумски пожари, туку целта и било да се манифестира ароганција и моќ врз првите луѓе од претпријатието.
Па така, само што било превземено од страна на подружницата возилото наменето за локализирање на шумски пожари кои се во почетна фаза, за помалку од 24 часа истото било размонтирано и по се изгледа пренаменето за друга намена.
Уште истиот ден возилото било однесено во еден од складовите каде му била отстранета пумпата, со што се наметнуваат прашањата:
· Дали со своеволието на поединци е прекршен Договорот потпишан од страна на првите луѓе на ЈП “Македонски шуми“ и Дирекцијата за заштита и спасување, како и одлука на Управниот одбор ?
· Дали постои одлука од Управен одбор за размонтирање на опремата за гаснење шумски пожари и за користење на ова возила за други цели освен за заштита ?
· Дали со тоа постои можност да биде повлечена оваа донацијата ?
· Дали ваквото несовесно работење може да биде сериозна причина за во иднина да нема слични донации ?
· Дали пред да се извади опремата истата е тестирана и проверена дали е исправна, бидејќи сеуште би требало да е под гаранција ?
· Дали со размонтирањето на опремата е извршено од стручни и овластени лица, дали со тоа истата е оштетена и дали сеуште е функцинална ?
· Дали со своеволното растурање на опремата се губи и гаранцијата, која воглавном е поврзана со овластени сервиси ?
Незнам дали со ова поединци сакале на првиот човек во Јавното претпријатие и на Управниот одбор да им демонстрираат моќ, дека немаат авторитет врз нив и дека тука нивната воља е на врвот од пирамида, но тоа би можело да значи елементрарно непочитување на Договорот потпишан од страна на првите луѓе на ЈП “Македонски шуми“ и Дирекцијата за заштита и справување, како и одлука на Управниот одбор. Имено, можно е во Договорот да стои клаузула дека доколку опремата не се користи наменски, дарителот да има право истата да ја повлече со финансиска надокната за нејзино враќање во првобитната положба, како и за сите евентуални оштетувања и дефекти.
Со тоа поединци во Јавното претпријатие свесно би ги ослабнувале капацитетите за заштитата на шумите и справување со шумски пожари. Колку за информација за помалку упатените, како резултат на климатските промени и суви зими, шумски пожари во изминативе години често се случувале и во овој период од годината.
Со вакви постапки се преставуваме како несериозни и недоверливи
И не само тоа. Со ова, поради своеволието на поедници можно е да се доведат под знак прашање и остварувањето на сите наредни слични донации, бидејќи оние што донират сакаат гаранции и сигурност дека нема да испаднат идиоти и дека нивните донации ќе се користат совесно и за намената за која се подарени.
Според неофицијални информации постојат реални шанси да се оствари голема донација на слични возила од Република Турција. Наводно при неодамнешната посета на раководните лица од ЈП “Македонски шуми“ на Република Турција, искажано било расположение од страна на ТИКА (турска административна организација за развој и соработка) за донација на уште околу 30-ина нови слични возила и 10-ина специјални камиони цистерни за гаснење шумски пожари. Сепак поради нашиот несериозниот однос и немањето искрени намери да се зголемат капацитетите за справување со шумску пожари, туку само да се дојде до возила за без пари кои веднаш би се пренамениле за друга намена, сето ова би можело да падне во вода.
Турска донација од возилото за гаснење на шумски пожари
Колку за потсетување донација на вакви возила од ТИКА имаше и во 2010 година и засега неофицијално постои расположение да се продлабочи соработката и дополнително да се изврши зајакнување на нашите капацитети за справување со шумски пожари.
Изговорите слабо оправдување
Мислам дека изговорот дека поради тоа што сега е сезона со мала веројатност од шумски пожари не е оправдание за пренамена на возилата, бидејќи тие треба постојано да се спремни за реакција во најкус можен рок. Според таа логика, на пример во здравството во периоди од годината кога има најмала потреба од интервенции на возилата за прва помош, тогаш на истите би можела да им се извади болничката опрема и да се користат како комбиња за транспорт на компири во болничката кујна.
Наместо ваквите возила да им се доделат на вработените задолжените за заштита на шумите и со нив постојано да патролираат и дежураат во деловите со висок ризик од појава на шумски пожари, со нив поединци ќе се развозуваат насекаде.
Според сегашната ситуација, во случај на појава на шумски пожар, најпрво ќе треба да се повика да дојде на работа оној кој го вози возилото, од тука ќе треба истиот да отиде во складот да се монтира пумпата, па таму ако механичарите не се на одмор или боледување ќе треба да се монтира пумпата, потоа истата ќе треба да се наполни со средство за гаснење на шумскиот пожар, па да се тестира дали случајно од стоење да не и “исчезнал во непознат правец“ некој дел и поради тоа да не е во функција, па дури тогаш ќе може да се интервенира за гаснење на шумскуот пожар. Ништо од т.н. “прв одговор“, бидејќи не само што ова може да трае со часови, туку и со денови. Дотогаш пожарот може да биде толку многу раширен што секоја интервенција со вакви противпожарни возила ќе биде залудна и закаснета.
Со тоа изгледа ќе испадне дека залудно од Дирекцијата за заштита и спасување донираа дел од опремата, бидејќи наместо да им се олесни работата и шумските пожари да се локализираат во почетната фаза, целиот товар за справување овие непогоди повторно ќе падне на нивниот грб.
Од ваквите ситуации може да се заклучи дека за жал освен имињата на функционерите во нашата држава, малку што друго е променето, па така и понатаму “тоалет хартија“ договорите се на сцена. Изгледа освен ротација на раководните места и по некоја “козметичка“ измена, ништо не е променето во односот кон шумарството, заштитата на шумите и почитувањето на законите и Договорите. Па така под изговори од типот дека “сите така работат“ и дека “одсекогаш така се работело“, во шумарството работите си продолжуваат со исто темпо и иста насока како и порано.
Сепак сеуште се надевам дека конечно во нашата држава ќе преовладува разумот и дека конечно ќе почнеме да работиме согласно Законите, Договорите, правилата и принципите, во спротивно тешко дека ќе имаме перспективна иднина.
Авторот е магистер по шумски науки
ConversionConversion EmoticonEmoticon