Дали граѓаните имаат корист од постоење лиценцирани за стручни работи од областа на шумарството


Една интересна тема поврзана со шумарството во изминатиов период постојано е недоискажана. Тоа е приказната за лиценцираните субјекти за изведување на стручни работи од областа на шумарството.
Оваа приказна започна во не така далечната 2013 година, кога Владата на Република Македонија неофицијално за да ги удоволи желбите на нај(не)успешниот менаџерски тим на ЈП “Македонски шуми“ во историјата на неговото постоење, со измени и дополнувања на Законот за шумите (сл.весник на РМ, бр. 79/2013) воведе новина со која се овозможуваат одредени стручни услуги од областа на шумарството да ги вршат лиценцирани шумарски инженери.
Не е доволно јасно за иницијаторот на оваа одлука за издвојување на приватните шуми од монополот на ЈП “Македонски шуми“, сепак кај поголем дел од доброупатените лица во шумарството постои убедување дека тоа е направен по барање на менаџерскиот тим на јавното претпријатие за “купување на поени“ кај членовите на Владата.
Оваа одлука колку и да беше далеку од здрав разум за јавното претпријатие, сепак тоа беше интересна идеја за шумарската фела со која се овозможи да се создаде еден вид пазар на трудот за шумарските инженери. Со тоа на голем број на невработени шумарски инженери им се создаде можност да станат претприемачи и да се самовработат преку основање мали претпријатија од областа на шумарството. Имајќи ги во предвид јаките страни на малите претпријатија и претприемништвото, со тоа широко се отворија вратите за преку нив да се внесе нов импулс во квалитетот на услугите и степенот на развој.
И така и бидна. На општо задоволство на граѓаните квалитетот на услугите се подобри. Проблемите со кои се соочуваше ЈП “Македонски шуми“ кои имаа директно влијание врз квалитетна и брза услуга се чинеше дека се минато и дека поради нив веќе нема да страдаат граѓаните. Граѓаните веќе не мораа да чекаат да дојде денот кога референтот за приватни шуми ќе има на располагање возило за да отиде во планина и да им изврши дознака за сеча или да има бензин во возилото. Тие добиваа услуга уште истиот ден, па дури и екстра услуги како што е бесплатно средување на потребната документација.

Менаџерскиот тим на ЈП “Македонски шуми“ пишман аџија

Но како што обично бива кај нас пишман аџија, според одредени шпекулации за кратко време менаџерскиот тим на јавното претпријатие се попишманува за оваа одлука. Ваквата одлука им се удира од глава и во неспособноста на менаџерскиот тим да обезбеди производство и прилив на пари, со неа им се создава дупка во џебот. Одеднаш сваќаат колкаво значење имаат овие “ситни“ пари од приватни шуми за обезбедување на лажен впечаток на успешност.
Па така, смислуваат приказна со која ќе си ги повратат приватните шуми под свој режим. Доаѓаат до идеја како пред премиерот да се престават жртви и како херојски да си ја исправат нивната глупава одлука да се откажат од монополот врз приватните шуми.
Па така се пласира приказна со обвинување дека лиценцираните ја легализираат дивата сеча на шумската мафија и дека таа година од приватните шуми на пазарот излегле околу 350 илјади метри кубни огревно дрво, што било исто колку и од јавното претпријатие.
Одеднаш се подига лавина од обвинувања и се одпочнува кампања против лиценцираните дека се криминалци кои наместо во приватни парцели беспоштедно ги сечат државните шуми, алудирајќи дека поради тоа менаџерски тим работел со загуби. Кон оваа приказна се приклучуваат и тендерашите кои започнуваат да се жалат дека наместо во приватни шуми, лиценцираните вршат дознака во државните шуми кои би требало тие да ги сечат.
Додуша во одреден степен и биле во право за кражбите, бидејќи неколку лиценцирани навистина си земале “преголема слобода“. Но според добро информирани тоа не било ништо ново, бидејќи одсекогаш се правела таа шема на уништување на државните шуми на сметка на приватните, само со таа разлика што до сега немало кој да го пријави овој вид на криминал.

Акцијата “Гора“

И така успеаваат да ги убедат авторитетите во големиот криминал кој се прави под покровителство на лиценцираните и сензационално се смислува акција со кодно им “Гора“. И почнува страшен терор и репресија врз лиценцираните. Без разлика дали има основани индиции за криминал или нема, тие се третираат како најголеми криминалци и непријатели на нашата држава. Се вршат упади по канцеларии и домови и се стават под стрес цели фамилии.
Не ги кривам припадниците на МВР бидејќи тие само си ја работеа работата и ги следева командите на некои други, кои пак мораа да ги следат наредбите на некои други кои исполнуваа желби на некојси менаџерски тим кој по секоја цена сакал да си ја прикрие својата неспособност.
Тие се труделе да најдат некоја неправилност - и нормално, кај кого и да влезете и чија работа да исконтролирате ќе најдете некоја неправилност, без разлика дали станува збор за сериозен прекршок (а рака на срце имаше и тоа какви) или од типот дека заборавил да стави точка на крајот на решеницата и наместо проста употребил проширена реченица во текстот од записникот. Јас сум целосно убеден дека истите тие контроли денеска да се извршат во било која подружница ќе се најдат 10 пати поголеми неправилности одколку што сензационално се наоѓаа кај голем дел од лиценцираните.


Но како бива, при сила нема правдина. Сите лиценцирани без разлика на чесноста беа ставени во еден кош и сите топтан се прогласија за големо зло на шумарството кое треба од корен да се искорени.
Сето ова резултира со нова измена и дополнување на Законот за шуми (сл.весник на РМ, бр. 160/2014) и веќе следната 2014 година се брише се што има врска со лиценцираните и тие заминуваат во историјата. Со еден потез се поништуваат лиценците и приватните шуми повторно преминуваат во рацете на монополот на ЈП “Македонски шуми“. Но срамот и последиците отануваат, тие не може да се избришат со гумичка за бришење на делови од некакви закони.
И така како што се шпекулира, благодарение на каприците на тогашниот менаџерски тим на ЈП “Македонски шуми“, многу лица остануваат извисени. Некои од нив за да станат претприемачи претходно ги напуштиле сигурните работи и сега наеднаш остануваат на улица без работа, додека некои други кои ги инвестирале своите заштеди во оспособување на фирмите преку ноќ остануваат и без пари и без бизнис. Но кого му е гајле за тоа, сто стапа по туѓ грб болат помалку. 
Сепак останува недоискажано кога се посекла поголема количина на дрвна маса во приватни шуми, дали со појавата на лиценците или во периодот пред и после нив.

Бенифити од лиценцираните

Иако одлуката на ЈП “Македонски шуми“ да се откаже од монополот кој го имаше врз приватните шуми изгледаше многу глупав потег (неофицијално без нејзина согласност и потпис тоа немало никогаш да се оствари), сепак од таа одлука како нус производ произлегова многу добри можности. Ако се иземе самото јавно претпријатие, од ваквата одлука корист имаа безмалку сите. Па така:
·         За шумарските инженери се создадоа можности за претприемништво и самовработиување. Со тоа се создадоа можности кај оваа фела да се валоризира храброста, иницијативата и стручноста. Едноставно ако некој неможеше да се вработи по струка или ако мислеше дека е недоволно платен и ценет во јавното препријатие, можеше да отпочне сопствен бизнис.
·         За  граѓаните се подобри квалитетот на услугите. Веќе немораа да чекаат со денови или недели да биде извршена дознака во нивната парцела, се шпекулира дека повеќе немораа да даваат пари - за бензин во џипот - кој постојано беше со празен резервоар, повеќе не мораа да купуваат доручек или ручек. Некои лиценцирани на задоволство на граѓаните дури и вршеа и ситни услуги поврзани со средување на документи и вадење поседовни листови и сл.
·         Се подобри контролата на работите поврзани со приватни шуми. Ако досега немаше кој да ги контролира референтите по приватни шуми, бидејќи бројот на шумски инспектори е премногу мал за да можат се да постигнат, сега вработените од јавното претпријатие постојано им дишева во врат на лиценцираните. Нема да навлегувам во тоа дали тоа го правеа од желба да се сочуваат шумите или од завист за изгубената “тезга“, но секако дека се подобри контролата и заштитата на шумите.
·         Можно е да се намали криминалот со уништување на државните шуми наместо да се сечат приватните шуми. Ова “можно“ го ставам поради тоа што треба да се провери, дали тогаш се сечеше помалку одколку сега. Имам некои недоволно проверени информации, ама ќе се воздржам од шпекулации, доволна е насоката за надлежните институции да го испитаат тоа.  
  


Сепак имаше и пропусти

Сепак имаше и некои постапки во самата процедура за издавање на лиценци и недоречености во Законот за шумите, кои оставаа простор за сомнителни активности.
По донесување на измените и дополнувањата на Законот за шумите, почнале да се издаваат лиценците, но според многумина премногу селективно. Поради тоа, долг период на некој начин ексклузивитет на оваа привилегија имале грст на лица кои имале добри услови да го соберат кајмакот од новосоздадената можност и добро да се позиционираат на пазарот. Многумина лица кои подоцна добиле лиценци се жалеле дека премного долго ја чекале лиценцата и можноста да почнат со работа.
Покрај тоа одредени документи беа големо оптеретување за граѓаните, тука конкретно мислам за геодетскиот елаборат. Реално овој документ не беше нешто ново и тој сеуште се бара, но за мали површини и мала количина на дрвна маса тоа е сепак трошок кој не е за занемарување. Оттука многумина беа на став дека најголем бенифит од сечата во приватни шуми имаа геодетите, на кои им се отвори широко поле за работа и надоместокот за нив доста често беше повисок одколку за услугите на лиценцираните шумари.
Многу добро упатени во шумарството како недостаток го сметаа и одсуството на плански документи за стопанисување со приватни шуми. Имено на површини до 10 ха немало обврска да се изработува план за стопанисување со приватни шуми т.н. Програма, со што во помалите парцели се запоставувало одржливото стопанисување и заштитата на шумите. Според законот за шумите, приватните и државните шуми еднакво се третираат и според тоа и за едните и за другите потребно е да се поседува план за одржливо стопанисување. Голем број на противници на оваа забелешка сметаат дека двата листа хартија наречени ЕВИДЕНЦИСКИ картон е всушност плански документ, но за добро упатените тоа е всушност дел од планскиот документ наречен “Посебен план за стопанисување со шуми“ каде истиот е наречен Образец 11.

Да се вратат лиценцираните

Со најновите измени и дополнувања на Законот за шумите сепак мислам дека е најдобро да се врати можноста за услуги на лиценцирани лица во приватни шуми. Изгледа дека нај(не)успешниот менаџерски тим во историјата на шумарството, сепак донел одлука (или се согласил со неа) која што била добра за сите – освен за нив самите.
Би било убаво новите авторитети во шумарството и новата Власт во нашата држава сериозно да пристапат кон ова прашања и како што им доликува да донесат одлука која ќе биде во полза на граѓаните.
Мое лично мислење е дека е добро да се вратат лиценците, со таа разлика што никој да нема ексклузивно право на тоа, туку ЈП “Македонски шуми“ и лиценцираните подеднакво да можат да се борат на пазарот за благонаклонетоста на граѓаните. Со тоа граѓаните да имаат избор, па кој ќе понуди подобри и поквалитетни услуги, тој да си работи.

П.С. Она за дискутабилноста на успешноста на претходниот менаџерски тим на ЈП “Македонски шуми“ доаѓа од тоа што се поделени мислењата за нивната успешност. Додека за едни тие се многу успешни, за други тие се најнеуспешните во чие време производтвото било речиси еднакво на етатот на шумската мафија.


Previous
Next Post »

pgallery

[Gallery][pgallery]