Улога и значење на шумите


Еколошката, економската и социјалната функција на шумите се од огромно значење за одржливиот развој на државата. Шумите претставуваат совршени “еколошки фабрики“ и идеално живеалиште за многубројни живи организми, а истовремено и благодет за човекот.
Користејќи ги само јаглеродниот диоксид, водата и минералните материи, под влијание на сончевата енергија, тие не само што го произведуваат за нас неопходниот кислород,  го  прочистуваат воздухот од прашина и јаглерод диоксид, туку произведуваат и огромна количина биомаса (дрво и лисја), со која се хранат многу живи организми.
Шумите имаат директно влијание врз атмосферските прилики, односно климата на земјата, така што влијаат на намалување на количините на јаглеродниот диоксид во атмосферата, кој предизвикува глобално затоплување, односно ефект на стаклена градина, поради што доаѓа до зголемување на температурата на земјата.
Тие учестуваат и во процесот на кружење на водата во природата, односно ја користат водата од почвата, која подоцна, во процесот на транспирација, повторноја враќаат во атмосферата.
Покрај тоа што шумите претставуваат основа на животната средина, тие се извор на разни суровини кои човекот ги употребува за своја егзистенција. Шумите се незаменлив природен ресурс, кој дава материјални добра во прв ред дрво и други шумски производи, како лековити растенија, делови од растенија, печурки, шумски плодови и сл.
Дрвото кое го произведуваат шумите има широка примена во градежништвото, дрвната и хемиската индустрија, а дрвната биомаса, односно остатоците од дрво и лисјата, може да се користат како извор на топлотна и електрична енергија, што претставува еден од принципите на одржливиот развој.
Шумите имаат и естетско влијание на околината, а влијаат и на социјалните аспекти во животот на човекот, така што со нивната убавина и богатство на растителен и животински свет привлекуваат многу туристи, а со тоа придонесуваат за развој на туризмот во државата.


Previous
Next Post »

pgallery

[Gallery][pgallery]