Огражден е планина што се протега во југоисточниот дел на Република Македонија и тоа помеѓу реката Турија на запад, Безгаштевска и Дворишка река на север и границата со Република Бугарија на исток. Безгаштевска и Дворишка река јасно го одвојуваат Огражден на југ од Малешевските Планини на север. Огражден се протега речиси во напореднички правец, со сосема мала насоченост од северозапад кон југоисток. На територијата на нашата држава, зафаќа површина од 345,5 km кв., а значителен дел од планината продолжува во Бугарија. Западниот огранок на Огражден, помеѓу реките Турија и Суви Лаки е познат како Обесеник, со највисок врв Два Камена (1285 m). Локалното население Обесеник го смета за одделна планина, иако е јасно поврзан со централниот дел на Огражден. Инаку, Огражден е средно висока планина со највисок врв Огражден (Огражденец), 1746 m, кој се наоѓа во централниот дел и е главно под шума. Од него, ѕвездесто продолжуваат повеќе кратки планински била од кои се издигаат заоблени возвишенија – врвови. Најмаркантни се: Аџиица (1474 m) на самата граница со Бугарија, Чукаро (1470 m) малку позападно од претходниот, Чардак (1333 m) јужно од највисокиот врв, Два Камена (1285 m) на Обесеник и др. Од споменатите врвови се протега прекрасен панорамски видик кон Струмичка Котлина на југ или кон долината на Струма на исток.
Највисоките планински делови јужно од врвот Огражден.
Освен билата и врвовите, од релјефен поглед мошне атрактивни се долините на Турија, Јазга, Штука и др. Тие се длабоко всечени, со клисурски изглед и доста расчленети. Долинските дна се тесни, а речните корита со голем надолжен пад, брзаци и неколку помали водопади. Бидејќи планината е изградена главно од гранитни карпи и гнајсеви кои се подложни на т.н. селективна ерозија, на јужните падини често има појави на уникатен денудациски релјеф. Така, во долините на Јазга и Штука се јавуваат стотици карпести изданоци во вид на камени столбови, пеќурки, остенци, висибаби и сл., високи од едвај 1-2 m, па до огромни громади со височина до 30 m. Создавањето на вакви форми е потпомогнато и со претераното обешумување (дива сеча) на планината над селските населби, со што се активирала силна, дури и претерана ерозија. Така, во еден широк појас долж подножјето, на височина од 300-800 m има голем број долови, долчиња, јаруги, бразди, плавини и др.
Огромна камена (гранитна) громада на Огражден, висока 20-25 m.
Климата на планината е различна од северната кон јужната страна. На северната страна е континентална, со свежи лета и студени зими, особено во повисоките делови. Кон Струмичката Котлина, климата е потопла, посебно во подножјето, каде е присутно изменето медитеранско влијание. Просечните годишни температури опаѓаат со височина и од југ кон север, од 13°С на околу 300 m надморска височина, до само 5-6°С на 1500-1746 m. Во ист правец врнежите се зголемуваат од околу 600 mm до 850 mm годишно во највисоките делови. Според тоа, за разлика од јужната страна кон Струмичко, на северната страна климата е континентална, постудена и повлажна, а воздухот е свеж и чист. Огражден е богат со многу планински извори, кои се слаби, меѓутоа најчесто постојани, освен во подолги сушни летни периоди. Десетици извори со питка и студена вода се зафатени како чешми, а од нив посебно значајни се: Лазова Чешма кај Суви Лаки, потоа Студена, Илишова Чешма, Бела Чешма и Каден Чешма западно од врвот Огражден, Крвавичева Чешма над с.Штука, повеќе чешми помеѓу Чукаро и Аџиица и др.
Питомата природа на Огражден над с. Штука.
Освен извори, има бројни потоци и рекички кои припаѓаат на сливот на Струмица на југ и на Лебница на север, а и двата наведени слива се дел од Струмското сливно подрачје. Подолги и покарактеристични рекички се: Дворишка со Преведенска Река и Безгаштевска Река на север, Турија на запад, Јазга со Шипок, Штучка Река, Василица и Бајковица на југ. Во подножјето има една поголема (Турија) и 3 помали акумулации: Иловица (кај с.Иловица), Новоселка (кај с.Ново Село) и Чаушица (кај с.Дрвош). Истите се доста атрактивни и во последно време, покрај за наводнување и водоснабдување, се користат за туристички цели (посебно риболов).
Езерото Турија сликано од Огражден.
Вегетациски, голем дел од Огражден е под листопадни шуми, посебно дабова и букова. Освен шуми, има пространи планински пасишта, а се среќаваат поголем број ендемични растенија, лековити растенија и др.
Јужните падини на Огражден кон с.Иловица.
Според сето споменато, Огражден има доста природни вредности и атрактивности. Особено вредни се планинските била и врвови, потоа долините-клисурите на Дворишка Река, Турија (до Суви Лаки), Јазга и Штука по чии страни има уникатни денудациски форми, потоа бројните извори, потоци и рекички, свежиот и чист воздух, густите шумски комплекси, разновидниот животински свет и др. Најдобри природни погодности има за планинарење, трекинг и планински велосипедизам, а во таа смисла, меѓу поатрактивни патеки се:
· Бела Вода-врв Огражден-Сушица,
· Превој Палазлија-Драгулево-Студена Чешма-Иловица,
· По билата околу Бајковска Река до врвот Аџиица,
· Ново Село-врв Огражден-Бела Вода и др.
Природните вредности и атракции условиле на Огражден да се развијат 2 туристички локалитети и тоа Суви Лаки и Бела Вода.
Суви Лаки е туристички локалитет на патот од Берово за Струмица на надморска височина од околу 1000 m. Во овој дел на планината е извориштето на две реки и тоа Безгаштевска, од која се формира реката Турија на запад и Преведенска, од која се формира Дворишка Река на североисток. Природата овде е преубава, чиста, со густа шума, а воздухот е богат со кислород. Во околината има бројни студени извори и планински потоци. Суви Лаки има околу 450 викенд куќи, 2 детски одморалишта, а со урбанистичкиот план е предвидена можност за градба на уште стотина викенд и комерцијални објекти.
Преубавото било на Огражден кај Студена Чешма.
Бела Вода е неодамна изграден туристички комплекс на 4 km североисточно од Суви Лаки (на патот кон Берово). Се состои од неколку бунгалови (со апартмани и соби), прекрасен ресторан, рибник, отворен базен, катче за деца и др. Посебна атракција се коњите од расата индијански мустанзи кои се примамливи за гостите. Самиот комплекс е сместен во прекрасна букова шума, во долината на рекичката Бела Вода, притока на Преведенска Река, на 1050 m надморска височина. Интересно е што летните температури овде се околу 8-10 степени пониски од оние во Струмичко Поле, а ноќите секогаш се свежи и пријатни. Затоа во лето е полно со туристи и се бара место повеќе за ресторанот или за преноќување.
Дел од комплексот Бела Вода, на северните падини на Огражден.
Покрај наведените локалитети, одлични можности за туристички развој имаат селските населби Иловица, Штука, Сушица, Барбарево, Стиник, Бадолен, Ново Село и др. Сепак, претходно мора да се изгради соодветна инфраструктура, солидни сместувачки капацитети, да се понудат туристички содржини и производи, да се изврши добра промоција и сл.
Како и да е, Огражден е планина која навистина има што да понуди и заслужува многу повеќе внимание во идниот период.
Автор на текстот и фотографиите: д-р Ивица Милевски
Извор: /igeografija.mk/
ConversionConversion EmoticonEmoticon