Шумските ресурси покрај важните и многубројни општокорисни функции кои ги исполнуваат, имаат и економска функција. Во Македонија според официјалните извори годишната побарувачка за огревно дрво се движи околу 900.000 м³ и истата се задоволува со производство на огрев но дрво од шуми во државна и приватна сопственост.
Исто така, во дрвната индустрија се преработуваат околу 100-120.000 м³ техничко дрво кое потекнува од шумите во Македонија.
Според статистичките податоци за увоз - извоз, може да се види дека увозот на дрвни производи е поголем од извозот за дури 40 милиони долари. Најголем дел од увозот отпаѓа на иверки, четинарска граѓа, столарија, паркет и влакнатици.
Дел од дефицитот на домашни производи кој се покрива со увоз се должи на затворањето на поранешните производни капацитети од дрвната индустрија, а дел е поради дефицитот во ресурси кој го има Македонија во техничко дрво од четинарски дрвни видови. Само 4-5% од шумите се чисти четинарски насади и уште толку (4-5%) е учеството на четинарите во мешаните насади.
При производството на огревно и техничко дрво, работно се ангажираат лица кои изведуваат работи на сеча, дотур и превоз и притоа обезбедуваат приходи за себе и своите семејства.
Поголем дел од овие лица се жители на селата во планинските предели. Шумите покрај дрвните производи имаат економски потенцијал за населението со другите шумски производи: билки, плодови, печурки и дивеч. Секоја година дел од населението во Македонија собира шумски плодови и истите ги употребува за себе или ги продава на пазарот.
Во Македонија традиционално се собираат околу 50 видови на печурки, а годишно се извезуваат околу 320 тони со вредност од околу 2 милиони долари. Од чаевите и зачините годишно се извезува околу 1.100 тона со вредност од околу 1,4 милиони долари. Откупот и извозот го вршат неколку претпријатија (Алкалоид Билка, Јака, Коро и други).
Од дивите овошја и плодови може да се спомене боровинката која во 2001 година е извезена во количина од 83 тона и вредност од 86 илјади долари. Костенот се собира во количина од 250 тона годишно. Тука спаѓаат и шипката, малината, капината, дренката, трнинката. Во последно време се бараат и дивото јаболко, круша, вишна, цреша како додатоци за овошните чаеви.
Селскиот и планински туризам во поново време имаат се поголемо значење за развојот на руралните подрачја, каде населението кое живее во близина на шумските предели има можност да учествува во овој вид на туризам преку давање услуги на туристи кои имаат желба за престој во предели кои изобилуват со природни убавини, како шумите. Услугите се состојат во сместување на туристи, приготвување традиционални јадења, водење на туристи по патеки за прошетка и тн . Ваков вид на туризам веќе е во развој и функционира со одредена туристичка понуда во некои делови во Македонија: Брајчино (Преспа), Берово, Галичник.
Што се однесува до економскиот потенцијал на шумите во приватна сопственост, тоа зависи од големината на парцелата, состојбата на шумата, прирастот итн. Шумите кои имаат потенцијал за производство на техничка дрвна маса се со поголем економски потенцијал за сопственикот. Тие шуми обично имаат и поголем тековен прираст од нискостеблените шуми (над 4м³/ха). Нискостеблените шуми имаат помал тековен прираст (од 1 до 2м³/ха) и имајќи ја предвид просечната големина на парцелите во Македонија, огревното дрво обично го користат сопствениците за свои потреби. Секако потенцијалот на шумата зависи и од други фактори: видот на дрвото, квалитетот на насадот, теренските услови, отвореност со патишта, близина на пазар итн.
ConversionConversion EmoticonEmoticon