ЈАБЛАНИЦА – една од најубавите планини во Македонија!



Многумина кои ја посетиле планината Јабланица, се воодушевени од убавината на оваа планина. Некои ја сметаат за наша најубава планина, други ќе кажат дека е „Шар Планина во мало“, дека е Вевчанска или Подгоречка „убавица“. Планината е фасцинантна во секое годишно време: разликата е само во колоритот, боите и доживувањето. Затоа, речиси сите кои барем еднаш биле на Јабланица, посакуваат повторно да ја почуствуваат оваа навистина уникатна планина.
А зошто е толку уникатна? Едноставно, затоа што на само неколку километри или на неколку часа пешачење, може да се видат толку прекрасни природни пејсажи, и секогаш има нешто ново што „ќе откриеме“… што ќе не воодушеви.


Јабланица е една од 13-те планини во Македонија, повисоки од 2000 м. Таа е „гранична“ планина, така што источниот дел се наоѓа во нашата држава, а западниот во Албанија. Планината се протега во меридијански правец и тоа од Дебарската Котлина на север, до превојот Ќафа Сан на југ. На исток (во Македонија), Јабланица е ограничена со Струшко Поле и долината на Црни Дрим, а на запад со долините на реките Буштрица и Окштуни во Албанија. Во двете држави зафаќа површина од близу 500 км кв, па за овој дел на Европа е мала до средна по големина планина.
Со државната граница која има главно меридијански правец (како и самата планина), Јабланица е поделена на половина, така што на Македонија и припаѓа источниот дел со површина од околу 230 км кв., а на Албанија западниот дел со површина од околу 260 км кв. Без оглед на административната граница, планината е убава и интересна од двете страни. Токму поради тоа, на албанската страна во 2008 година беше прогласен Националниот парк Шебеник-Јабланица.


Источниот дел на планината кој припаѓа на Македонија, има некоја посебна привлечност. Почнувајќи од истакнатите врвови и острите сртови кои ги поврзуваат, преку цирковите со прекрасните глацијални езера, до длабоко всечените долини со брзите планински рекички во нив. Поради карбонатните карпи, високите планински делови главно се суви, но затоа пак во подножјето има бројни извори, меѓу кои се далеку познатите кај селото Вевчани.
Дури и климата е уникатна, бидејќи до Јабланица се чувствува влијанието на топлите и влажни воздушни маси од Јадранското Море, кои тука се судираат со континенталните струења од исток. Можеби затоа, колку и да е ведро небото во овој дел на Македонија, над највисокиот предел на Јабланица постојано се формираат облаци. Во лето, климата е свежа и пријатна, додека во зима има чести, понекогаш дури и обилни врнежи од снег. Затоа, снежната покривка во високите делови на Јабланица, често е висока над 2 м, а снегот се задржува и до 5 месеци (од ноември или декември, до март или април).
Шумите и останатиот растителен свет, на планината и даваат посебна уникатност. Овде се застапени дабова, костенова и огромни комплекси на густа букова шума, а на одредени места има четинарски шуми (природни и пошумени). Шумите се искачуваат до околу 1800 м надморска височина, а над нив се планинските пасишта. Густите комплекси на букова шума, создаваат посебен климатски ефект, чинејќи го воздухот освежувачки, богат со кислород и со пријатна релаксирачка миризба. На неколку места се јавуваат густи комплекси на девствени шуми.
Освен шумите, од растителниот свет се јавуваат разновидни заедници на ретки, ендемични, лековити растенија, шумски плодови (јагоди, боровинки, капинки, глог) и др. Јабланица има исклучително разновиден животински свет. Така, од крупните животни се застапени мечки, волци, лисици, елени, диви свињи, зајаци, срни, па дури и Балканскиот рис, кој го има само на уште 3-4 планини во Македонија и тоа со по неколку единки.


Без оглед кој простор на Јабланица ќе се посети, чувството на вистински допир со природата е исклучително. Сепак, за да се види сиот раскош на планината, потребно е да се искачиме до нејзините највисоки предели и врвови. А тоа не е особено тешко, бидејќи без оглед од кој правец ќе тргнеме: од селата Вевчани, Горна Белица, Подгорци, Лабуништа или Јабланица, до височина од околу 1000-1500 м водат асфалтни или добри макадамски патишта.
Од тука, до највисоките врвови и назад, обично се потребни неколку часа пешачење со умерено темпо. Веќе на околу 1800 м кај што завршуваат шумите и почнуваат „голините“ се отвора неверојатна глетка, од една страна кон околните маркантни врвови, сртови и циркови, а од друга страна кон длабоките долини, кон Охридско-Струшката Котлина и преубавото Охридско Езеро.
Јабланица е интересна по тоа што иако е релативно мала по површина, има дури 24 врва кои се извишуваат над 2000 м. Некои врвови се остри, стрмни и каменливи, другите се малку позаоблени, но сите се посебни на свој начин. Секако, особен предизвик е искачувањето на највисокиот врв Црн Камен (2257 м), од кој се протега одличен панорамски видик. Од Црн Камен, на дофат се уште неколку истакнати врвови. Така, само 500 м на северозапад е вториот по височина врв со 2252 м, а во југоисточен правец, од сртот се издигаат Вевчански Врв со 2192 м и Крстец со 2186 м.
Ако се продолжи по главното било кон север, за неколку часа може да се дојде до остриот врв Пупуљак висок 2054 м, а на североисток од него е впечатливиот Стрижак (2233 м), според авторот на овој текст, еден од најубавите врвови во Македонија. Наведените планински врвови и гребените помеѓу нив, кон источната и северната страна се доста стрмни, каменливи и амфитеатрално обликувани.
Сосема е јасно дека претставуваат рамки на неколку големи циркови кои тука се изградиле за време на плеистоценот. Всушност, до пред десетина илјади години, Јабланица, како резултат на климатското заладување, положбата и близината до Јадранско Море, била зафатена со изразито силна глацијација. Десетина планински глечери се спуштале надолу под врвовите, кон долините, транспортирајќи и натрупувајќи еродиран карпест материјал во вид на морени.
Подоцна, во издлабените делови од цирковите, се формирале глацијални езера познати и како „Горски очи“. На планината има 4 вакви уникатни езера, кои месното население ги нарекува „локви“ и тоа: најголемото Подгоречко, потоа најдлабокото Вевчанско, и малите Горно и Долно Лабунишко Езеро. Сите се на височина од 1900 до 2000 м, извонредно вклопени во пејсажот, па не знае човек дали се поубави кога се гледаат од непосредна близина, од блиска височинка или од врвовите над нив. Интересно е што во летниот период, кога е сончево и жешко, водата во езерата е релативно топла. Така, при нашите посети забележавме повеќе странски авантуристи кои уживаа во капење на отворено, на 2000 м надморска височина!


Длабоко всечените долини се уште еден извонредно атрактивен елемент на Јабланица. Во тој поглед, особено се истакнуваат долините на Беличка Река и Јабланичка Река, а покрај нив интересни се долините и на Лабунишка Река, Подгоречка Река, Вевчанска Река и др. Рекичките во овие долини имаат голем пад со бројни брзаци, водопади, исклучително чисти, бистри и студени планински води. Во долините има доста извори, а посебна убавина имаат изворите на Беличка Река. Вевчанските извори пак се посебна приказна која со внимание се слуша далеку од границите на нашата држава.


Меѓутоа, овој наш планински бисер е под голема закана. Закана од човекот. Сечење и уништување на вековните шумски комплекси, пробивање на патишта, ерозија, свлечишта, деградација. Уште поголема закана е планот за изградба на скијачки центар токму во најубавиот дел на планината. Ако замислата почне да се реализира, веќе ќе го нема природниот високопланински пејсаж со цирковите и морените. Наместо нив, најверојатно ќе гледаме пусти жичарници, еродирани патеки полни со нанос, остатоци од градежни работи, бетон и рѓосано железо.
Според плановите, на Вевчанската голина ќе има мали акумулации и зафати за вода, ама веројатно Вевчанските извори веќе никогаш нема да бидат исти… или можеби сосема ќе исчезнат. А што е Вевчани без своите извори? Затоа, искрено се надевам дека споменатите планови ќе останат само тоа – планови на хартија.
Планината има сосема друга туристичка иднина: еко-туризам, геотуризам, геопаркови, адреналински паркови, зип линии, планински велосипедизам, трекинг, велнес туризам и многу други современи форми. За скијање туристите сепак нека одат во Банско, на Алпите или друга веќе видена дестинација.


За Јабланица има уште многу да се напише. Меѓутоа, најдобро е планината да се доживее на сопствен начин, барем додека е сеуште во „природна форма“. А таа, иако на карта ни се чини можеби далечна, всушност е на само 3 часа возење дури и од најоддалеченото место во Македонија.
При нашите посети, на највисоките делови од планината сретнавме восхитени туристи од Холандија, Данска, Франција, Германија, Турција… истражувачи од Италија, Австрија, Бугарија, па дури и од Египет. Некои од нив во Македонија дошле само заради Јабланица. Ни кажаа дека оваа планина крие многу одговори кои може да бидат значајни за науката: за тоа како се движи водата во подземјето, како се случувале промените на климата во минатото, што е причината за толку силна глацијација и огромните циркови. Дошле по одговори токму тука.
Дојдете и вие, веројатно ќе најдете некои одговори на сопствените прашања и дилеми. Но пред се, ќе ја опуштите душата, ќе го релаксирате телото и да се чувствувате како „нови“.

Автор и фотографии: д-р Ивица Милевски



Previous
Next Post »

pgallery

[Gallery][pgallery]