Лековити билки скапуваат на планините


Разновидни лековити билки вредни милиони евра скапуваат на планините и на полињата во Македонија. Само на една ливада можат да се најдат дури и десет разновидни лековити растенија, што е реткост. 
Илјадници хектари самоникнати лековити растенија има на Малешевските и Осоговските Планини, на Плачковица и Руен, на Голак кај Делчево, во Овчеполието, Виничко, Штипско и Кочанско... Планинскиот масив над Крива Паланка преку Македонска Каменица, Делчево, Пехчево, па се’ до Малешевските  Планини над Берово е огромен природен резерват на лековити билки. 
Сепак, никој во државата не се сетил тој дар од природата да го искористи на вистински начин. Експерти за лековити билки коментираат дека таквата ситуација е последица на неорганизираност и неодговорност. 
„Во државата има над три илјади растенија, од кои над илјада се со лековити својства. Од нив, 350 се комплетно проучени од современата фармација и медицина, со што е докажано нивното лековито својство. 
Со својата местоположба, својствата на почвата, микроклимата и географијата, нашата земја е извонредно погоден терен за самоникнати лековити растенија кои можат да се сретнат на надморска височина од сто до 2.700 метри“, вели директорот на Бирото за лекови, Илчо Захариев. Тој секој слободен момент го минува на планините во источниот дел на Македонија. 
Според него, речиси нема што нема од вакви билки. „Од алкалоидните ги има буниката, датулата, атропа беладона, сите за стомачни болки, а од нив се прават и лекови за Паркинсоновата болест и капки за очи. Од гликозитните во изобилство ги има сите кардиотонични билки, за срцева слабост, тука се момината солза, гороцветот... Современата медицина ги естрахира и од нив произведува лекови во форма на таблети и капки. Во Малешевијата се одгледува ‘рж, на кој како паразит расте ‘ржена гламница (морово рокче), од кое се добиваат три групи лекови. Тука ги има и билките што содржат етерни масла. Ако ги редиме сите лековити билки кои ги имаме во изобилство, ќе ни треба цел весник“, тврди Захариев. 
Населението кое живее во селата лоцирани во деловите пребогати со лековити билки ја нема потребната едукација, а државата не пројавила заинтересираност да ги собере милионите евра што скапуваат на ваков начин. 
„Некогашните откупни станици во Берово, Делчево, Штип, Свети Николе, Струмица, Виница, Кочани, па и во западна Македонија се затворени. Илјадници семејства кои главно живеат во рурални, односно мошне сиромашни средини, би можеле убаво да профитираат од големиот дар на природата. Жалосно е што и годинава ќе скапат илјадници тони жолт кантарион“, тврди Захариев. 
Според првиот човек на Бирото за лекови, Министерството за земјоделство мора сериозно да му се посвети на ова прашање и со раководствата на локалните заедници да поработи на отворање откупни пунктови и едукација на населението. Станува збор за подрачја кои се зачувани екосистеми, лековити билки кои виреат во незагадена природа, што фармацевтските куќи посебно го ценат. 
Ако нашите земјоделци произведуваат нешто што нема пазар, што не им се исплатува, тогаш надлежниот ресор, со осмислена стратегија за култивирано одгледување лековити растенија што имаат пазар, може многу да помогне. Ова посебно се однесува на деловите во кои постојат системи за наводнување, како што се Овчеполието, Штипско, Радовишко, Струмичко. 
Захариев вели дека е исклучително позитивно тоа што „Алкалоид“ сега инвестира големи средства во погонот за лековити билки што е со највисоки ЏВП-стандарди. Тоа ќе придонесе за поголем откуп на овие билки и позначаен извоз на лекови од познатата компанија, посебно на пазарот во САД. Но, тој додава дека Македонија мора да го врати и организираното производство на афион, кој меѓу двете светски војни бил засеан на 100.000 хектари, а денес одвај на илјада. „Само од афионот се добиваат дваесет вида лекови“, потенцира Захариев.

/utrinski.mk/


Previous
Next Post »

pgallery

[Gallery][pgallery]