Вргањот (Boletus edulis) е габа којашто се јаде, а која расте од месец мај па сè до месец ноември, но најчесто се собира токму во есенските денови.
Оваа есенска габа дефинитивно царува во есенските гастрономски игри. Вргањот има бело-кафеава боја и достигнува широчина на чадорчето до 30 сантиметри со дршка со дебелина до 7 сантиметри. Според народните верувања, се смета дека вргањот расте токму кога врне и кога има силни грмотевици, па токму затоа Јапонците уште од дамнешни времиња токму со помош на силен звук од тапани го стимулирале растот на оваа габа.
Ако немате добри познавања, најдобро е вргањот да не го берете сами, туку да го купувате од доверлив извор. При купувањето внимавајте плодот да не е оштетен, а слободно ѕирнете и под чадорчето. Жолто-кафеавата боја под чадорчето укажува на тоа дека габата е презрела.
Три причини зошто е одлично да јадете вргањ!
Вргањот е инаку огромен извор на вредни хранливи материи. А еве и зошто би требало да го сместите на своето есенски мени:
1.Одлична замена за месо
Во стотина грама сиров вргањ се наоѓаат само 80-на калории, а се содржат околу 7 грама протеини, поради што оваа намирница особено им се препорачува на личностите коишто не јадат месо или воопшто храна од животинско потекло.
Вргањот поседува и извонреден вкус, којшто добро се вклопува во најразлични јадења, при што може да го панирате и печете, комбинирате со јајца, да го додадете во намази и да направите вкусна супа.
2.Го смирува и му дава сила на организмот
Вргањот е богат со тиамин. Се работи за витаминот Б1 којшто е исклучително важен за нормално функционирање на нервниот систем. Освен тоа, содржи и рибофлавини, ниацин, пантотенска киселина и малку витамин Ц којшто го зајакнува целокупниот организам.
3.Го спречува заморот
Железото е клучно за пренос на кислородот во клетките на организмот. Токму затоа недостатокот од овој минерал во телото предизвикува замор како и чести вртоглавици. А за да се спречи ваквата состојба, избирајте храна богата со железо. Помеѓу останатото, одличен избор во ваков случај се и габите како што е вргањот, којшто задоволува пет отсто од дневните потреби за овој важен нутритиент.
Совети за чување
Вргањот е најдобро да се чува во картонско пакување до два дена, во ладилник. Помало количество од овој плод може и да се замрзне, спакуван во пластична фолија, со што така може да се чува и до година дена, а поголемите парчиња може да се насецкаат на помали и да се чуваат на сличен начин.
ConversionConversion EmoticonEmoticon