СЕНЗАЦИОНАЛНО: Според ФАО годишно во Македонија се трошат 2,2 милиони m³ огревно дрво ?!?


Мислевте дека знаете се, во заблуда сте биле. Сите знаевме дека во шумарството постојат кражби и дека длабоко е вкоренета шумската мафија, но најновите научни резултати покажуваат дека состојбата со уништувањето на нашите шуми изгледа дека е многу поалармантна.

Завршна работилница на проект на ФАО

На 17 ноември во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се одржа завршна работилница на проектот за „Техничка помош за користење на дрвната енергија за подобрување на одржливиот економски рурален развој и исполнување на целите за обновливи извори на енергија на Западен Балкан до 2020“, кој е поддржан од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
Овој проект е во согласност со Стратешката Рамка на ФАО, која придонесува кон тоа да се направи земјоделството, шумарството и рибарството да бидат попродуктивни и поодржливи.
Исто така Проектот е во согласност со Милениумските Развојни Цели (МДГ), а влијанијата од проектот се однесуваат на Обезбедување одржливост на животната средина.
Главна цел на овој проект на FAO е да се обезбеди поддршка на Владите на Албанија, Босна и Херцеговина и Македонија да го подобрат капацитетот на вработените во шумарската администрација за прашања од енергијата од дрво, да се надминат постојните проблеми со недостатокот на податоци за потенцијалот на дрвната биомаса, како и да се подобрат податоците за користењето на огревното дрво, со што ќе се помогне во постигнувањето на зададените цели за учество на обновливите извори на енергија во вкупната потрошувачка на енергија до 2020 година.
При тоа особено внимание се посвети на:
- Одредување на актуелните потенцијали на дрвна биомаса со помош на верификувани меѓународни методи;
- Одредување на актуелната потрошувачка на огревно дрво за затоплување на домаќинства, јавни установи, индустрија и останати категории на потрошувачи;
- Изработка на нов енергетски биланс за дрво и огревно дрво за да се исполнат задачите до 2020;
- Подобрување на институционалните капацитети на шумарската администрација и статистичките куќи за собирање и обработка на потребни податоци.
Проектот започна на 01.09.2015 година, и завршува на 30.11.2017 година. Од страна на ФАО канцеларијата во Будимпешта, беа ангажирани домашни и меѓународни експерти и институции за различни делови од проектот, како и од МЗШВ.

Резултатите поразителни за шумарството и за шумите

Во рамките на овој проект било спроведено истражување на територијата на целата држава, при што се добиени фрапантни податоци. Според нив, годишната потрошувачка во Република Македонија на огревно дрво изнесува околу 2,2 милиони m³, што е многу повеќе од она што досега го мислевме. Имено, според плановите за одржливо стопанисување годишно на ниво на цела држава треба да се сече околу 1 милион m³, во спротивно ризикуваме да останеме без шуми
Ако се земе во предвид дека годишното производство на ЈП “Македонски шуми“ кое за дадената година изнесувало околу 600.000 m³, дека од националните паркови според можниот етат да речеме дека се обезбедува околу 100.000 , а од приватни шуми уште околу 250.000 m³, се наметнува прашањето од каде доаѓа остатокот од огревно дрво. Што мислите од каде ???
Имајќи ја во предвид малопродажната цена на одгревното дрво која во зависност од регионот и периодот од годината варира од 2.000-3.900 денари (средно 3.000 денари), тоа значи дека малопродажната вредност на разликата на овие 2,2 милиони m³ со огревното дрво од така да речам легално евидентираното, изнесува неверојатни 50-60 милиони евра !?!? Тоа е страшно многу. И нека е 50% од тоа, повторно е страшно многу.
Ако резултатите од истражувањето спроведено во рамките на проектот на ФАО се покажат точни, тоа значи дека проблемот со кој се соочуваме е многу поголем, а последиците по шумите далеку покатастрофални.
Што да се каже повеќе, како што изгледа “парите“ ни ги голтаат шумите. А колку што гледаме, досега се откриени само ситни дрвокрадци со смешни количини на дрвна маса.
Гледајќи како се развиваат работите, господ да му е на помош и на шумарството и на шумите, а и на нас чија егзистенција ни е поврзана со шумарството.
 Наскоро треба да биде објавена публикација од целиот проект, во кој ќе бидат подетално објаснети резултатите од истражувањето. Со нетрпение го чекам тој момент за подетално да се запознаам со целиот проект и неговите резултати.


Previous
Next Post »

pgallery

[Gallery][pgallery]